РЕАГИРАЊЕ: И по предавник предавник…

Потикнат од последниот натпис на Тони Трифуновски Седек во прилог на расветлување на вистината и на последните случувања во Карпош уште неколку информации: Во смисла на продолжениот рок за кандидирање една од најатрактивните позиции кои треба да се пополнат е онаа за кандидат на СДСМ во Општина Карпош.

Во изминативе два дена се вртеа две имиња и тоа едно про-форма бидејќи не постои искрена желба за соработка ниту од двете страни, а тоа е Радмила Шекеринска. Едната верзија велеше дека Шекеринска ја одбила понудата, а во другата верзија се велеше дека Петров тоа успешно го превенирал, пред Црвенковски да се впушти во разгледување на можноста Шекеринска да биде прашана. Како и да е, настапот на Шекеринска на последните предвремени парламентарни избори како кандидат за иден премиер не остава многу простор за верување, имајќи го предвид нејзиниот склоп и систем на вредности, дека би прифатила кандидирање за една локална скопска енклава, макар таа била и бастионот на СДСМ, Општината Карпош.

Точни се покажаа претпоставките дека вториот можен кандидат ке стане и навистина кандидат, актуелниот секретар на СДСМ Андреј Петров. Така се доаѓа до ситуација која и во светло на неодамнешните случувања по кандидатурата на Стевчо Јакимовски, а особено по објава на текстот во Буревесник вреди да се анализира. Што ке му донесе а што ке изгуби СДСМ со овој потег, со кандидирање на Андреј Петров!?

Тој се појавува во партискиот живот на СДСМ непосредно по претседателските избори во 1999 година како млад специјалист по дерматологија. Како што подоцна се изјаснува извор од тогашното високо раководство, се обидува да се додвори со дописи, јавки и вербални содржини за неистомислениците на Владо Димов, а на сметка на овој сега бивш комуњарски министер во егзил, тогашен алфа и омега на СДСМ за секторот здравство и дел од крилото на Тито Петковски. Од тука зачетоците на опортунитетот како карактерна црта на Петров се делумно јасни.

Тоа доага подоцна до израз во повеќе наврати кога со елеганција и леснотија им го врти грбот на ред свои партиско-политички ментори и спонзори почнувајќи од Јакимовски, локалниот претседател на комитетот Трифуновски, на Борче Петровски, подоцна на Бучковски и финално дури и на семоќната Савова која инаку пред изборот на „Малиот„ за Секретар на СДСМ во 2009 го има дадено својот амин.

Инаку со последнава персона, натегањето за превласт постепено ескалира и оди до таму што по принципот „твоји непријатељи су моји пријатељи„ Савова го усвојува Стевчета за „свое дете„ и му подарува галантно целосна и несебична подршка „све у инат душманина„ и покрај нејзината почетната процена за сељаштво и некомпетентност на овој митски јунак при неговиот трансфер од Јужно-моравски регион во скопската „Барселона„.
Од кога датира личната нетрпеливост на Петров со Стефан Први Многопутавенчани Јакимовиќ? Од денот кога е проценето дека Андреј Петров со својата бледа, тивка и неупадлива појава, со ненаметлива надворешност се чини идеален кандидат кој ке ги продолжи проектите на Стевчо под негов постојан надзор. Затоа Петров е именуван за вршител на должност градоначалник со дискреционо право, од редот на членовите на Советот на Општината од СДСМ. Ова е уште еден лакмус за Јакимовски и лојалноста кон неговата до вчера актуелна партија, бидејќи како градоначалник од ЛДП во тоа време оваа одлука за именувањето на Петров звучеше парадоксално и наидуваше на очекувана огорченост во ЛДП.

Тиквата меѓу Јакимовски и Петров пука веке кај донесувањето на првиот следен детален урбанистички план и трае до денешен ден инволвирајќи притоа секакви елементи на „другарски фер плеј„. Кулминацијата на овој епски бој е достигната со разрешувањето на споменатета Лазаревска Маја сопруга на еден од најблиските пријатели на Петров токму во врска со случајот елабориран од Тони Трифуновски Седек. Но, Петров покрај овие маневри веројатно ке треба освен своето не премногу препознатливо началствување (скоро криминално идентично како тоа на Јакимовски) да брани и други проекти и стигми од типот на празни инвестиции како втората половина и завршувањето на мостот Влајко (легендарна утка на Јакимовски), подигнувањето на „циганскиот мост„ кон Злокукани и сл.

Но се чини од се дека напуштањето на Градоначалничката функција и преминување во Парламентот во 2008 година која беше од Општинскиот комитет доживеана како класично предавство ќе биде најголемиот камен на сопнување при сегашната кандидатура на Петров. Посебно делот во кој ги испушти конците да го организира изборот на својот наследник по што со изборот на Саша Димиќ се случи погром над вработените СДСМ-овци во Општина Карпош за што директно го прозиваат Петров и ден денес не му забораваат. Долго време беше изложен на напади и прозивки и практично важеше за персона нон грата во редовите на Општинскиот комитет. Денес СДСМ им го врака на истите членови на СДСМ да агитираат за него пак да биде градоначалник…

Ќе успее ли Петров (кој патем кажано е високо и лично мотивиран за овој проект) и покрај се да ја обедини партиската структура околу неговиот кам-бек е под голем знак прашање. После четири и пол кратки години спомените на траумата која ја приреди Петров на голем дел од членството кое гравитираше или сеуште гравитира кон општинската администрација се уште се свежи и испаруваат како топол сомун. Впрочем, взаемно ниту Карпош изминативе четири години не беше омилена дестинација на генсекот каде непобедивоста на СДСМ се создаваше одново околу митот за сега Лажниот цар Шќепан (Стевчо) Мали. Клучот е очигледно во рацете на моментално единствениот активен Папа на планетава кој треба да оцени дали ќе ја сведе битката за Карпош на лична пресметка кај ОК корал, тактика со зид (Петров) низ глава (Јакимовиќ), или клин со клин (предавник со предавник) се избива, со можност да се доведе самиот Црвенковски многу скоро да абдицира по урнекот на неговиот колега Бенедикт XVI, не заради педофилија туку заради адреналинска некрофилија.

Не сфаќајќи дека Стеван Многопутавенчани по принципот „сам себе го убијал„ во очите на широкиот плебс е политички мртовец и се рони како стара плута, му дава шанса во третото полувреме за „ чојство и јунаштво„ наспроти љутога му ривала „крстоносецот„ Андреј Петров. И додека во првото полувреме во Октомври месец Јакимовски кукавички снесе за Градската кандидатура, ама и попатно ги попрска и Црвенковски и Петров, во второто за прв пат во историјата после Пепелашка се јавува човек кој незапаметено ја спрашти во две до дванаест, буквално уринирајќи по авторитетот на матичниот клуб и главите на неговите тренери.

Во таборот на Јакимовски по првичниот шок, во саботата по дознавањето на веста за (ако мора да го има) посакуваниот противник, олеснување.
„- Проблемите ги знам, знаење имам, спаринг партнер си немам„, вика Стевчо. С’к и тој си го најдов. Ова посебно по поздравот кој Црвенковски му го испрати на Јакимовски од говорницата на ЦО овој петок.

Наместо епилог: Има ли во Карпош еден обичен чесен и способен интелектуалец кој ќе се исправи од говорница и во очи ќе му стресе на Рамзес од Нерези, на Фараонот со шајкача – Ти си една обична просечна појава на оваа невреме, синоним за лицемер и профитер чија важност истекува. Доколку партијата која претендира да ја води државата таков кадар нема, тогаш има проблем лично кај Црвенковски. Давајки му трета шанса ризикува аматерска разврска со растурање на двоецот и несогледива штета по иднината и цврстината на СДСМ во услови кога рамката за предвремени парламентарни избори полека но сигурно се дефинира.

Конечно за крај едно прашање без одговор: ја научи ли СДСМ генерално лекцијата од ВМРО дека човечкиот материјал е добар за рециклажа и колку и да е силна смрдеата при тој процес вреди да се рециклира и внесува нова свежа крв? Последиците ке ги почуствуваат сите…

(авторот е член на СДСМ, идентитетот познат на Буревесник)

  • Креирано на: 04.03.2012
  • Прегледано: 194.011

Коментари

Новитети :

Следете не :

Зачленете се за Новости


Headline

Never Miss A Story

Get our Weekly recap with the latest news, articles and resources.

Cookie policy
We use our own and third party cookies to allow us to understand how the site is used and to support our marketing campaigns.