,,Акцијата во Диво Насеље беше организирана како детската игра МИЖИ МИТРО ДА ТИ БАЈАМ…!

Две години и четири месеци поминаа од кобниот 9. мај 2015 кога во обид на бившата власт да инсценира мини контролирана војна со учество на платеници од Косово и да го тргне фокусот на јавноста од ,,бомбите,, на Зоран Заев, загинаа осум припадници на полицијата и десет од страна на платениците. Ова е службената верзија по крвавиот масакр во кумановско ДИВО НАСЕЉЕ…

Службената верзија говори и за 37 припадници на полицијата и 37 уапсени од редот на платениците, на кои уште првостепено им се суди во Основен суд Скопје 1. Обвинети се за тероризам. Моите извори тврдат дека во акцијата се ранети 50 припадници на полицијата, што говори за планерска хаварија, невидена на овие простори во вакви ситуации. Планери и главни оперативни командантни на акцијата се екс министрите за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и Митко Чавков, како и екс директорот на УБК Сашо Мијалков. Освен што Јанкулоска и Мијалков поднесоа оставки на своите функции веднаш по неуспешната акција, никакви други санкции не претрпеа, дури ни на суд не се појавуваат како сведоци. Одбраната на обвинетите тоа го бараше, но судијката Верка Петковска изрично одбиваше да ги повика да сведочат, заедно со Али Ахмети и Артан Груби.

Во предвечерјето на донесување на очекувана пресуда од првостепената постапка која е при крај, до мене се обрати учесник во акцијата, припадник на полицијата. Сметам дека вреди да се прочита неговото искажување, во интегрална верзија, онака како што ми е дадено. Неговиот идентитет е тајна за јавноста, од безбедносни причини за него и неговото семејство. На суд не е повикуван како сведок.

Еве го неговиот исказ:
,,Знам дека многу од работите околу Диво Насеље ти се познати, но би сакал преку тебе од прва рака да дообјаснам некои работи. Случајот почнува со напад на караулата Гошинце. Платениците зедоа дел од тоа оружје од магацин на караулата две недели пред 9. мај. Два дена после тој напад во Гошинце бев горе, сум бил таму и во 2001 година и познато ми е дека кај поминала УЧК минимум што прават е означување на територија (графити и слично), вандализираат куќи, палат, итн. Но во април 2015 не затекнавме ништо таму. Буквално ништо немаше. Затекнавме куќа со ЛЦД телевизор, негибнат. Овие да поминале таму прво би го уништиле телевизорот, да остават трага. Графити немаше никаде наоколу. Планот ни беше да останеме таму една недела. Ама вториот ден не спуштија во Скопје, а на караулата си останаа од гранична полиција како ништо да не било што е несфатливо за таков ,,напад,,. По нашето слегување таму замина ЕБР (единица за брзо распоредување), вршеле претрес на куќа во Брест. Као таа куќа нема сопственик, не се знае чија е. Наводно неидентификуваниот сопственик живее некаде во Скопје. Куќата е празна, снимена службено со камера од МВР. Припадници на ЕБР влегуваат во таа куќа и во неа наоѓаат дел од оружјето од караулата Гошинце исправено до прозорец!? Пронаоѓаат три автоматски и две снајперски пушки. Ако некој обучуван војник украл такво оружје ќе го чува ли во напуштена куќа потпрено до прозорец? Притоа, еве поминаа две и пол години а никогаш не беше соопштено дали е пронајден тој сопственик на куќата.

После Гошинце се замолче за оружјето и за тоа што се случувало таму. Ама на ТВ Сител слушнавме најава од Драган Павловиќ Латас дека конгресот на ВМРО ДПМНЕ закажан за 8. и 9. мај се презакажува поради безбедносни причини за 2. мај во Куманово. Ама претседателот Иванов после акцијата изјави дека групата од Косово била следена два месеца и дека тие на подрачјето на Куманово биле присутни повеќе од две недели пред масакрот. Ги обвини дека имале намера да ликвидираат или киднапираат високи фукционери на власта. Ако сето ова е точно, прашање е зошто тоа не го сториле на 2. мај кога на конгресот на ВМРО ДПМНЕ биле сите највисоки функционери на едно место!? Но, помина и тоа така без посебни анализи, ама на 8. мај беа собрани ЕБР и ЕСЗ за изведување акција во која ќе биде уапсена голема криминална група. Само тоа беше кажано. Ја сум припадник на една од овие две единици, не сакам да лоцирам која. Силите на единиците беа распоредени во село Отља и во Диво Насеље. БЕЗ ПРЕТХОДНА ПОДГОТОВКА, БЕЗ ПЛАН И БЕЗ АНАЛИЗА!!!

На 9. мај околу 05 часот колегите кои први пристигнаа на влез во двор на една од куќите каде започнува пукањето, пречекани се со пукање од типична заседа. Нападнати се од сите страни со тешко оружје, снајпери, РПГ, зољи и рачни бомби. Првите тројца колеги загинаа во дворот на првата куќа. Нивните тела во 16 часот попладне уште беа на местото на загинувањето, немаше начин да бидат извлечени. Првиот ден борбите беа страшни, нон стоп стигнуваа информации за многу загинати и повредени колеги, ги слушавме по радио врска. Целото подрачје цело време го надлетуваше беспилотно летало од кое настаните директно со видео врска беа пренесувани во командниот штаб во МВР. Откако платенциите беа совладани и почнаа првите приведувања, од нив добиваме информации да не ги убиваме, биле платеници, дошле тука да заработат пари. Оваа информација како пожар се рашири меѓу нас.

За да не се шири оваа информација утредента во село Брест при наводно покажување каде е дел од нивното вооружување, еден од платениците е пуштен да избега. Веднаш после пребегнување на страната на Косово во нивни медиуми тој дава изјави како ,,тие не се платеници туку борци за права на Албанците и за спроведување на рамковниот договор…,,. Меѓу нас сфативме дека се работи за онаа детска игра МИЖИ МИТРО ДА ТИ БАЈАМ! Вечерта на телевизиски настап Гордана Јанкулоска изјави дека акцијата е успешна!? и дека е завршена, ама имаме 6 загинати. Не би ја коментирал оваа изјава. На 10. мај акцијата уште трае, во една од куќите се водачите Мирсад Ндрецај (Командант Нато) и Бег Ризај. При првиот обид за влез гинат уште двајца мои колеги. Околу 13 и 09 часот отпорот од внатре запира, влегуваат колеги да ,,чистат,, се слушаат две ,,потврдувања,, и после завладеа тишина. Се почнува со увид, претставници од ОБСЕ бараат да присуствуваат ама барањето им е одбиено. Увидот, по наредба од Скопје го водат само луѓе од МВР. При товарење на загинатите евидентно е дека има повеќе од 10 загинати, а подоцна во судска медицина има 25 тела на загинати. Пристигнуваме во капелата во Бутел, тука лично сум присутен. Откако заврши увидот во Диво Насеље и откако ги пренесовме загинатите во Бутел буквално сите бевме повлечени во касарна, не беше оставен ниту еден тим или вод на лице место. Ова прв пат ни се случи во кариерата, а имавме десетина вакви акции. Секогаш го обезбедувавме местото на злосторот, секогаш потоа капелата ја обезбедувавме.

Во касарната вечерта бевме посетени од Гордана Јанкулоска и Митко Чавков, со придружба. Сите беа божем нажалени и разочарани. Добија страшен фидбек од наша страна, игнорирање од нас и си отидоа како попарени и понижени. Им дадовме на знаење дека знаеме за нивното катастрофално планирање и нивната одговорност за загинатите колеги. Сите колеги знаевме што се случува. Предолго се молчи, а молчењето од страна на ДПМНЕ се користи да кажуваат свои верзии за настаните. Загинатите и нивните семејства ја заслужуваат вистината, беа жртвувани без причина во тие два дена. И ние кои по игра на случај останавме живи, ја заслужуваме вистината. Неважно е кој земал пари и колку, дали бил близу или воопшто не бил вклучен во акција, а земал пари. Секој со својата совест. Мене најбитна ми е вистината да излезе на виделина. Парите кои биле наменети за платениците за инсценирана мини војна со низок интензитет се оние пари кои ни се поделени нам, а тие кои ја знаеја вистината од редот на платениците се ликвидирани. Те молам за анонимност друже, оти ова сепак е оддавање службена тајна. Ова што ти го кажувам е познато, го зборуваме со колегите секој ден, очекуваме независна истрага и објавување на деталите во целост. Нам ни се битни организаторите и режисерите на овој хорор филм…,,

Коментари

Новитети :

Следете не :

Зачленете се за Новости


Headline

Never Miss A Story

Get our Weekly recap with the latest news, articles and resources.

Cookie policy
We use our own and third party cookies to allow us to understand how the site is used and to support our marketing campaigns.