Кога имате кардиолошки проблем во Македонија, а имате пари да си платите ефикасна интервенција, првата мисла ви е др Жан Митрев, клиника ,,Филип Втори,,. Ни не помислувате дека може да ви се случи кошмар со кој ќе живеете, дека поради банална грешка на клиниката и ревносното бескрупулозно покривање со фалсификати на истата ќе бидете и жртва на уште побескрупулозен правосуден систем кој ќе ве прогласи за недоветен. Ни во најлош сон не можете да сонувате дека др Митрев е подготвен и мртов човек да злоупотреби за да се спаси – наместо да има човечка доблест да признае дека се случила грешка на неговата клиника. Ама еве, подготвен е и оди до крај, иако она што му е направено на скопјанецот Шаип Јашари не се покрива со никаков па и најорганизиран криминален кривосуден систем.
За потребите на овој текст на др Жан Митрев му се обратив со маил и посакав со него да поразговарам лице в лице, да го соочам со грешката, да ми даде изјава која ќе ја цитирам во овој текст. Патем во атачмент му испратив и снимка/фалсификат продуцирана од неговите соработници, прифатена од него како оригинал и злоупотребена подоцна на суд против оштетениот пациент. Др Митрев прифати да ме прими на неговата клиника, ми закажа средба на почетокот на оваа работна недела, ама од за мене непознати причини ја откажа/одложи со образложение преку неговата секретарка: ,,Докторот нема да може да разговара со вас се додека трае судскиот процес, дотогаш нема ништо да коментира…,, Факт е дека судскиот процес е завршен со правосилна пресуда од Апелационен суд Скопје кој ја потврдува пресудата донесена од судијка на Основен суд Скопје 2 да го одбие тужбеното барање од пациентот Шаип Јашари, за надомест на штета. Дури пациентот Јашари е задолжен од судот да му надомести на тужениот ПЗУ специјална болница за хируршки болести ,,Филип Втори,, штета во износ од околу 9.600 евра (594.500 денари). На Шаип Јашари му преостанало после апелационата пресуда уште да се жали до Врховен суд на РМ, каде година и пол години не е решавано по неговото барање за ревизија.
Слушам и гледам деновиве дека др Жан Митрев јавно преку прес конференција се фали со 20.000 успешни операции. Успешно била изведена и коронографијата со стентирање извршена кај Јашари на 14. Март 2010 година околу 14 часот. Оваа интервенција ја извршил др Шпенд Идризи. После успешниот зафат пациентот бил сместен на интензивен мониторинг на одделението за полуинтензивна нега на клиниката ,,Филип Втори,,. До тука се било во ред. До ХАВАРИЈА доаѓа во вечерните часови истиот ден, околу 20 часот кога лице со непознат идентитет, болничар вработен во клиниката пристапил рутински да му го извади катетерот од десната рака на Јашари. За несреќа тоа било направено на невообичаено груб и насилен начин при што на пациентот му предизвикал силни и неподносливи болки, му се слошило и повраќал. Силната болка на десната рака не само што не престанала следните денови, туку проследена со одземеност на десната рака Јашари таа болка ја чувствува и денес 7,5 години подоцна. На местото од каде катетерот буквално насилно му бил искубан останало оштетување, инфекција и некроза, повредената рака му била отечена и имал црвенило, а лекувањето продолжило се до 29. Април но без некакво подобрување. На клиниката воопшто не обрнувале внимание на тоа дека Шаип Јашари не само што не е излекуван туку неговата состојба енормно е влошена, туку така неизлекуван го отпуштиле да си оди дома за да се ,,откачат,, од него а во документите за отпуст напишале дека се е во ред. Јашари сфатил дека оздравување треба да бара на друга адреса, па од април 2010 година патува по светот и бара лек против дијагноза каква скоро да нема ниту еден друг пациент на планетата: Комплексен регионален болен синдром или CRPS (Complex Regional Pain Syndrome). Вакви пациенти можеби и има, ама со олку многу собрани болни реакции на едно место во еден човек тешко дека има.
Синдромот од кој болува Шаип Јашари значи следново: има чувство на болка која никогаш не престанува, има постојано чувство на бодеж секој ден, има чувство како крвта да му е заменета со бензин и запалена, има болка која на најнежен допир тера на вриштење, болка која не го остава раат да спие, има промена на боја на кожата, болката предизвикува депресија поради немање надеж да се излекува, предизвикува разочараност поради гледање во живо како му се распаѓа животот а тој е немоќен, се депресира поради сознание дека нема лекови за смирување на оваа болка, пробува секаков вид медикаменти за кои некој му посоветувал дека ќе помогне болката да стивне, има чувство на заробеност во тело кое трпи неподнослива болка, запаѓа во очај поради немање излез и неможност да ужива во секојдневите радости заедно со семејството и околината и од неможност да живее нормален живот. Она што Јашари го трпи отприлика е достапно да се види доколку го следите овој линк: >>
Клиниката ,,Филип Втори,, не сака да ја признае грешката на својот болничар, го крие неговото име сите овие години и на суд, со тешки фалсификати прифатени од судијката која го судела овој предмет по тужба за надомест на штета, со сите сили се трудат фактичката ситуација лажно да ја прикажат. Мене највеќе ме фрапира податокот дека др Жан Митрев за да избегне да му плати штета на пациентот Јашари во износ од околу 100.000 евра, се согласил лекарка од неговата клиника лажно да сведочи и да предлага како доказ на суд наоди од пациент со ИСТО ИМЕ И ПРЕЗИМЕ – ШАИП ЈАШАРИ од Арачиново. Овој пациент во меѓувреме починал. Др Лилјана Илиевска во договор со др Жан Митрев на судот му дала како доказ наоди од друг Шаип Јашари (денес покоен!) за да го спасат угледот на клиниката ,,Филип Втори,,. Фрапира и леснотијата со која лажното сведочење и поднесување наоди од починат пациент со исто име и презиме, било прифатено и од Основниот суд Скопје 2 и е потврдено од судии од Апелациониот суд Скопје. Се чека да се види дали и судии од Врховен суд ќе ја легитимираат оваа гнасна и ЦРНА лага. Откако ја видов оваа флагрантна измама и ги споредив идентитетите на починатиот Јашари од Арачиново и живиот Јашари од Скопје, кој има ЦРПС синдром, сфатив дека др Жан Митрев се согласил угледот на својата клиника бескрупулозно да го УПОКОИ само да не признае грешка на свој болничар и да не плати штета која е минимална во однос на милионите евра државни пари, свртени наназад две децении.
Кога кај себе ја имам на увид комплетната доказна документација за овој резил на клиниката ,,Филип Втори,, и на др Жан Митрев ми станува јасно дека мојот пријател од Германија вработен во една реномирана државна институција во Берлин е потполно во право кога ми пишува, цитирам: ,,Веќе кога си кај Жан Митрев да ти го осветлам неговото минато. Овде во Германија беше обично лекарче хирург низ третокласни болници. Една од најдобрите клиники е Kerckhoff Klinik (Bad Nauheim, на 25 км од Франкфурт). Крајот и почетокот на Жан започнува и завршува во Франкфурт. Еден ден градот Франкфурт решава да отвори државна кардиохирургија и да конкурира на Керкоф од Бад Наухајм и почнува да собира лекарчиња од каде што ќе најде, од трета, четврта, петта класа. Жан Митрев се пријавил на огласот и нормално го ангажирале затоа што одзивот бил мал. Никој искусен нејќел да ризикува да си ја напушти поранешната клиника и да почне одново а Законот е дециден – 6 месеци Probezeit (пробна работа ) за секого. Така Клиниката во Франкфурт почнува да работи, се мачат секој месец да обезбедат плати за персоналот и после шест месеци градот Франкфурт кажува СТОП!!! Нема пари повеќе за плати и така клиниката БАНКРОТИРА со “големи специјалисти ” каков што е и Жан Митрев. Така Жан стана технолошки вишок во Германија каде што е многу тешко да најдеш следен ангажман, доколку доаѓаш од БАНКРОТ клиника. Инаку МНОГУ РЕТКО клиника банкротира , речиси е невозможно, ама оваа ,,рикна,,. После неуспехот во Германија Жан си го најде својот личен интерес и направи дил со Љубчо и Кљусев, доби милиони и милиони да си игра кардиохирургија во Скопје. Така си поиграл и со човекот од Скопје чиј случај го знам, оти бараше лек по Европа. И не го најде…,,
(продолжува)