Тужи ме докторе

Специјализираната клиничка болница по хируршки болести ,,Жан Митрев,, регираше со демант на текстот под наслов ,,Жан Митрев Лажго Жар,, објавен на веб порталот Буревесник во петок 22. 09. о. г…

Во нивната реакција се вели: ,,ПЗУ Жан Митрев,, остро реагира на изнесените невистини во текстот со наслов ЖАН МИШЕЛ ЛАЖГО ШАР, објавен на 22 септември 2017 година на порталот Буревесник. Во текстот се изнесени груби лаги и невистини и истиот е тенденциозен, со цел дискредитирање на угледот на болницата и докторите кои се споменуваат во текстот, а особено на др Жан Митрев и неговата кариера. ПЗУ Жан Митрев останува на тврдењето дека во интерес на судскиот процес кој се води помеѓу Шаип Јашари и Специјалната болница ,,Филип Втори,,, нема да ги коментираме наводите кои се однесуваат на злоупотреба на личните податоци на лицето Шаип Јашари. Се додека трае процесот нема да даваме изјави во врска со истиот случај! Во истиот текст, споменувате и невистини во врска со професионалната кариера на др Жан Митрев во Германија. Во текстот се повикувате на анонимен извор од пријател и тврдите дека ,,веќе кога си кај Жан Митрев да ти го осветлам неговото минато. Овде во Германија тој беше обично лекарче хирург низ третокласни болници,,. Демантираме дека сето тоа што е наведено во текстот е груба лага и целта е да се дискредитира угледот на др Жан Митрев. Согласно членот 13 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, кој предвидува ублажување на штетата, бараме да се извините за изнесените невистини и во целост да ги повлечете од порталот во рок од 24 часа од денот на приемот на оваа реакција, како и јавно да се извините на вашата интернет страница во ист обем како што спорниот текст е објавен. Доколку не постапите согласно барањето во демантот и не се извините во дадениот рок и бараниот обем за изнесените лаги за кариерата на др Жан Митрев во Германија и Македонија ќе бидеме приморани правдата да ја бараме по судски пат со поднесување Тужба за утврдување на одговорност за навреда и клевета и надомест на нематеријална штета пред надлежен суд, а согласно Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета.,,

Мој одговор на ДЕМАНТОТ:
Почитуван др Митрев, јас нема да се кријам како што вие се криете зад институцијата во ваша сопственост, инаку на незаконски начин стекната т. е. во режија на бивша клептоманска и криминогена власт, лесно трансферирана од ВОЕНА БОЛНИЦА во општествена сопственост во ваша приватна болница. Индикативно е тоа што освен што немате доблест и храброст сам да си напишете демант, имате дрскост на текст посветен на грешка направена од клиника ,,ФИЛИП ВТОРИ,, да чукнете печат од клиника ,,ЖАН МИТРЕВ,,. Но, како едното станало друго е сосема друга тема која ВРИШТИ за истражување. Ви ветувам дека во иднина ќе се посветам и на таа тема, with a little help from my friends…

Сега докторе и да ви одговорам најдиректно, да не талкате низ маглите кои ги произведувате скоро 20 години заедно со булументата која среќа не е веќе на власт за да ве поддржува и да скока на секој ваш миг, во ваша одбрана и заштита разбира се. НЕМА ДА ВИ СЕ ИЗВИНАМ и нема да го тргнам текстот од очите на јавноста, оти имам илјадници страници докази за ваши лаги и манипулации, за вовлекување на основен и апелационен судски апарат во верификација на фалсификувани докази кои ќе ви дадат за право. Што ќе значи дека сте побарале, сте нарачале да ви биде докажано дека црното е бело, дека сувото е мокро, дека снегот е црн а никако не е бел. Со вашите докази кои судовите во РМ лесно ги прифаќаат како валидни може да се докаже и теоријата на еден медиумски шарлатан дека земјата е рамна плоча. Поради навреда на здравиот разум и логиката, со донесената срамна пресуда од основен суд Скопје 2 а потврдена од Апелационен суд Скопје, јас нема да ви се извинам. Сакам да ви биде јасно дека јас не злоупотребувам лични податоци од Шаип Јашари од Скопје, оти имам негова согласност за објавување на генезата на случајот и за подоцнежната судска фарса која сте ја организирале, а исто така сакам да знаете дека не се согласувам од мене да правите будала кога ми објаснувате дека нема да коментирате случај додека не заврши судскиот процес. Тоа мавтајте си ја заспаната јавност која не разбира што е што, мене немојте оти одлично знам дека судскиот процес е ЗАВРШЕН откако Апелациониот суд со донесување правосилна пресуда ја потврдил неправосилната првостепена пресуда на Основниот суд Скопје 2, донесена по нарачка, а во ваша корист врз база на фалсификати и злоупотреба на лични податоци и медицински наоди од МРТОВ ЧОВЕК со исто име и презиме – ШАИП ЈАШАРИ. Тоа што предметот е година и пол на чекање во Врховен суд не е чекање на завршување на процес туку таму треба да се расправа за барање на РЕВИЗИЈА на процесот од страна на оштетениот ЖИВ Шаип Јашари. Вие не сте странка во таа расправа. Ако Врховниот суд смогне сила да ви ,,учини,, и да го одбие барањето на Јашари, предметот само ќе отиде на меѓународен суд, ни повеќе ни помалку. Ама пред да донесе одлука за барањето на ЈАШАРИ за ревизија, врховни судии ќе мора да си расчистат во себе дали вреди да се глупираат како кловнови за вас и да чукнат печат во ваша корист, да верификуваат дека на суд вреди да се подметнат и фалсификувани наоди и наоди од мртов човек. О том потом докторе Митрев!

И не ми се заканувајте со глупави најави за тужба за клевета и навреда. На ваш терен ви симнувам капа, не умеам со скалпел и анестетици, макар што се нафаќам со сето мое медицинско незнаење да се обидам да извадам катетер од рака на пациент на многу побезболен начин отколку вашиот болничар кој упорно го криете. Но, верувајте дека во судница по ваша тужба за глупавиот закон за клевета и навреда сме на мој терен. Распрашајте се и ќе дознаете како ќе си поминете. Оти, на суд ќе барам судот за сведок да го повика починатиот пациент ШАИП ЈАШАРИ од Арачиново, истовремено со живиот ШАИП ЈАШАРИ од Скопје. И ќе настане докторе циркус во кој заедно со кловновите што сте ги натерале да се глупираат за вас, ќе плачат од смеа и набљудувачите кои ќе ги има. Оти ќе сме атракција невидена на овие простори. Вие нема да плачете оти веќе сфатив дека воопшто не се потресувате, дека поседувате ладнокрвност која се граничи со дрскост, безобразлук и бескрупулозност. Затоа докторе сакам да ви кажам дека јас инсистирам да ме тужите, едвај чекам, горам од нетрпение да ја видам тужбата, да ги видам вашите адвокати (верувам тим адвокати!). Едноставно, за мене е предизвик да ме тужите. Јас мал провинциски новинар, со веб страница вредна 300 евра платени од мој џеб и вие големиот ЖАН со клиника од десетици вам подарени милиони евра, народни разбира се. Давид против Голијат. Победувате, ви гарантирам. Многу сте јак, прејак дури. Имате ковертирана победа в џеб. Ама прво тужете. Макар што има едно (не)пријатно изненадување за вас. Ама за да се изненадите прво тужете. Во меѓувреме, додека да стигне тужбата, додека да ја примам, па додека судот закаже расправа, јас според планот ќе ја објавам серијата текстови која ја планирав, за јавноста да ги добие сите докази на увид, поврзани со случајот на ЖИВИОТ Шаип Јашари…

Со почит, Зоран Буревесник Божиновски

Коментари

Новитети :

Следете не :

Зачленете се за Новости


Headline

Never Miss A Story

Get our Weekly recap with the latest news, articles and resources.

Cookie policy
We use our own and third party cookies to allow us to understand how the site is used and to support our marketing campaigns.