На големата фудбалска ѕвезда од мал човечки формат, Горан Пандев, сега не му чини Струмица.
Пишува: Зоран Буревесник Божиновски
Малку му се парите што ги заработил играјќи по светски клубови со високо реноме, па успеа да се налути на својот роден град Струмица. Не му ги дале парите што ги планирал од градската каса за неговиот фудбалски клуб ,,Академија Пандев,, па за возврат дал налог на клупската управа да го бојкотира градскиот избор на најдобри спортисти за минатата 2017 година.
Пандев е познат по бојкот. Не така одамна ја бојкотираше и македонската репрезентација, не играше за репрезентацијата од многу проста и плитка причина: ептен добро му одеше по клубовите каде настапуваше, беше и ѕвезда на римски Лацио во зенитот од неговата кариера, па ја избегнуваше репрезентацијата да не се преоптоварува. Откако падна неговата форма и беше отпишан од Лацио, осуден нередовно да игра и за второкласната Ѓенова, со променлива форма, одеднаш пак се сети на македонската репрезентација и се врати да игра за неа и да ја сака како некогаш, како ништо да не било…
Ене го по најново, си го бојкотира градот кој го афирмираше, а особено е бесен на матичниот клуб Беласица каде научи да игра фудбал. Неговиот приватен клуб ,,Академија Пандев,, сега е градски ривалски клуб на ,,Беласица,,, клуб со големи шанси да заигра во првата македонската фудбалска лига заедно со ,,Академија Пандев,,. Наместо да покаже дали стекнал европска фудбалска култура, дали научил нешто од однесувањето на водечките луѓе од клубовите за кои настапувал, еве годината ја започнува со бојкот на својот град, на градската управа која наназад години му даде и повеќе од заслуженото, за да изгради приватен стадион и да го развие неговиот клуб, кој со најновиот бојкот полека станува ,,Академија некултура,,.
Штета е што Пандев нема лична култура до степен да му се извини на својот град. Тој дел oд личноста не се купува со пари…