Организирано ограбените сопружници Бранко и Савета, после подолго соочување со јаки промотери на организиран криминал од Струмица, поднесоа тужба против Република Македонија за надомест на штета. Република Македонија ги штити, брани и им дава сила и моќ на ограбувачите на наследството на покојниот Пављо Филчев. Вооружени се со моќ од РМ како судии, обвинители, извршители, адвокати и теренски извршители.
Пишува: Зоран Буревесник Божиновски
Денес покојниот Пављо Филчев како девизен пензионер верувал во својата држава, СФРЈ па РМ, па штедел во овдешните банки. Локалната струмичка мафија, организирана за грабеж на таквите како Филчев, успеала комплетно да му го ограби и присвои заштеденото, да оствари имотна корист од вкупно околу 1 милион швајцарски франци, да си подели меѓу себе и да се организира до степен денес ИНСТИТУЦИОНАЛНО да го брани украденото. Екипата брутални и бескрупулозни крадци само превидела дека наследничката, ќерката на покојниот Филчев, Савета Петрова, ќе се појави да си го бара наследството од татко и. Уште полошо по крадците е што на својата сопруга и помага Бранко Петров (сопружниците работат и живеат во Швајцарија), човек што на локалната ,,ФРЕНКИ,, мафија не и се плаши, а уште помалку се плаши од кракот инсталиран во струмичкиот суд и обвинителство. При секое негово циклично појавување во овие две локални институции, се слушаат врискотници и пискотници уште кога ќе биде виден на портирница, оти тука работат и службеници кои биле присилени да соработуваат во ограбувањето на Пављо Филчев, ама не се омрсиле од пленот. Омрсените на смрт се преплашени од последиците и скоро насилно се однесуваат со Бранко Петров кога ќе дојде да си бара правда во судот во Струмица. Не помала е вревата и хаосот во Јавното обвинителство на РМ, каде омрсената ,,ФРЕНКИ,, мафија си има свои заштитници. Тие со Петров се љубезни, ама максимално му го отежнуваат патот до вистината.
За да почне да се разбиструва матната река на овој локален организиран криминал, Бранко Петров минатата недела оддржа прес конференција во Струмица, за да ги запознае своите сограѓани со својот пат до правдата и до парите до наследството на сопругата Савета. По мене, главна ,,реперкусија,, од оваа прес конференција е дека оваа ,,ФРЕНКИ,, мафија не го ограбила само Пављо Филчев, туку ординирала регионално, па за милионска сума бил ограбен и жител на Берово. И нему педантно и темелно му ја исчистиле девизната сметка и го внеле во ЦРНАТА ДУПКА на локалното и државното криминализирано правосудство и обвинителство. Чекам БЕРОВЧАНЕЦОТ да се јави, да го ,,осветлиме,, и неговиот проблем. Чекам да се јават и останатите, бидејќи овој систем ,,ФРЕНКИ,, мафијата го инсталирала да добива во континуитет. Колку вкупно девизни штедачи ограбиле, ќе каже крајот на истрагата, ако биде покрената. Засега таква најава нема!
Бранко и Савета Петрови сепак се отидени ептен далеку во нивната приватна потрага по нивните пари. Среќа писмени се, имаат ука како функционира банкарскиот систем на Швајцарија и на ЕУ, знаат дека македонските комерцијални банки се усогласени во работењето со банките од ЕУ, па истражувале. До денес се дојдени до сознание дека нивната штета изнесува 275.452 Швајцарски франци или 14.425.421,00 денари. На толкав износ ја тужеле РМ како ѕаштитничка на криминалците кои ги ограбиле. Тужбата е поднесена врз врз основа на Решение О.бр.351/16 УДР.бр.49/16 од 13.10.2017 год. донесено од Нотар Стевица Јанева од Струмица, Савета Петрова како тужителка е огласена за тестаментален наследник на оставината на оставителот Пављо Филчев од с. Сушица, Струмица. Правото на оставина кое го наследила тужителката се однесува на побарување од должниците Васе Попов и Мите Попов и двајцата од с. Куклиш, Струмица, во износ од 15.727.720,00 ден. со останати споредни побарувања, а врз основа на извршната исправа П. бр.1803/00 од 20.05.2003 год. на Основен суд Струмица а заведено под број И. 108/2012 и И. бр. 765/2015 пред Извршител Саветка Георгиева од Струмица.
Како докази приложени со тужбата Савета Петрова ги приложува:
Решение О.бр.351/16 УДР.бр.49/16 од 13.10.2017 год. донесено од Нотар Стевица Јанева од Струмица. Доказот се однесува на тоа дека нејзиниот татко Пављо Филчев во својство на заемодавач на ден 20.10.1994 год. со лицето Васе Попов од с. Куклиш склучил договор за заем на парични средства во износ од 150.000 CHF со рок на враќање до 01.03.1997 год.
Договор за заем на парични средства од 20.10.1994 год. склучен помеѓу Пављо Филчев и Васе Попов од с. Куклиш, Струмица.
Договорот бил заведен пред Основен суд Струмица под број ЗАВ. бр.1270/94.
За обезбедување на побарувањето во корист на доверителот на ден 24.10.1994 год. пред Основен суд Струмица склучена е Спогодба и донесено е Решение за определување и укнижување-упис на заложно право-интабулација од прв ред И. бр.1217/94 и ИНО. бр.276-127/94 при што како обезбедување за заемот заведени се следните недвижности:
Куќа во м.в.,,Село,, на К.П.бр.4516 во површина од 265 м2;
Куќа во м.в.,,Село,, на К.П.бр.4516 во површина од 410 м2;
Нива во м.в.,,Село,, на К.П.бр.4517 во површина од 760 м2;
Ливада во м.в.,,Село,, на К.П.бр.4518 во повшрина од 725 м2;
Ливада во м.в.,,Врбенко,, на К.П.бр.4661 во поврпина од 1671 м2;
Нива во м.в.,,Шамак,, на К.П.бр.631 во поврпина од 1381м2;
Нива во м.в.,,Свиркарница,, на К.П.бр.1082 во површина од 1734 м2
сите во КО Куклиш.
Записник И. бр. 1217/94 ИНО бр. 276-127/94 од 24.10.1994 год. на Основен суд Струмица;
Решение за обезбедување И. бр.1217/94 ИНО бр. 276-127/94 од 24.10.1994 год. на Основен суд Струмица;
На ден 29.07.1995 год. склучен е анекс кон договорот од 20.10.1994 год. на начин што помеѓу договорните страни дополнително е утврден паричен износ кој ќе има карактер на заем при што согласно овој анекс истиот е во вкупен износ од 329.497,00 CHF, со рок на враќање од 24 (дваесет и четири) месеци и тоа сметано од 01.09.1995 год. па заклучно со 31.08.1997 год.
На ден 20.02.1997 год. дополнително е склучен уште еден договор за заем на парични средства помеѓу истите договорни страни при што со овој договор на страната од заемопримачот како заемопримач се приклучува и лицето Мите Попов од с. Куклиш, Струмица и со овој договор се конкретизираат односно прецизираат сите дадени позајмици претходно како и дотогаш вратениот дел од страна на заемпримачот, при што е конкретизиран износ кој во својство на заем го долгуваат заемопримачите во вкупен износ од 543.193,00 Швајцарски франци. Со овој договор и тоа со чл. 3 од истиот предвидено е заемопримачот на позајмениот износ да плаќа камата од 4% на годишно ниво. Со чл. 4 од овој договор е предвидено веќе воспоставената хипотека врз недвижниот имот од заемопримачот а која хипотека била воспоставена со Решение за обезбедување И. бр.1217/94 ИНО. бр. 276-127/94 од 24.10.1994 год. на Основен суд Струмица и понатаму остане во сила. Докази се:
Анекс кон Договор за заем на парични средства од 29.07.1995 год. склучен помеѓу Пављо Филчев од с. Сушица, Струмица и Васе Попов од с. Куклиш, Струмица
Договор за заем на парични средства од 20.02.1997 год. склучен помеѓу Пављо Филчев од с. Сушица, Струмица и Васе Попов од с. Куклиш, Струмица
Имајќи го во предвид фактот дека заемопримачите не постапиле согласно договорите, односно не го вратиле заемот во предвидениот рок согласно склучените договори за заем, правниот претходник на тужителката Пављо Филчев од с. Сушица, Струмица, пред Основниот суд во Струмица повел граѓанска постапка за наплата на долгот. Постапувајќи по тужбата, со пресуда П. бр. 1803/00 од 20.05.2003 год. на Основен суд Струмица, тужбеното барање на тужителот било УСВОЕНО и биле задолжени тужените Васе Попов и Мите Попов, на име долг за невратен заем да му вратат на тужителот Пављо Филчев износ од 393.543,00 Швајцарски франци со домицилна камата сметано од 20.02.1997 год. Остатокот од позајмениот износ до износот од 543.193,00 Швајцарски франци односно износ од 150.000 Швајцарски франци судот не го досудил со образложение дека oвој износ е обезбеден со хипотека односно со претходно евидентирана интабулација со Решение за обезбедување И. бр.1217/94 ИНО. бр. 276-127/94 од 24.10.1994 год. на Основен суд Струмица. Доказ за ова е пресуда П. бр.1803/00 од 20.05.2003 год. на Основен суд Струмица.
Е, ОД ОВДЕ ПОЧНУВА ДА ИГРА ,,ФРЕНКИ,, МАФИЈАТА!!! БРАНИ УКРАДЕНО!!!
На ден 27.03.2006 год. од страна на судијата Ристо Хаџи-Еленов, судија при Основен суд Струмица, донесено е Решение Р. бр. 210.06 со кое се брише интабулацијата–хипотеката заведена под ИНО. бр. 276-127/94 од 24.10.1994 год. за обезбедување на парично побарување во износ од 150.000 CHF заведена во книга 27 на страна 403 од интабулациниот протокол на Основен суд Струмица на име на должникот. Докази се Решение Р. бр. 210/06 од 27.03.2006 год. донесено од Основен суд Струмица и Увид во списи на предмет Р. бр. 210/06 на Основен суд Струмица-списите да се приклучат кон предметот по оваа тужба. Во конкретниот случај спорен а воедно и нејасен е начинот на кој постапил односно постапувал судијата кој донел решение за бришење на интабулацијата. Ова од причина што во конкретниот случај до судот не е доставен доказ дека долгот (заемот) бил вратен односно намирен а воедно судот не можел да изврши бришење на хипотеката по барањето од тогашниот полномошник на Пављо Филчев од причина што за преземање на такво дејствие неопходно потребно било полномошникот да има т. н. специјално полномошно со кое би било предвидено и дадено овластување за преземање на дејствија за симнување т. е. бришење на хипотеката.
Поради оваа околност од страна на лицето Бранко Петров (зет за ќерка на покојниот Пављо Филчев) на ден 13.11.2012 год. до Судскиот совет на РМ е поднесена претставка за работата на судијата Ристо Хаџи-Еленов. Постапувајќи по претставката Судскиот совет на ден 07.03.2013 год. одлучувал по истата и констатирал дека судијата кој постапувал по предметот Р. бр. 210/06 сторил пропусти со тоа што не смеел да го избрише запишаното заложно право-хипотека без да биде намирен долгот, како и со тоа што со предлогот за бришење на хипотеката поднесен од полномошникот на доверителот не било доставено специјално полномошно. Дополнително судскиот совет констатира дека во решението за бришење на хипотеката не е наведено дека долгот е измирен а воедно немало и доказ дека истиот е измирен при што посебно се потенцира дека судијата треба по службена должност да внимава дали полномошникот превзема соодветни дејствија во интерес на странката која ја застапува. На крај судскиот совет констатира дека против судијата кој постапувал во овој предмет не може да се поведе постапка за утврдување на неговото стручно и несовесно постапување од причина што истиот повеќе не ја обавувал функцијата Судија на Основен суд Струмица. Докази за ова се: Записник за одржана 147-ма седница на Судски совет на РМ од 07.03.2013 год. и бр. 03-248/2 од Известување бр. УПП-866/12 од 15.03.2013 год. изготвено од Судски совет на РМ а доставено до лицето Бранко Петров од с.Куклиш, Струмица. Имајќи го во предвид фактот дека од страна на должниците Васе Попов и Мите Попов и двајцата од с.Куклиш,Струмица, долгот не бил исплатен а при тоа со решението на судот хипотеката врз недвижниот имот со која се обезбедувала побарувањето била симната, а сето како резултат на незаконско постапување на судот, доверителот Пављо Филчев претрпел значителна материјална штета. Во конкретниот случај заемодавачот Филчев се стекнал со извршна исправа само за еден дел од позајмениот износ и тоа за износ од 393.543,00 Швајцарски франци, додека за другиот дел од 150.000 Швајцарски франци заемодавачот бил оневозможен да го наплати долгот од причина што хипотеката НЕЗАКОНСКИ била симната односно избришана од страна слугата на ,,ФРЕНКИ,, мафијата, судијата Ристо Хаџи-Еленов.
Со оглед на тоа дека со чл. 4 од Договорот за заем од 20.02.1997 год. склучен помеѓу правниот претходник на тужителката Пављо Филчев и лицето Васе Попов предвидено било на позајмениот износ да се плаќа и договорна камата определена на 4% годишно, штетата која ја претпел правниот претходник на тужителката ги вклучува и каматата како споредно побарување сметано од денот на настанувањето на обврската за враќање на заемот. Во конкретниот случај тужителката преку својот полномошник се обратила до вешто лице Дипл. ек. Зоран Стојкоски од Вевчани, со конкретно барање да се пресмета камата на доспеан износ од 150.000 CHF. Постапувајќи по барањето вештото лице изготвило стручен наод и мислење со кое е пресметана доспеаната камата на побарување од 1500.000 CHF, сметано од 20.02.1997 год. до 18.01.2018 год. (денот кога е изготвено вештачењето). Заклучно до 18.01.2018 год. Таа изнесува 125.452,79 CHF. Доказ е Вештиот наод и мислење изготвен од вешто лице Зоран Стојкоски од Вевчани, бр. 1-2018 од 18.01.2018 год. Во случајов директната одговорност за настанувањето на штета е на судијата Ристо Хаџи-Еленов од причина што истиот СВЕСНО донел неправилно и незаконско решение. Решението Р. бр. 210/06 од 27.03.2006 год. со кое се врши бришење на хипотеката е спротивно на позитивните прописи и востановената судска пракса во РМ.
Во конкретниот случај судијата Ристо Хаџи-Еленов не можел односно не смеел да донесе решение за бришење на хипотеката од причина што од страна на полномошникот на доверителот не било доставено специјално полномошно со кое истиот како полномошник на доверителот би имал право да поднесува предлог за бришење на хипотеката а воедно од негова страна не е доставен ниту доказ дека долгот од страна на хипотекарниот должник е во целост измирен. Судијата Ристо Хаџи-Еленов ова го направил за да оствари имотна корист и да и угоди на локалната ,,ФРЕНКИ,, мафија од Струмица, специјализирана за празнење на девизни пензионери кои ќе им се видат немоќни да пружат отпор. Пављо Филчев бил таков пример.
Тужителката Савета Петрова својата активна легитимација во конкретниот случај ја поткрепува врз основа на решението О. бр. 351/16 УДР. бр. 49/16 од 13.10.2017 год. донесено од Нотар Стевица Јанева од Струмица при што во ова решение е наведено дека тужителката како тестаментален наследник има право на побарување против должниците Васе Попов и Мите Попов и двајцата од с.Куклиш, побарување кое произлегува од извршната исправа оресуда П. бр.1803/00 од 20.05.2003 год. на Основен суд Струмица. Oва побарување произлегува и е директно поврзано со побарувањето кое покојниот Пављо Филчев го остварувал во рамките на постапката И. бр. 4241/99 поведена и завршена пред суд во Струмица. Тужителката Савета Петрова е законски наследник на сега покојниот Пављо Филчев. Во конкретниот случај судијата кој постапувал е именуван од страна на надлежен државен орган па во таков случај за работодавец на судијата се смета Република Македонија. Од тие причини пасивната легитимација во случајот е кај сега тужената РМ. Па согласно чл. 41 од Законот за судовите ,,Судиите и претседателите на судовите ги избира и разрешува Судскиот совет на Република Македонија под услови и во постапка утврдени со закон,,… Согласно чл. 141 од Законот за облигационите односи ,,Тој што со вина ќе му причини штета на друг, должен е да ја надомести,,
Согласно чл.158 од Законот за облигационите односи ……,,правно лице одговара за штета што ќе му ја причини негов орган на трето лице во вршењето или во врска со вршењето на своите функции,,….
Тужителката Савета Петрова, ја тужи Република Македонија како работодавач на судијата Ристо Хаџи-Еленов од Струмица, како именуван функционер од надлежен државен орган, кој постапувал како судија при Основен суд Струмица во рамки на предметот Р. бр. 210/06 па предизвикал штета која настанала како резултат на неговото незаконско постапување, а Петрова од работодавачот РМ бара да и се исплати износ од 275.452 CHF со соодветна казнена камата. Тужбата против РМ е поднесена во јануари оваа година…
Додека да се заврши овој предмет, локалната ,,ФРЕНКИ,, мафија краде и понатаму, засега нема кој да им застане на пат. Крадат и сега, додека го читате ова…
(продолжува)