Пишува: Зоран Буревесник Божиновски
Системот е сетиран за да добива само Кочо Анѓушев. Сите околу него се само слуги. Кочо се плаши само од бившите партнери од Србија, Хамовиќ и Лазаревиќ, бидејќи го фатиле како ги поткраднува…
Појавата на Кочо Анѓушев е тесно поврзана со почетоците на трговијата со струја во 2001 година. Првата набавка на струја ја одработил за ЕСМ во име на белградската компанија ЕФТ. Од сопствениците Вук Хамовиќ и Војин Лазаревиќ за успешно одработената зделка бива награден со отворање на нивна фирма во Македонија, ЕФТ Македонија. Анѓушев станал нивни претставник во Скопје. Но, не поминало долго време а почнал своите партнери од Белград да ги краде. Бил фатен од роднина на еден од сопствениците кој завршил високо образование па како млад и перспективен го испратиле да учи менаџмент во Скопје. Додека учел низ пракса ги разгледувал деловодните книги, го следел бизнисот, она што го читал во документацијата не му се совпаѓало со она што го гледал во живо во режија на Анѓушев. Набрзо сфатил дека тој ги краде своите партнери од Белград, па собрал докази, составил шема по која Анѓушев краде и ја презентирал пред Хамовиќ и Лазаревиќ. Немале друг избор па веднаш го одстраниле Анѓушев од ЕФТ Македонија, му нацртале колку им должи за поткраднувањето и без многу врева се разделиле.
Кочо не губел многу време. Среќен што скандалот со ЕФТ не бил обелоденет јавно, ја основал ЕДС, компанија за трговија со струја. Оваа компанија ја продаде лани, четири дена пред потпишување на Преспанскиот договор, ја продаде на грчката државна компанија ППС. Соучесник во оваа криминална трансакција е роднината на Анѓушев, адвокатот Никола Лазаров. Практично, Грците не купија компанија туку е купено влијанието на Анѓушев во Владата на Заев кое е огромно. Грците ,,купија,, фирма од Анѓушев која две претходни години искажува загуба, така да на прв поглед нема никаков економски резон за купувањето. Ама, битен е вториот поглед т. е. позадината. Битно е дека ППС преку ЕДС сега настапува во Македонија како фирма која ги има сите привилегии да дојде до профитабилни зделки кои им ги овозможуваат Анѓушев и Лазаров. После продажбата на ЕДС на грчката ППС, Анѓушев врши огромен притисок врз македонски компании да купуваат струја од сега привидно грчката ЕДС. Сега не е сопственик, нема конфликт на интереси, па како вицепремиер своето влијание го злоупотребува да присили македонски компании да тргуваат со ЕДС т. е. со фиктивниот сопственик ППС. Како вицепремиер задолжен за енергетика има апсолутна контрола врз трговија со струја, ама и цврста контрола над сите проекти (производство на струја од ветерници, од соларни централи, како и врз текот на приватизација на хидроцентралите Чебрен и Галиште). За да не се случи некој од овие сегменти да му избега од контрола, во менаџерските тимови на ЕЛЕМ и МЕПСО инсталирал свои послушници/дојавувачи, па секогаш знае што се случува во овие компании и кој следен потег треба да го повлече за да профитира.
Системот го прилагодил сите, па и најнебитни информации поврзани со енергетика да се слеваат кон него, за прв да ги анализира и да ги изменаџира во своја корист. Ужива највисока доверба од премиерот за кого знае да каже дека му е гоооооолем должник од време кога бил опозиционен лидер, па сега само му возвраќа. Сите набавки кои се планираат во ЕЛЕМ и МЕПСО прво одат на анализа и одобрување кај Анѓушев, па потоа директорите смеат да ги спроведат. Мини перверзија е податокот дека негови главни брифери од МЕПСО (на пример), се учесници на сите оние славни контрамитинзи на ВМРО ДПМНЕ а и на протестите кои го имаа своето финале на ,,крвавиот четврток,, 27 април 2017. Овие брифери на Анѓушев, денес менаџери стручњаци, до 27 април и упадот во Собрание беа и контролори на вработените во МЕПСО, тие се оние кои ставале + или – за присутност или одсутност од протести, биле означувачи за (не)подобни.
Денес се луѓе од доверба на Кочо Анѓушев, информатори што се случува во МЕПСО. Квалитетно се наградени секогаш кога ќе му дојават информација на вицепремиерот која е драгоцена и му донела профит. Единствено главниот меѓу нив, Борко Алексовски има редовна месечна ,,мрсна,, девизна награда бидејќи го контролира директорот Сашо Василевски и редовно известува за неговите ,,движења,,. Алексовски има и силни ингеренции во МЕПСО, па циклично и систематски им се одмаздува последните две години на сите учесници на славната Шарена револуција. Тој ги има под контрола и техничките сектори за чие работење Сашо Василевски ниту има познавања ниту може да ги има бидејќи никогаш во животот како правник не работел во и со енергетика. Затоа КОНТРОЛОРОТ Алексовски како послушник на Анѓушев за се што работи не се консултира со менаџментот и со Василевски, туку директно се договара и добива одобренија од Анѓушев.
Иако повеќекратно Анѓушев нагласуваше јавно дека своите бизниси ги затворил и дека нема конфликт на интереси, сепак најдиректно преку неговиот роден брат Тодор е инволивран во профитабилниот парк за производство на струја од ветерници, близу Свети Николе. Номинален сопственик е Михајло Михајловски, долгогодишен партнер на Анѓушев во трговија со струја. Нивни заеднички претходен ,,проект,, беше исцицувањето огромни средства преку снабдување на ,,ФЕНИ,, со струја.
Техничката реализација на проектот ВЕТЕРНА ЦЕНТРАЛА во Свети Николе со инсталирана снага од 42 МГВ, е родениот брат на Кочо, Тодор Анѓушев. Секако дека Кочо и Михајло добро се потрудиле во документацијата да го нема името на Тодор, но од извори во централата во Свети Николе дознавам дека Тодор таму е сеприсутен. Главна ,,квака,, во овој проект т. е. главна придобивка е договорот со КОНТРОЛОРОТ Алексовски во МЕПСО да им гарантира на Анѓушеви и на Михајловски, откуп на комплетниот обем на произведена струја во централата во Свети Николе и тоа по т. н. ФИДИНГ ТАРИФА на подолг период. Сличен рецепт се применува и кај производство и откуп на струја произведена од малите хидроцентрали. При примена на ФИДИНГ ТАРИФАТА на откуп на струја од ветерната централа од Свети Николе, Кочо, Тодор и Михајло имаат фиксна договорена цена со МЕПСО, за случајно да не изгубат некое евро планиран профит.
Во оваа операција, Кочо, Тодор, Михајло и нивниот инсајдер КОНТРОЛОРОТ Алексовски во МЕПСО ,,уредиле,, погодност ветерната централа од Свети Николе под нивна контрола, да биде ослободена од обврска да се БАЛАНСИРА. Таа обврска ја имаат сите останати учесници на пазарот на електрична енергија. Со откуп по привилегирана ФИДИНГ ТАРИФА за струјата од ветерната централа во Свети Николе, штета ќе трпи МЕПСО како преносен оператор и граѓаните како сопственици на МЕПСО. Привилегијата на ветерната централа во Свети Николе однапред хендикепира идни инвеститори во бизнисот со струја од ветерни централи бидејќи секој домашен или бизнисмен од странство кој ќе вложи во овој бизнис нема да има привилегирана ФИДИНГ ТАРИФА за гарантирана откуп на произведена струја. Ќе имаат премиум симболична тарифа.
Ама, Кочо предвидел тие прво да заглават, да инвестираат, да фрлат пари во ветар, па кога ќе почнат да се откажуваат од непрофитабилниот бизнис, заедно со Михајло и брат му Тодор великодушно ќе ги купат тие капацитети и ќе продолжат да работат оти имаат привилегирана откупна цена од МЕПСО. Идните инвеститори прво ќе бидат навлечени од авторитетниот вицепремиер и премиерот кои привлекуваат инвеститори на кои им гарантираат поволна бизнис клима за инвестиции. Е откако ќе ги изградат ветерните централи и ќе очекуваат профит, владата и вицепремиерот ќе ги упатат на пазарот, практично во слепа улица. Таму чека грчката ППС и адвокатот Никола Лазаров, да им помогнат на очајните инвеститори да ја продадат струјата со која се неконкурентни на македонски пазар. Како да вртиш, сите патишта водат до џебот на Кочо Анѓушев. Му се посреќило да инвестира во силен маркетинг агент, во премиерот Зоран Заев.
Математиката е направена. Кочо, Тодор и Михајло во Свети Николе имаат капацитет од 42 МГВ, со гарантиран откуп по фиксна цена и ФИДИНГ ТАРИФА. МЕПСО работи за нив. Во малите капацитети кои допрва треба да ги изградат навлечените инвеститори, има капацитет од дополнителни 35 МГВ, долгорочно предвидени да паднат под контрола на Кочо Анѓушев, па да заокружи контрола над 77 МГВ потенцијал за производство на струја од ветер, по привилегирана фиксна откупна цена, без притоа Кочо Анѓушев да го боли глава да увезува и да препродава на македонски компании скапа струја од увоз.
Кочо имал кликер и во вистински момент инвестирал во вистинскиот човек – Зоран Заев. Додека го чекал да созрее и да дојде на власт за му биде на услуга, Кочо играше со Сашо Мијалков. И денес игра со него, ама скриено…