Ќе има ли притвор за Ѓорѓи Белчев, убиецот на Мите Танов!?
Пишува: Зоран Буревесник Божиновски
Коперникански пресврт е израз кој прв ми падна на ум кога завчера дознав дека убиството на Мите Танов (1988) при лов на Кожуф планина, на 3 ноември 2019 година – НЕ Е убиство од небрежност туку УБИСТВО. Обвинет е Ѓорѓи Белчев, 55 годишен од Гевгелија. Третиот учесник во предпладневниот кобен лов на местото Варница, под Асан чешма, бил Слободан Стефановски, ама бил одалечен од местото на трагичниот настан и не видел што се случило.
Според полицискиот извештај, убиството се случило околу 10 30 часот на 3 ноември 2019 година. Од до денес неутврдени причини, Белчев стрелал кон убиениот Танов, го усмртил со погодок во срцето, со три четиримилиметарски оловни сачми, од вкупно девет колку содржи ловниот патрон. Од доказот кој го објавив во претходниот текст на оваа иста тема, фотографија од местото каде ловеле, се чита јасно дека Мите Танов во 10 35 часот уште бил жив, во тој момент испратил од неговиот мобилен телефон слика до свој другар.
Полицијата во својот извештај бр. 33.4.6-3387/2 од 04 ноември 2019, потпишан од Ангел Божинов, запишала дека убиството се случило око 10 30 часот. Пишува и дека излегле на лице место да вршат увид порад УБИСТВО ОД НЕБРЕЖНОСТ. Ова не е работа на полицијата, ама со записникот од увидот Ангел Божинов се замешал во работата на обвинителството и веќе се обидел да му олесни на убиецот со КВАЛФИКАЦИЈА на кривично дело за што не е овластен.
Ова се должи на катастрофален пропуст на обвинителката Василка Ковачева Садикова, која од полицијата била известена дека излегуваат на место на настан каде се случило убиство, ама таа спротивно на нејзините обврски и должности според Законот за кривична постапка, НЕ ИЗЛЕГЛА НА МЕСТОТО на настанот. Не ми е познато како Ангел Божинов и неговите колеги не знаеле или уште полошо знаеле дека не смеат да вршат увид без присуство на обвинител на лице место, па според записникот ете самоовластено одиграле улога и на обвинители и на увидна екипа.
Васка Садикова Ковачева, од 3 ноември 2019 до скоро ја водела истрагата, нема никаде податоци кога ја завршила и како ја завршила, не е познато кој е судија за претходна постапка и не се знае кој е сослушан во таа истрага и кога, каква изјава дал. Дури не е познато ниту како е завршено наводното вештачење на случајот и зошто увидната екипа претпладнето на лице место не пронашле ниту една од преостанатите ШЕСТ ЧЕТИРИМИЛИМЕТАРСКИ сачми од убиствениот ловечки патрон испукна од убиецот Ѓорѓи Белчев кон убиениот Мите Танов, од наводна 15 метарска далечина. Имале јасен, сончев есенски ден и повеќе од доволно време да бараат и пронајдат барем две од сите шест, за точно да можат балистичари да утврдат од кое место било пукано и кој каде стоел во моментот на истрел.
Но, ете се случи во средината на јуни тој ,,коперникански,, пресврт, па квалификацијата на полицискиот службеник Ангел Божинов дека излегол на ,,настан поради убиство од небрежност,, веќе не е актуелна, туку сега е квалификација Убиство по член 123 став 1 од КЗ, по кој е предвидена затворска казна од најмалку пет години затвор. Што е драстично различно од убиство од небрежност по член 126 од КЗ, казнив со минимум 6 месеци затвор до пет години максимално. Ова значи дека од средината на јули оваа година, кога ќе почнат процесните постапки против обвинетиот за убиство Ѓорѓи Белчев, ќе има малку пообемна и подетална јавна расправа и за пропустите на службените лица во овој предмет, бидејќи почнувајќи од обвинителката Ковачева Садикова, па завршувајќи со Ангел Божинов и сите негови колеги кои биле критичното предпладне на увид, ќе мора да се утврди кој каде промашил (не)намерно. Има цврсти и несоборливи докази кои ќе го потврдат обвинението против Белчев и ќе го однесат во затвор, ама…
Пред да биде соочен со докази и доказна постапка на судски претрес, Ѓорѓи Белчев под итно да биде повикан на распит пред судија за претходна постапка, на предлог на обвинителката Ковачева Садикова или друг обвинител доколку таа не го застапува обвинението и заради затворската казна е предвидена по член 123 став од КЗ, да му биде одреден притвор или домашен притвор, да му бидат одземени патните исправи кои ги поседува, а поседува две. Доколку остане на слобода ќе влијае на сведоци, може да се даде во бегство, оти е добро ситуиран и има можности да опстане во бегство…
Последново и го предлагам јавно на обвинителката Ковачева Садиков и една превентивна причина:
Убиецот со евентуално бегство или влијание врз сведоци, како нејзин бивш школски другар и близок пријател, може да и ја заврши кариерата и лесно да ја седне на обвинителна клупа како соучесничка која со така сторена злоупотреба на службената положба ќе се квалификува за истрага и обвинение.
Гевгелија има таков свеж пример, Катица Јанева…
(продолжува)