logo
Search
Close this search box.

,,АДОН,, не лае на ,,домашни,, наркодилери…

Не му е лесно на Лабрадорот Адон. Стана славен преку ноќ. Ни крив ни должен, а ревносен како полицаец-трагач на Ќафасан „намирисал„ половина тон марихуана. Гордана Јанкуловска не смее според Уставот и законот на РМ да даде наредба Адон да замине на задача во Неготино, да помогне во акцијата „Керозин„. Ќе „намириса„ Адон многу кокаин, „ЃАОЛски„ втемелен во капиталот на неготинската наркомафија блиска до Никола Груевски…

Ланската предновогодишна „ногометна„ пресметка на обезбедувањето на „Лупус„ (некогашна агенција за обезбедување во сопственост на Дејан Митревски Урко!) со татини и мамини синови, снимена пред ноќниот клуб „Балет„ во Скопје (сопственост на Сашо Мијалков), беше почетокот на пресметките во Фамилијата на власт во Република Македонија. Првото жестоко продолжение потоа се случи во Струмица, кога Ален Зекиров со неговиот патувачки силеџиски театар од Скопје, со дозвола од Сашо Мијалков, му стави крај на пуленот и бизнис партнер на Дејан Митревски Урко – Славчо Пинда. Дотогаш славен и недопирлив локален мафијаш, од тогаш никој и ништо, Пинда денес е ресетиран голчо, уништен од Мијалков и помножен со нула. Следната локација на патувачкиот театар беше Кочани. На јавноста и беше претставена како акција „Детонатор„, како божемна борба со мафија која во Македонија има увезено на црно покер апарати и ги има инсталирано за да создава профит за себе. Се испостави дека Сашо Мијалков и Дејан Митревски Урко ги имаат увезено заедно сите 2.200 покер апарати, во време на власт на ВМРО ДПМНЕ, преку шпедиција сопственост на безобразно збогатениот градоначаник на Крива Паланка, кадар на ВМРО ДПМНЕ. Арно ама, желбата на Сашо Мијалков да го порази шефот на обезбедувањето на Никола Груевски, да му ги исече сите криминални бизнис кракови низ Македонија и да му ја згасне Агенцијата за обезбедување „Лупус„, заедно со личната одмазда, беа појаки од видливото уништување на ионака криминалната политика на неговиот братучед Никола.

И така, ако тепачката пред „Балет„ лани беше иницијална каписла, акцијата „Керозин„ е финале на внатрешната фамилијарна пресметка, крај на една криминална екипа која од јули 2006. година владее скоро па апсолутно. Сепак, неколку недели по фиктивното апсење на сопственикот на „Алма Комерц„, Љупчо Пецов Ѓаволот и неговите соработници, наводно за криминал со нафта за греење за јавните институции, најобичното загребување под површината на овој случај покажува дека станува збор за нарко бизнис, за локална бизнис империја создадена од наркотрговија, која паралелно се одвивала со малверзациите со нафта за греење. Она што денес е неодбранливо се двете клучни врски кои водат најдиректно до премиерот Никола Груевски. Прво, фирмата „Алма Комерц„ од Неготино со години под извршна власт на ВМРО ДПМНЕ и Никола Груевски непречено и со негово најдиректно ЛИЧНО одобрување добивала тендери за снабдување со нафта за греење на јавните институции. Станува збор за над 170 такви тендери. Иако на постапките имало жалби и второстепената комисија при Владата им давала за право на оние кои се жалеле, сепак Ѓаволот и „Алма Комерц„ продолжувале да тераат бизнис со Владата на Груевски.

Втората најдиректна врска до Никола Груевски е поранешниот партиски обезбедувач и билдер, денес личен телохранител на премиерот, Тошо Зафиров Качакот. Некогашното гладно, голо и босо детиште од с. Тимјеник, денес покрај службувањето во МВР како дел од обезбедувањето на Груевски, преку ноќ е и новозбогатен бизнисмен. За кратко време, на магичен начин, Тошо Качакот стигнува до посед на неколку бодибилдинг клубови во Скопје (со интересно име, „Гладијатор„!), до посед на скапи коли кои веќе на прв поглед изгледаат луксузно, ама и посед на неколку станбени единици на атрактивни локации во Скопје. Не е тајна одамна дека Тошо Зафиров Качакот како партнер е дел од наркобизнисот на сега притворениот Љупчо Пецов Ѓаволот. Не е тајна ниту дека Никола Груевски благонаклоно гледа на бизнисите на Тошо Качакот, како што гледа благонаклоно на бизнисите на Дејан Митревски Урко. После „Керозин„ веќе не е тајна и дека оваа наркокриминална група јавните институции и особено училиштата низ Македонија, освен со нафта за греење ги снабдувала и со дрога.

Денес, кога оваа наркоекипа се распаѓа во хаос, поради меѓусебни пресметки и омраза, УЈП раководена од неспособниот Горан Трајковски, бесно се нафрла врз мали и немоќни фирми, врз сопственици на дуќани кои не им се мили и драги, обични луѓе кои не се вклопуваат во нивната црвено-црна двоглава нарко територија која си ја сметаат за држава под своја лична контрола. Горан Трајковски нема ниту грам храброст да влезе во Неготино и да го испита потеклото на имотот на Ѓаволот и на Качакот, МВР кадар кој со државна плата успеал од локален „гољо„ да стане дел од скопската џет сет посрана елита која се чатали со луксуз спечален од наркотрговија и се фали во „ТЕА МОДЕРНА„. Трајковски не смее да помисли и да провери и пресмета колку данок платиле Ѓаволот и Качакот последните неколку години. Пардон, дали воопшто платиле?

Има уште ликови лесно збогатени од овој локален неготински естаблишмент, заштитен од МВР и Владата. Извесни ликови, локално познати како Тошо Тандем и Смрче, успеале со поддршка од ВМРО ДПМНЕ да отворат филијала на „Кроација осигурување„, да набават нови камиони и да тераат криминален бизнис со нив. Непречено, разбира се. Иако до пред некоја година и тие биле локални клошари како Тошо Зафиров Качакот, прекуноќното коалицирање на Љупчо Пецов Ѓаволот со велешката наркомафија (Ало, Франфурт!), на сите нив им носи огромни профити и брзо збогатување. Ѓаволот напредува во наркобизнисот откако влегува во наркокоалиција со покојниот полицискиот инспектор Владо Милошев (шура на Дејан Митревски Урко!) и Јордан Јорданов Ркулот, и двајцата убиени во скопскиот ресторан „Биг Фиш„ од страна на Тони Денковски.

Она што на контролираниот македонски суд во процесот против Тони Денковски, ниту еднаш не дојде на дневен ред, е причината за крвавиот пир на Денковски во „Биг Фиш„. Според моите извори мотив за пресметката на Денковски со Милошев и Јорданов е огромниот притисок кој двајцата му го вршеле, со попатни закани по живот на неговата ќерка, поради пратка на кокаин до Франкфурт која Денковски се обидел сам да ја транспортира, одбивајќи помош од курир на „франкфуртската мафија„. Таа пратка паднала во Унгарија, а Јордан Јорданов Ркулот му пресметал „фактура„ на Денковски во износ од 200.000 евра за да му ја надомести штетата. Критичната вечер пред да се случи масакрот во „Биг Фиш„, Јорданов извршил жесток уценувачки притисок врз Денковски за да си ги наплати еврата што ги барал, а на тој притисок Владо Милошев „додава„ и два боксерски удари по лицето на Денковски, за да му покаже дека не се шегуваат. Денковски нешто подоцна се пресметува со нив така што ги убива во ресторан „Биг Фиш„, а одмаздата стигнува деновиве. Судот на ВМРО ДПМНЕ конечно му пресуди доживотен затвор. Убил луѓе од нивниот криминален систем!

Мои извори од Неготино тврдат дека додека бил жив Јордан Јорданов Ркулот, бизнисот со кокаин на релација Велес – Неготино, се одвивал беспрекорно. Љупчо Пецов Ѓаволот кокаинот му го плаќал на Јорданов со скапи возила, со што овој бил задоволен бидејќи можел веднаш да ги препродава. Правило кое секогаш го почитувале и Ркулот и Ѓаволот е никогаш со нив да не носат кокаин, за да не се случи некакво „случајно„ апсење и недоразбирање со МВР. Договорените количества кокаин помеѓу нив двајца, секогаш ги дистрибуирале тројца вработени кај Ѓаволот, дилери познати како Ѓмата, Шкреко и Васо Крејзи. Иако вработени како возачи во „Алма Комерц„ сепак и тие поседуваат луксузни возила, располагаат со многу пари, а поседуваат и скапи моторцикли корисни за брз транспорт на кокаин од Велес до Неготино, Кавадарци и Неготино.

Инаку, кокаинот пристигал од Грција, преку граничниот премин кај Дојран. Прифатот на пратките, натамошна дистрибуција и перењето на парите од бизнисот го врши лицето Ѓоко Камчев од Кавадарци, вработен како менаџер во Казино „Мрдаја„. Во акцијата „Керозин„, заедно со Љупчо Пецов Ѓаволот е уапсен и Ѓмата, неговата „десна рака„ во наркобизнисот, инаку сопственик на скапоцено „Ауди„ возило, скап моторцикл со голема кубикажа, локален фраер кој на јавни места неретко покажувал дека поседува снопови банкноти од по 100 евра, иако во „Алма Комерц„ е вработен како точач на гориво и повремен возач на фамозните цистерни „БЛИЗНАЦИ„. На слобода е вториот дилер, Васко Крејзи, од 2005-2007 година вработен како квалитетен ровокопач во локалното комунално претпријатие. Арно ама, Васо Крејзи брзо го губи еланот во оваа дејност па од ровокопачи преминува во наркодилери. Како доверлив и како човек на кој може да се потпре, Ѓаволот му дозволува на Васо Крејзи да го оддржува нарко коридорот до Арачиново и транспортот на кокаин до неговиот стан во Скопје, до Неготино и Кавадарци. Подоцна Ѓаволот му доверува на Васо Крејзи да раководи со бензинската пумпа „Ангел Петрол„ во с. Глишиќ, а како добар и вреден „работник„ брзо купува „Алфа Ромео„, „БМВ„, моторцикл вреден 15.000 евра и транспортни возила. Станува газда! Поради заслуги за ВМРО ДПМНЕ, Васо Крејзи од партијата на подарок го добива на располагање просторот за Дом на Култура во Кавадарци, каде отвора свој кафе бар. Познат е по тоа што е единствен локал во Кавадарци во кој може непречено да се пуши, бидејќи инспекторите се опоменати да не влегуваат кај Васо Крејзи, да не му пречат и да му го расипуваат расположението. Денес Васо Крејзи е ценет локален бизнисмен, со неоформено средно образование. Успеал да купи и камион, кој го регистрирал во Штип на друго име, бидејќи не би можел во Кавадарци да објасни од каде му пари да купи камион. До пред само три години по Кавадарци просел по 100 денари, бакнувајќи им рака на сите оние кои ќе му пружеле стотка за да не им досадува.

Инаку, за да не биде дека сите во оваа криминализирана средина се корумпирани и купени, ќе кажеме дека Љупчо Пецов Ѓаволот во почетната потрага по поткупливи полициски инспектори, наишол и на цврст и тврд орев, еден полициски командир кај кој никако немал помин. По неколку месечни проблеми со тој командир сепак нашол корумпиран над него со чија помош ја надминал пречката и го „тргнале„ командирот. Полицискиот кадар кој му помогнал на Ѓаволот да го елиминира незгодниот и непоткуплив командир се вика Трајче Камчев, кадар на ВМРО ДПМНЕ на позиција началник на крим полиција во Неготино. Од голема благодарност поради кооперативноста на Трајче, Ѓаволот инвестирал од порано во него „за да му се најде еден ден„. Јавна тајна во Неготино е дека Ѓаволот му го има завршено факултетот во Битола на синот на Трајче, Ангел Камчев. Тарифата за секој купен испит била 300 евра. Па денес Ангел Трајче Камчев има диплома „КУПЕНА ОД ЃАВОЛОТ„. Како дипломиран кадар, со „кооперативен татко„, Ангел Камчев веднаш бил вработен од Ѓаволот на бензинската пумпа „Ангел Петрол„ во соседно Кавадарци, ама вработените „пумпаши„ играле дрн дупка со неинтелигентниот Камчев Јуниор бидејќи никако не можел да научи како се прави попис. Следниот работен ангажман на Ангел Камчев бил во филијалата на ТТК Банка во Неготино, отворена во деловен простор сопственост на Ѓаволот. Арно ама ниту банката многу не траела и набрзо била затворена па со неа завршила и кратката банкарска кариера на Ангел Трајче Камчев. По затворањето на филијалата на банката, Ангел Камчев преминува во „Алма Комерц„ каде и денес работи. Апсењето на ѓаволот и неговите колеги, Ангел Камчев го следел во живо.

Таман, Ангел Камчев и татко му Трајчо најдобро ќе знаат како Ѓаволот успее да ги купи и да ги регистрира возилата од личниот возен парк: ВЕ 485 НП (Ауди А6), Ве 888 НР (Порше Карера), ВЕ 777 НР (Ламборџини Диабло), ВЕ 327 НП (Мерцедес), ВЕ 888 НП (Мерцедес СЛК), ВЕ 647 НП (Пасат), КА 0240 НБ (моторцикл), КА 0085 НБ (Мерцедес), ВЕ 823 НТ (Пежо Боксер), ВЕ 272 НУ (Волво). Лично началникот Трајче Камчев средувал Ѓаволот да добива бројки на регистерските таблички по желба и експресно да му се завршува секаква работа во полицијата. За „кооперативноста„ од Ѓаволот, Трајче Камчев бил награден со Фиат Пунто. Инаку, заради одличната бизнис соработка со МВР и наклоноста која Ѓаволот ја уживал од Сашо Мијалков му било дозволено право на „лицитација„ да го купи запленетиот џип на Велија Рамковски. Љупчо Пецов Ѓаволот не ни разбрал дека тоа Сашо Мијалков му пратил „порака„ да се тргне од близина на Дејан Митревски Урко и Тошо Зафиров Качакот. Судбината ете сакала џипот на Ввелија да биде предмет на заплена по втор пат. Платен е со пари стекнати од криминал.

Што да се каже за крај на оваа сторија. Гордана Јанкуловска и Љупчо Тодоровски Радник пред да дадат знак за отпочнување на акцијата „Керозин„ знаеле дека полицискиот инспектор, лабрадорот Адон не смее да биде вклучен во акцијата, оти ќе открие непогрешливо дека керозинот е кокаин. Адон би открил дека просториите на „Алма Комерц„ се отруени од дрога. Затоа Адон го носат на преминот Ќафасан, да „лае„ по дилери на марихуана кои не се блиски до ВМРО ДПМНЕ. На Јанкуловска и Тодоровски не им е доцна и денес да го однесат Адон во „Алма Комерц„, просториите малку појако се нарко-контаминирани. Ама Адон во „Алма Комерц„ ќе лае по домашни дилери, најдиректно врзани до МВР и Никола Груевски. Адон ќе лае и по Ангел и по колегата му Трајче Камчев. Не е доцна Јанкуловска и Тодоровски да им направат наркотест на сите притворени од „Керозин„, ама и на сите кои сеуште се на слобода а спомнати се во овој текст или се на сликите објавени во претходниот текст на оваа тема и сликите објавени денес. Ќе ја дознаат вистината. И тоа според Уставот и законите на РМ.

Се разбира дека нема тоа да го сторат, така ќе го паднат Никола Груевски од власт и ќе заминат заедно со него. Вака, уште некое време ќе се самозалажуваат. Се надевам дека веќе нема да лажат…

НЕГОТИНО КАКО ПАЛЕРМО!?

Дека Неготино стана Палермо сведочат се повеќе Неготинчани кои ми се јавуваат деновиве. Разочарани се што власта се прави глува, слепа и нема и со години не презема ништо да го спречи труењето на Неготино и Кавадарци со дрога. Разочарани се Неготинчани и поради обидот на МВР да ги лаже преку прес конференции дека се пресметува со сопственик на фирма која е инволвирана во криминал со нафта за греење на јавните институции. Најголемото разочарување претставува „трансформацијата „ на Неготино во град на криминал во кој идоли на децата им се Ѓавол, Смрче, Ѓма, Качакот, Крејзи и слични, за кои Неготинчани велат: „сите на куп да го собереш нема да состават виша школа!„, а поседуваат огромни богатства кои легално не може никој да ги стекне. Денес веќе никој во Неготино не верува дека криминалот со нафтата е „керозин„ туку дека „керозинот„ е претворен во чист кокаин.

Неготинчани знаат дека ако од МВР сакале да процесуираат криминал со нафтата во училиштата, прилика имале уште пред неколку години кога во малверзации со нафта бил фатен Горан Стојановски Мајмун, кадар на ВМРО ДПМНЕ на позиција директор на основното училиште „Гоце Делчев„ во Неготино, експресно сменет потоа и избркан од партијата. А случајот брзо бил заташкан оти Љупчо Пецов Ѓаволот и „Алма Комерц„ биле снабдувачи, а случајот го водел корумпираниот полициски инспектор Трајче Камчев. Директорот си заминал од функција, Камчев наплатил рекет од Ѓаволот, а бизнисот продолжил да тече непречено. Покрај овој случај, познат е и случајот на сличен бизнис на „Алма Комерц„ со фирмата „Марков Тим„ од Неготино, исто така сработен со „рекет супервизија„ на корумпираниот Трајче Камчев, началник на крим полицијата во Неготино, инаку во екс СФРЈ кадар на ТП „БЕКО„ како магационер. Толку му бил „плафонот„. Со ВМРО ДПМНЕ во самостојна Македонија дотуркал до началник.

Последното „кадро„ од Неготино се однесува на извршителот Благој Бањански, кој наплатил аванс во износ од 5.000 евра од Љупчо Пецов Ѓаволот за да му „среди„ купување на хотел „Парк„ во Неготино за тројно помала цена од реалната. Ама за Бањански во првата следна згодна прилика…

  • Креирано на: 29.11.2012
  • Прегледано: 194.002

Коментари

Новитети :

Следете не :

Зачленете се за Новости


Headline

Never Miss A Story

Get our Weekly recap with the latest news, articles and resources.

Cookie policy
We use our own and third party cookies to allow us to understand how the site is used and to support our marketing campaigns.