logo
Search
Close this search box.

,,Ако ве застапувам и понатаму, ќе ме убијат!,,

Струмичкиот Основен суд на 8 мај о. г. требаше да донесе пресуда по тужбата на наследниците на Пављо Филчев, ќерката Савета и зетот Бранко Петрови. Скоро три недели од тогаш, ПРЕСУДА НЕМА. Судот нема сила да пресуди против криминалците во сопствените редови. Ова е сторија за начинот на кој правосудството му слугува на криминалот…

Пишува: Зоран Буревесник Божиновски

Савета и Бранко Петрови при нивното доаѓање од Швајцарија во Македонија, во Струмица, во април 2010, за празникот Велигден, го посетиле таткото на Савета, денес покојниот Пављо Филчев. Тој тогаш живеел во куќата на другата ќерка во Струмица. Савета и Бранко тогаш го нашле стариот Пављо во солзи, разочаран од измамничката игра на локалната правосудна мафија во Струмица. Им рекол дека е уништен од банда измамници кои му ги земале сите пари кои ги имал и згора си подигрувале со него, му се подсмевале и го шетале по институции, од врата до врата. Петрови за Буревесник сведочат што слушнале од стариот Филчев: ,,Останавме неми после слушнатото од стариот! Не ни беше баш јасно од веднаш што му направиле. Ние поради долгогодишна работа во Швајцарија каде законите беспрекорно функционираат, бевме страшно непријатно изненадени дека дома во Македонија може да се случи измама на стар човек, на вака брутален начин. Ама баш ниту една институција на системот не го земала во заштита, што е невиден преседан.,,

Тогаш негова адвокатка била Наташа Поп-Трајкова, актуелна обвинителка во ОЈО Струмица. Не се израдувала што ги гледа Петрови, имала лоши вести, па им закажала да дојдат следниот ден кај неа да им го презентира предметот. Следиот ден им соопштила: ,,Луѓе, не знам како да ви кажам, вие и вашиот татко немате ништо за земање, предметот е завршен и е архивиран! Пављо имал адвокати претходно кои направиле хаос од предметот и го оставиле без пари.,, Но, тогаш адвокатката, денес обвинителка Поп-Трајкова, преземала правни дејства во предметот: се обраќала до министерството за правда, предметот стигнал и до Судскиот совет, а Судскиот совет после разгледување испратил известување до Основниот суд Струмица дека постои криминал. Наташа Поп-Трајкова тогаш на Петрови им кажала: ,,Барајќи во архивата на судот списи за предметот на Пављо Филчев добив закана дека ќе ми летне главата ако и понатаму инсистирам овој предмет да биде завршен. Се откажувам од натамошно постапување во предметот на Пављо Филчев, одете на друго место, барајте друг адвокат, ќе ме убијат. Не смеам да го работам овој предмет понатаму, пријавете го случајот во СВР Струмица, јас понатаму не смеам, навистина ќе ме убијат!,, Наташа Поп-Трајкова денес е обвинителка во ОЈО Струмица, ама не сака да се меша во работата за која секој месец редовно добива плата. Се плаши за својот живот!

Савета и Бранко Петрови биле шокирани од оваа средба со Наташа Поп-Трајкова, од нејзините зборови и од стравот со кој им го кажала ова. Наивно побарале правда во министерството за правда, кај тогашниот министер за правда, криминалецот Михајло Маневски. Немале поим дека влегле кај организаторот на сите можни криминални групи низ македонското правосудство. На 22. 04. 2010 во 17 часот Бранко Петров бил во посета на Маневски во министерскиот кабинет. Овој скоро што не се онесвестил од вчудоневдување како можело вакво нешто да се случи!? Се разбира дека тоа го одглумил, бидејќи пред да го прими Петров, се информирал за измамата во Струмица и за измамниците блиски до ВМРО ДПМНЕ, заштитени од нив како редок вид животни. И Маневски ги посоветувал исто како и адвокатката: ,,Да пријавите веднаш во СВР Струмица, ќе го работиме предметот веднаш.,, Следниот ден, Петрови пријавуваат измама во СВР Струмица, даваат изјава кај инспекторот Васко Тодоров, го доставуваат целиот судски предмет заедно со изјавата, инспекторот им зема контакт информации и им ветува дека редовно ќе ги информира за текот на истрагата. Петрови пријавиле дека Поп-Трајкова се откажува од натамошно застапување, дека има закани по живот. Инспекторот Тодоров не мрднал со мал прст да ја сработи пријавата.

Во декември 2010 на закажано судско рочиште кај судијката Василка Василева на Пављо Филчев од неа му е кажано дека е навистина греота поради сето она што го преживеал и што му е направено и дека таа ќе се потруди да го реши случајот. По ова случајот наместо да доживее решавање и расплет, бива одземен од Василка Василева и преминува на решавање кај судијата Лазар Гичев. Тој го ,,решава,, така што не постапува воопшто, туку го држи нерешен во фиока. Претходно, зетот Бранко Петров поради изгубена доверба во судот и во адвокатите и во полиција, во јули 2010 година барал документација, прибирал докази за измамата, па преку пријател од Гевгелија се сретнал со Димче Цицаров од Велес вработен во УБК. Овој на Петров му се претставил како многу близок со Сашо Мијалков, со Никола Груевски, со Михајло Маневски и сопругата Филимена. Петров наивно му поверувал на Цицаров.

Добил овластување од нив да помага во предметот, да биде присутен на судски рочишта со адвокатот, бидејќи Филчев не разбирал од право за да може да ги следи. Но, според сознанија на Бранко Петров, наместо да им помогне, Димче Цицаров се здружил со измамниците, стапил во контакт со Васил Донев, денес извршител, кој му објаснил на Цицаров дека никој ништо не им може, да не се меша. Ама Цицаров не заборавил на Филчев и зетот Петров да им наплати 18.000 швајцарски франци за наводно ангажирање на графолози, за некакви измислени судски трошоци, па за наводен ангажман на познат скопски адвокат кој предметот ќе го земе да го работи за аванс од 2.500 евра, итн. Набрзо Бранко Петров станува свесен дека Димче Цицаров го лаже и наведува во погрешна насока, дека е член на измамничката банда, па против него поднесуваат кривична пријава. По неа е оформен предмет во кој се закажани судски рочишта во три наврати, ама Димче Цицаров не се појавил ниту еднаш. Предметот бил кај судијата Марина Абрашева, денес претседателка на Основен суд Струмица, таа му пресудува на Цицаров 6 месеци затвор и да врати 842.000 денари. Но, Петрови иако барале на оваа пресуда да биде ставен печат на правосилност, во судот во Струмица тоа не сакале да го направат, за да го спречат да замине кај извршител. Наместо ова, од вработена во судот добил информација дека предметот наводно е побаран од тогашниот државен јавен обвинител Марко Зврлевски, да се јавуваат кај него отприлика на две недели на одреден број со локал 108 и да се интересираат. Се разбира дека ова било ,,слепа,, улица и чиста лага, за да Петрови бидат внесени во лавиринт од кој нема излез. Кога и да побарале Петрови контакт со Зврлевски не бил воспоставен. Кога и да прашале во Основен суд Струмица до каде е работата, добивале информација дека предметот уште е кај Марко Зврлевски. И така во круг!

На крај Бранко Петров изгубил трпение и пошол кај Зврлевски во Скопје. На портирница го префрлиле од Зврлевски кај обвинителката Лидија Раичевиќ, таа побарала број од предметот, добила на увид цел предмет кој Петров го имал со себе. Заклучила дека станува збор за сериозен криминал и многу пари. Раичевиќ од Петров побарала да го опише сиот криминал и во писмена форма да му го испрати на Марко Зврлевски. Тоа е направено и на 29. 06. 2013 е предадено во Јавното обвинителство. Не стигнало до Марко Зврлевски, туку најдалеку стигнало до неговата секретарка Оливера, која веќе знаела од струмичката измамничка банда дека Петров ќе предава опис на нивниот криминал кај шефот Зврлевски. Не дека Зврлевски ќе постапувал по предметот, туку идејата била да биде спречено доставување до него, да не мора по службена должност да постапи.

Така, Савета и Бранко Петрови се соочиле со блокади од најниско струмичко локално ниво до највисоко државно, во ЈО на РМ. Во меѓувреме додека се обидувале да ја пробијат оваа блокада, од Апелациониот суд во Штип добиле СРАМНО одбивање на барање за повторување на постапката, со образложение дека: ,,…Савета Петрова, ќерка на Пављо Филчев, негова наследничка со судски тестамент како доказ, не може да ја повтори постапката бидејќи не била присутна во процесот кој претходно се водел, дека може да го повтори само Пављо Филчев.,, Апелациониот суд Штип претходно не одговарил на ШЕСТ барања процесот да се повтори бидејќи тогаш Филчев бил ЖИВ. Чекале да почине за да одговорат негативно и да ја одбијат ќерката. Додека чекале да почине за да погодуваат на измамничката банда од Струмица, судиите од Апелациониот суд Штип предметот намерно не го решавале. Биле уверени дека после смртта на Филчев нема никој да се појави и дека предметот ќе умре со Филчев. Ама, појавата на Савета Петрова со тестамент во посед, сосема ги избезумила, па на крај морале да решат како што решиле, да ја одбијат на сосема незаконит и скоро неверојатен начин. Така, научно докажале на дело дека ТЕСТАМЕНТ ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА не вреди ништо…

Во моментов, Савета и Бранко Петрови ја чекаат пресудата по нивна тужба против РМ, поради тоа што измамниците меѓу кои има и носители на јавни функции, судии и обвинители, ја злоупотребиле службената положба и функцијата што ја извршуваат, за да се спречи спроведување на правда и казнување на главните виновници…

                                                         (продолжува)

Коментари

Новитети :

Следете не :

Зачленете се за Новости


Headline

Never Miss A Story

Get our Weekly recap with the latest news, articles and resources.

Cookie policy
We use our own and third party cookies to allow us to understand how the site is used and to support our marketing campaigns.