Објавуваме во неколку продолженија сознанија за околностите под кои се случи убиството и подоцнежното судење во Охрид, на новогодишната ноќ 2016 година кога Бојан Угреновиќ од Србија го уби Димитар Матилоски. Случајот заврши со чудно организирано бегство на убиецот од Македонија…
Пишува: Eкипа на Буревесник.Нет
Пишувањето на „Буревесник.нет„ за убиството во Охрид на новогодишната ноќ 2016 година а особено како се случи убиецот иако осуден на казна затвор од 16 години, да биде ослободен од притвор и да побегне во Србија предизвика лавина јавни, но и скриени реакции во македонската јавност, особено во судството. За убиството постапувале сите нивоа на македонските судови, од основниот во Охрид до Врховниот суд како и Судскиот Совет?
Но, хронологијата за текот на судењето открива дека цело време во текот на случајот, некоја „црна рака„ раководела убиецот да не одговара за злосторот кој го направил од сеуште непознати причини? Хронологијата на процедуралното водење на судењето од моментот на апсењето е прилично чудна се до моментот кога Судскиот совет ја разрешува охридската судијка Весна Кичеец а Врховниот суд тоа го потврдува, заради непостапување со особена итност, дека предметот го насрочувала на долги временски интервали и дека овозможила обвинетиот да биде ослободен од притвор и потоа да побегне од Македонија и да ја избегне казната од 16 години затвор!?
Според контактите на „Буревесник.нет„ со судијката Весна Кичеец која спроведе жалбена постапка до сите нивоа, до Врховниот суд, горчината од според неа неправедната и незаконска одлука за нејзино разрешување е голема, но таа најавува допрва правничка кариера во државава а најави и жалбен процес пред Меѓународниот суд во Стразбур!
Хронолошки, судскиот предмет почнал на денот на убиството на 01.01.2016 г. на новогодишната ноќ во Охрид. Од определувањето на притворот за осомничениот за убиство Бојан Угреновиќ, според податоците од АКМИС системот судијката Весна Кичеец предметот го примила 10 месеци подоцна, на 18.10.2016 година а со наредба од 20.10.2016 г. закажала главна расправа за 15.12.2016. година. На главната расправа обвинетиот Угреновиќ го признава убиството и му е пресудена казна затвор од 16 години која е објавена пет дена подоцна на 20.12.2016 година, со продолжување на притворот до правосилност на пресудата.
Но, Апелациониот Суд Битола, во совет во состав, судии: судии Љиљана Чочковска, Ружица Ивановска, Анита Милошевска, Жаклина Доведен, Никола Крстевски, по жалба на одбраната ја поништува пресудата на охридскиот суд за 16 годишен затвор на Угреновиќ, со образложение дека првостепениот суд од Охрид во актите на постапката, не утврдил од каде е обвинетиот, а нотирал дека е од Србија, Краљево, село Коњарево, но не нотирал дека е „државајанин„ на Србија. Со тоа Апелациониот суд ја враќа постапката на повторно судење во Охридскиот суд.
Откако предметот се враќа во судот во Охрид, на 17.03.2017 година судијата Кичеец закажува главна расправа за 05.05.2017 година, но тогаш судењето не се одржува затоа што затворот Скопје немал доволно возила да го донесе притворениот Угреновиќ. Следното судење закажано за 23.06.2017 година, како и на 25.07.2017 е одложено заради недоаѓање на бранителот на обвинетиот.
На следната закажана главна расправа, непосредно пред почетокот на рочиштето одбраната бара изземање на судијата Весна Кичеец, но со Решение на претседателот на охридскиот суд барањето е одбиено и судењето продолжува истиот ден. Но, сега обвинетиот Угреновиќ го повлекува признанието за убиство поради што се пристапува кон распит на сведоци и доказна постапка, што дополнително го оптоварува судењето бидејќи сведоците кои биле со Угреновиќ на денот на убиството веќе одамна се заминати во странство!?
Главната расправа се закажува за 19.09.2017 година и 26.09.2017 и за 03.10.2017 година а со наредба се повикуваат и сведоците кои се во Србија.
Во меѓувреме, токму тие денови Кривичен совет на Основниот суд во Охрид донесува Решение за завршување на притворот за Угреновиќ заради поминување на една година од притворањето со мерка на претпазливост да биде достапен а да биде сместен во хотел „Амбасадор„ во Скопје. Прашање е зошто покрај толку сместување и хотели во Охрид и Струга судот решава притвореникот да биде сместен во хотел во Скопје? Од изјавите на Претседателот и членовите на Кривичниот совет на од охридскиот суд, произлегува дека хотелот „Амбасадор„ во Скопје им бил посочен од судијата на Апелациониот суд Битола, а неофицијално, се дознава дека тоа најверојатно е судијката Љиљана Чочковска. Потоа обвинетиот за убиство Угреновиќ исчезнува од Македонија.
На главната расправа на 19.09.2017 обвинетиот Угреновиќ не се појавува, Кривичниот совет на охридскиот суд донесува решение присилно да биде доведен на судење. По повеќе ургенции, Охридскиот суд добива известување од МВР дека Угреновиќ воопшто не престојувал во хотел „Амбасадор„ во Скопје каде со Решение на Охридскиот суд од 18.09.2017 бил задолжен да престојува. Но, нормално Угреновиќ пред опасноста да добие казна од 16 години во македонските затвори побегнал или поедноставно кажано одшетал од Македонија во Србија.
Потоа на предлог на судијата Весна Кичеец а со согласност јавното обвинителство Охрид, на Угреновиќ му се суди во отсуство, настрана што сведоците од Србија никогаш не ги добиле поканите за судење на нивниот другар и се донесува истата пресуда од 16 години затвор која засега е само гола администрација.
Во отсуство на обвинетиот судијата Весна Кичеец на јавна расправа на ден 07.06.2018, заради убиство на Димитар Матиловски го осудува Бојан Угреновиќ на казна затвор во траење од 16 години, но прашање е дали таа казна Угреновиќ било кога ќе ја издржува од причини што тој е недостапен на македонското правосудство. Засега не е покрената постапка за негова екстрадиција а предметот паѓа во заборав, освен што судијката Весна Кичеец која во целата постапка најкратко го имала предметот во надлежност, е разрешена.
Сепак Кичеец како некаква колатерална штета беше разрешена од Судскиот Совет а што беше потврдено и од Врховниот Суд, заради „нестручно и несовесно вршење на судската функција„ но, што истовремено од ова судење прави голема судска, но и државна афера? Кичеец најави Жалба пред Меѓународниот суд во Стразбур. Во текот на истражувањето на „Буревесник.нет„ за овој судски предмет кај сите страни забележлив беше стравот од зборување особено кај судиите, а некои судии од Битола не сакаа ниту да контактираат за јавноста, за овој предмет. Но „Буревесник.нет,,, не отстапува од своето истражување и вистината мора да се дознае, особено дали единствено судењето на Угреновиќ било предмет на наводната ќелија на „Аркан„ во битолското и македонското судство и колкавo е нивнoтo влијание во Битола и државата осoбено што аферата допре до Врховниот суд и државниот врв?
Следува: Колку ,,аркановци,, има во Битола и Македонија?