Пишува: Зоран Божиновски
Гордана Стоимчева од Кавадарци, на 05 Октомври лани по претходен договор со гинекологот Др Саша Јовчевски од Скопје, била подвргната на абортус. Зафатот бил извршен без анестезија по претходен преглед кога било востановено дека за тоа немало потреба. Др Јовчевски на пациентката и дал ампула кетонал и таблета диазепам. Потоа извршил абортус. Според збороовите на Стоимчева во салата бил и гинекологот Д-р Борче Сиваков и медицински тим од сестри и болничарки. По завршување на интервенцијата Д-р Саша Јовчевски и кажал на пациентката дека ќе биде пренесена во соба.
Стоимчева сведочи понатаму дека во салата останале др Сиваков и медицинската сестра Марија Маркова. Според нејзини зборови Д-р Борче Сиваков седнал на столот каде претходно седел Д-р Јовчевски и и рекол дека мора да и направи премивка со газа и бетадин. Стоимчева нагласува дека ова не било кажано или одобрено од Д-р Јовчевски. Д-р Сиваков три пати вршел премивање и и објаснувал дека тоа е само бетадин, а сестрата Маркова ја тешела дека ќе трае само 5 минути.
Потоа бев пренесена во соба од страна на сестрата Нада Настова и болничарката Гордана Манева. По неколку минути Д-р Сиваков влегол во нејзината соба и и рекол: „Ти Гордана пред да си одиш, ќе дојдеш кај мене, јас пак ќе морам да ти направам вагинален преглед.,, На пациентката не и било јасно зошто Д-р Сиваков го правел ова, бидејќи од Д-р Јовчевски претходно слушнала дека се е завршено. Преку нејзината свекрва го пронашла Д-р Јовчевски, тој се вратил кај неа во соба и и дал терапија од флажил, амоксиклав и капки ерготил.
Од следниот ден примала терапија но почувствувала дека има нешто во вагината. По една недела почнал да и се дуе стомакот, почнала да губи сила, добила силни болки, па земала и апчиња против болка. Примала терапија 14 денови, ама болките не престанале. На 25 Октомври имала силна треска како последица на висока температура, а почувствувала и непријатна миризба од вагината. Четири денови подоцна, на 29 октомври добила неиздржливи болки во стомакот и уште посилна миризба. Почувствувала и тврд предмет во стомакот. Побарала помош од Д-р Софка Павлеска, специјалист по гинекологија и акушерство. При преглед од неа од вагината на пациентката била одстранета голема газа, била во стврдната состојба. Газата и била дадена на пациенктката во затворен сад, како доказ.
Гордана Стоимчева во пишана изјава која е дел од постапка против Д-р Борче Сиваков го обвинува дека газата намерно ја заборавил во неа за да му наштети на Д-р Јовчевски. Таа смета дека намерно ја оставил па и закажувал уште еден преглед иако тоа не било барано од него, па имал намера да ја извади и да го обвини Д-р Јовчевски дека е заборавена од него при абортусот. Ама, до тој втор преглед не дошло, па газата останала во нејзината вагина. Нагласува уште еднаш дека при абортусот немало анестезија, дека Д-р Јовчевски завршил со зафатот и и кажал дека ќе биде префрлена во соба, да се олабави, поминало се во ред.
По ова, контактирав и со Д-р Борче Сиваков, побарав и добив изјава, ја пренесувам во целост:
,,Изјавувам под полна морална, материјална и кривична одговорност дека никаква интервенција немам извршено врз пациентката Гордана Стоимчева. Прво, колешката што ја извадила газата, ја избркала медицинската сестра од амбуланта за да бидат насамо. Интервенцијата е работена на 05 октомври 2023. Пациентката била на преглед кај матичен гинеколог на 13 октомври. Направен и е вагинален преглед. Доколку имала газа внатре, ќе била најдена, На 29 октомври колешката што ја нашла газата три пати го менувала извештајот во МОЈ ТЕРМИН. Последно пишува дека има покачена телесна температура. А не и прави лабораторија. После два дена прави лабораторија и добива резултат CRP 0.1 и мирни WBC. Како може да има 24 денови газа во вагина со таква лабораторија?
Во меѓувреме била на преглед кај матичен гинеколог и била прегледана вагинално. Чист монтиран случај против мене. Ме местат одделенска сестра, со помош на внука и на колешката Др Павлеска, помогнати од директорот. Пациентката има објект под кирија во болницата е во релација со гореспомнатите. Одделенската сестра на одделот е разрешена, а работната атмосфера во одделот е во хаос.,,
Потполно е во право Д-р Сиваков за хаосот на овој оддел. Во постапката која е покрената по пријава од пациентката Стоимчева, на површина излегуваат нарушените меѓучовечки односи помеѓу Д-р Сиваков и останатите вработени на одделот гинекологија и акушерство во кавадаречката болница. Во продолжение пренесувам де од нивните изјави кои ги добив во пишана форма:
Болничарка од одделот тврди дека имала непристојна понуда во мај 2022 година, заедно со негова колешка, Д-р Сиваков ја повикувал на работа за да им биде забавно, дека трпела закани од него дека ќе остане без работа, дека со него на работа постојано било тензично и дека работи со колешки, медицински сестри кои се уценувани од Д-р Сиваков.
Друга болничарка се жали дека Д-р Сиваков не и дозволува да влегува во родилна, во операциона сала, дека ја навредувал во амбуланта за време на визита, а пред колешки и наредувал да не се движи низ ходникот оти не можел да ја гледа воопшто. Според нејзини зборови се изживувал врз неа кога била на работа со него, се жалела повеќе пати од ваквиот однос на Д-р Сиваков, ама немало спас.
Во уште една пишана изјава, потпишана од три медицински сестри, се наведува дека бараат заштита од вознемирување на работно место од Д-р Сиваков. Подолго време се соочувале со често вознемирување на работното место од страна на д-р Сиваков, објаснуваат дека тој поттикнува лоша работна клима и негативна средина, дека во секоја прилика и комуникација со нив се однесува несоодветно и неадекватно, постојано ги критикува, навредува и понижува. Тврдат и дека доктор Сиваков го загрозува и уништува нивниот психолошки и професионален интегритет, постојано ги деградира, ги брка од родилна и операциона сала, не им дозволува да влегуваат во амбуланта, го гази нивното достоинство пред останатиот персонал, им создава чувство на непријатност пред пациентите, ги навредува и не им дозволува на другите колешки да разговараат со нив. Постојано им се заканувал со отпуштање од работно место. Бараат заштита од директорот на болницата…
Изјава во пишана форма има и од одделснката сестра:
,,После 28 години работен однос на Гинеколошко акушерско одделение во Општа Болница со проширена дејност Кавадарци како акушерка-инструментарка а во моментот и одговорна сестра на одделение се соочив со работи кои не можам и сама да ги разберам затоа што се работи за пациентите и нивното здравје пред се. До ден денес во работата во овој период додека сум на ова одделение не сум имала проблеми ниту со персонал, ниту со пациенти. Секоја работа на одделението (како инструментарка во операциона сала, акушерка во родилна сала, сестра во неонатологија, сестра за стерилизација, за испис на истории, за ДРГ и многу други работи) се ми е уредно и совесно завршено.
Но тоа не му одговара на др. Борче Сиваков кој со неговото враќање од специјализација, го наруши целиот ред и мир и професионално работење на ова одделение со што внесе негативен меѓуперсонален однос. Малтретирањето, омаловажувањето и заканувањето не е од моја страна туку од истиот доктор како спрема пациентите, така спрема персоналот и спрема мене. Неговите закани спрема мене започнаа пред повеќе од две години кога тој бараше од пациентка 400 евра за породување. Јас како одговорна сестра и кажав на пациентката дека за породување и лекување на трудници и родилки е се бесплатно, тој почна да ми се заканува дека ќе ме убиел и дека ќе ми го уништел животот.
Ме малтретира и навредува секој ден, ме брка од работните простории како пред персоналот така и пред пациентките. Поголем дел од вработените (со исклучок на неколку негови сестри како што ги нарекува тој) поголем временски период се омаловажувани, малтретирани и бркани од работните места и истите имаат напишано изјави повеќе пати до правна служба на болницата, Некој од сестрите и покрај тоа што се бркани и навредувани од страна на доктор Сиваков се плашат да напишат изјава затоа што им се заканува дека ќе ги избркал од работа и дека ќе им го уништи животот.
Поголем дел од пациентките се навредувани и уценувани и бркани од одделението ако за завршената услуга или интервенција од страна на докторот (породување, преглед, продолжување на боледување), ако не му дадат пари на истиот доктор. За тоа има доказ заверени изјави во правната служба. Сето тоа се случува и пред неколку мои колешки за кои имаат пишувано и пациентките, дека и пред нив им барал пари. Во разговорот со моите колешки кои се наводно потпишани во петицијата некои не ни знаат за што се потпишале, некои се уценувани дека ако не се потпишат ќе летаат од работа, некои кажуваат дека немаат проблем со мене туку со истиот доктор. На некои им кажал дека е во прашање тој самиот и барал да се потпишат за да не биде избркан од работа.
Др. Сиваков ги користи моите колешки за неговите валкани работи, за кои што истиот доктор е пријавуван во полиција, во ОЈО, и има кривична пријава од пациентка за која се води постапка против него. Во полиција е пријавуван од пациенти, од персонал, затоа што се заканува со погрдни зборови, закани за убиство, пораки. До пред неколку години на одделението имавме околу 500 породувања годишно, а сега едвај 140 породувања, поради тоа што пациентките се плашат да доаѓаат тука за породување, заминуваат во приватни болници или Клиники бидејќи се плашат за своето здравје и здравјето на своето новороденче. Знаејќи што се има случувано последниот период (починато новороденче, руптура на матка, перфорација на матка и др), Ве молам да превземете нешто бидејќи работиме во Јавна здравствена установа а не во институција во сопственост на Др. Борче Сиваков…
Пренесов дел од изјави кои се дел од постапките кои се водат против Др Сиваков! Се наслушав и многу грозни работи, искажани на негова сметка, ама не се за објавување бидејќи последниот збор треба наделжните судски органи да си го кажат…
Иако по обраќањето на пациентката Гордана Стоимчева, ВЕДНАШ му се обратив и на Др Борче Сиваков, за да ги сослушам истовремено и двете страни, без да арбитрирам, сепак во режија на Др Борче Сиваков последните две недели трпам бројни притисоци и ургенции од мои блиски луѓе оваа сторија ДА НЕ ЈА ОБЈАВАМ!
Напротив, баш затоа сметав дека погоре пишаното заслужува јавност…