Еднаш шверцерот Енвер беше МалиЌ

Пишува: Зоран Божиновски

Големите газди, збогатени на шверц на цигари, Енвер Малиќ и Коста Јанковски, првиот благоупокоен, вториот во тешка здравствена состојба, зад себе оставија неброени милиони евра и недвижнини на корист и од полза на нивните наследници. Енвер Малиќ, подоцна преименуван во Маличи, се занимаваше и со политика, секогаш беше близок од трговските политички друштва од т.н. ,,албански,, блок, а највеќе профитираше со СДСМ и Владата на Бранко Црвенковски 1994/98. Со Зоран Заев дотурка до заменик градоначалник на Скопје, во тандем со Петре Шилегов.

Заедно со Коста Јанковски, ортачки во 1990 година регистрираа две фирми, ,,ГЕМАК ТРЕЈД,, и ,,БАЛКАН,,. Од владата на Црвенковски добија две фри шоп продавница на граничниот премин Блаце/Јажинце, кон Косово. Со светските компании ,,РОТМАНС,, и ,,МАБРИТАБ,, (попозната како ,,БАТ,,) имаа потпишани договори за ексклузивен увоз и продажба на: пал мал, вест, давидоф, лорд екстра, пеер, ротманс, дипломат и други нивни видови цигари. Имаа во договорите и прецизирана клаузула колку проценти заработуваат за таа продажба. Во нивните оригинални договори на англиски јазик, со Ротманс и Мабритаб имаа потпишани договори за 10% и 20% заработка, ама во судски заверените преводи на договорите тие проценти беа преполовени, па наместо 10% во англиската верзија, стои 5% во македонска верзија, а наместо 20% во англискиот оригинален договор, во македонската преведена и судски заверена верзија си стои 10%.

На едноставен начин искажано, на промет од милион германски марки во тоа време (90ти години!), данок кон државата со благослов од министерството за финансии, Малиќ и Јанковски плаќале данок со 50% ,,попуст,,. Затајувале данок со дозвола на Владата на Бранко Црвенковски, ама возвраќале со финансирање на СДСМ, ЛДП, ПДП и ДПА. А продолжиле со финансирање на политичките трговски банди во нашата земја и кога дојдоа на власт ВМРО ДПМНЕ и ДУИ. Коста Јанковски прво беше неразделен од СДСМ, па стана близок со Љубчо Георгиевски (му купи вила на Водно), па со Никола Груевски и Сашо Мијалков, а сега е сам со милионите и со нарушено здравје. Минатиот месец едвај останал жив. Има екстремно тешка дијагноза…

Енвер Малиќ додека стекнувал милиони марки бил близок со СДСМ, ПДП и ДПА, ама откако на власт доаѓа ДУИ, станува дел од нивното друштво заедно со благоупокоениот Веби Велија (,,ВеВе Група,,), се преименува во Маличи за да звучи албански неговото презиме. За странците е Малич! За Србите Малиќ, по старо. Од криминално стекнатите милиони евра Енвер продолжува да се занимава со препродажба на скапи брендови алкохол, цигарите му ги остава да ги ,,работи,, Јанковски, а тој го гради хотелот дивоградба во рамките на т.н. ,,Кинески ѕид,, во градскиот парк, до стадионот – х. Парк.

Енвер Маличи почина во екот на корона пандемијата, ама под стресови заради скандалот со Бојан Јовановски познат како Боки 13 и случајот ,,Рекет,,. Во тој скандал длабоко беше инволвиран еден од двајцата синови, Албан Маличи. Како финансиер на Боки 13 и неговите проекти со неколку стотини илјади евра, само благодарение на политичките и криминалните врски на татко му Енвер со ДУИ, синот Албан не седна на обвинителна клупа со Боки и Катица.

По смртта на татко им, синовите Албан, Алтин и ќерката Резеана, неспособни да работат и заработат, способни само да трошат и денгубат се потпреа на зетот Амар, градежник и сопственик на ,,СМС КОНСТРАКШН,,. Само благодарение на неговата способност, осет за бизнис и економски раст на неговата компанија, трите полнолетни ,,сирачиња,, на Енвер, опстанаа на сцена. Хотел ,,Парк,, им е изворот на приходи, ама недоволен за нивните апетити. Па се потпирале на финансиите од зетот Амар, ама секнува и тој извор бидејќи складниот брак со Резеана е разнишан поради нејзина прељуба. Се наоѓаат пред развод, што значи дека Амар се разведува и од Албан и Алтин, не може да премине преку неверството на Резеана. Така, во поглед на богатството на Маличи, бивши Малиќ, испаѓа по онаа народната: ,,Како дошло така отишло!,,. А дошло преку шверц на цигари и алкохол, заработка преку затајување данок и наводно инвестирање и реинвестирање…

Партнерот на Енвер, Коста Јанковски и натаму ја краде државата. Со време, преку финансирање на владејачките трговски криминални друштва викани партии, Јанковски стана дел од нив, се стекна со привилегија, даночни инспектори да не го посетуваат, да не ни помислуваат. Па стигна до фаза кога со неговата фирма ,,Прима МК,, во минатата 2022 година приходувал 44 милиони евра, а пријавил добивка од само 34. 700 евра. Табелата на компании кои заедно со Јанковски работеле чисто хуманитарно, ја имате во прилог. Испаѓа дека работеле од тука за тука, колку да не умре бизнисот, па на приходувани 44 милиони евра, за заработка останале 34.700 евра. Ама многу сака да работи, па е задоволен и со минимум. Секако дека се шегувам! Има вешти книговодители, па огромните приходи му ги пеглаат до степен да прикаже трагикомична заработка…

Инаку, Коста Јанковски својот бизнис напредок, заедно со брат му Зоран викан Чкаља, го почнале како продавачи/дистрибутери со јагоди, ама во животов успеваат кога Коста се омажил за Катерина Јаќоска, ќерка на професор Бошко од криминалниот економски факултет на УКИМ. Бошко Јаќоски за зетот и за Енвер издејствувал фри шоп продавници на македонско косовската граница, административно српска во тоа време.

Подоцна, кога станува финансиер на СДСМ, Бранко Црвенковски и на ВМРО ДПМНЕ, Јанковски во ГТЦ Скопје на третиот кат сместува седиште на фирмите ,,Балкан,, и ,,Прима,,. А милионите евра криминално стекнати во Македонија, ги трансферира во Лихтенштајн. Таму регистрира две фирми ,,Фероглас 1,, и ,,Фероглас 2,,, заедно со српскиот автомобилски ас Влада Ковачевиќ Треф, сопственик на фри шоп продавници на српските гранични премини. Ликвидиран е откако се скарал со неговиот бизнис партнер, Марко Милошевиќ, син на Слободан Милошевиќ. Па Коста Јанковски продолжува во шверцот на цигари со вдовицата Бојана Ковачевиќ.

Јанковски од времето на ортаклук со Енвер Малиќ регистрирале и оф шор компанија Прима Трејдинг Вентура ЛТД, регистрирана на Британските Девствени Острови. Во периодот кога Енвер свртува кон ориентација да биде Албанец кој припаѓа на таа кауза, излегува од партнерство од оваа оф шор компанија и станува Маличи наместо Малиќ.

Коста Јанковски откако останал сам во ,,Балкан,,, ,,Прима МК,, ,,Фероглас 1,,, Фероглас 2,, и ,,Прима Трејдинг Вентура ЛТД,,, свртен кон СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, со резервен хрватски пасош во џеб, се ориентирал на шверц на ,,Ронхил,, цигари од хрватскиот производител ,,ТДР Ровињ,,. Фатени се на дело како лепат фалсификувани акцизни маркички во фабриката во Ровињ, ама остануваат неказнети поради блискоста со ХДЗ и помагањето на Јанковски во хрватската татковинска војна, против ЈНА и Србија.

На домашен терен, Јанковски особен криминален печат остави врз ТК Прилеп. Во колаборација со Никола Груевски, Тони Димитриевски и благоупокоениот директор Диме Момировски Момиро, овој комбинат е оштетен за 76 милиони евра. Податоците ги имате во прилог…

Енвер Малиќ Маличи и Коста Јанковски се главните актери во шверцот на акцизна стока, по осамостојувањето на Република Македонија. Нивните семејства важат за елита и уважени се како угледни и чесни. А трошат украдено од сите нас, стекнато на докажано криминален начин…

Енвер и Коста се типични ликови во типична средина, опишани со речникот на Балзак…

 

 

 

Коментари

Новитети :

Следете не :

Зачленете се за Новости


Headline

Never Miss A Story

Get our Weekly recap with the latest news, articles and resources.

Cookie policy
We use our own and third party cookies to allow us to understand how the site is used and to support our marketing campaigns.