Загинувањето на Гидеон Сандел на Матка за мене воопшто не е несреќен случај. Напротив! Доказ за тоа е молкот на комплетната македонска јавност, особено политичката елита на власт, ама и корумпираните медиуми. И провладините и оние т. н. „опозициони„ кои сега се прават луди и не знаат кој е Сандел. Па пишуваат за таму некој Израелец, некогаш обвинет, па суден за некаква измама.
А комплетните уредништва или лично го знаеја или ден денес пријателуваат и дружат со Сем Вакнин, советник на Никола Груевски и долгогодишен најблизок соработник на Сандел.
Стотина пати веќе сум напишал или во разни прилики сум истакнал дека Гидеон Сандел, заедно со Сем Вакнин, по платен налог од бугарската „Мултигруп„ биле инструктори на Никола Груевски, додека учел за брокер во Бугарија. Ова лично го имам слушнато од Гидеон Сандел, на нашата серија средби во Македонија и подоцна во Белград, откако побегна невин да не лежи затвор.
Тажна и трагична земја е денес Македонија кога следам како еден ден по веста за пронајденото тело на Сандел на Матка, никој не смее јавно еден збор да прозбори за него. А крупни политички, бизнис, естрадни, адвокатски и слични фигури, со години живееја на негова сметка, додека ги расшетуваше по Израел. На своја или сметка на Израел, сеедно. За време на неговото 11 годишно живеење и работа во Македонија, како пријател на ВМРО ДПМНЕ, КОН Израел организирал, финансирал или посредувал на вкупно 22 македонски делегации од Владата на Љубчо Георгиевски.
ОД Израел во Македонија донел 58 израелски делегации и поединци. Само со една цел, Македонија да се развие во модерна и современа држава, на сите можни нивоа. За тоа нешто подолу во текстот, а точниот список на делегациите прочитајте го во прилог на овој текст, па ќе разберете колку луѓе од денешната извршна власт и од бизнис заедницата лично го познавале и се окористиле од него. Највеќе Никола Груевски и Сашо Станинов. Токму тие „паразити„ кои јадеа, пиеја и шетаа на сметка на Сандел денес најгласно молчат!
Уста имаат јазик немаат! Се плашат. Страв им е од непријатното сознание дека во Скопје е мртвото тело на човек кој осум години го прогонуваа како диво животно за измислена измама со кредитни картички која никогаш не се случила. Никогаш никој не ја докажа. Не се случила. Ама кому денес тоа во Македонија уште му е битно? Најбитно е дека Сандел е „решен„ и во што поскор рок телото да биде качено на авион и испратено во неговата татковина. Груевски и Мијалков сметаат дека со тоа ќе исчезне и проблемот кој го имаа со Сандел, а нема. Останува сенка врз случајот Сандел, останува криминалниот потпис на македонската извршна и правосудна власт која со него баш се изнамачи. Затоа и е „лизнат„ низ карпите на Матка. Убиството речиси е совршено! Времето ќе покаже дали тоа е баш така!?
ЗАТОА ОД ОВОЈ МОМЕНТ ЈАВНО ТВРДАМ ДЕКА САНДЕЛ Е УБИЕН И СПРЕМЕН СУМ ДА ДЕБАТИРАМ СО КОЈ БИЛО НА ОВАА ТЕМА!!!
За сите оние кои сепак се сеќаваат на Сандел, еве ќе подсетам кој беше, што работеше и зошто на крај изгуби глава.
Гидеон Сандел, лажно обвинет за измама чекаше првостепена пресуда цели седум години. Беше притворен под обвинение за измама на 10. Април 1998. Во притвор помина 4 месеци. Како измамен субјект се појавува “Дајнерс Клуб Мак” со побарување од Сандел кое “тежи” 814.000 денари. Нашето нереформирано правосудство, по седум години талкање, толку се заплетка во лаги и монтажи што на крај не можеше да се извлече од овој сложен случај. Мораа да му судат до крај и да му пресудат, затоа што додека беше во притвор, неговите пријатели на слобода го ограбија. Ги разнесоа вредните клима уреди што се затекнаа на залиха по неговото апсење. Видни Скопјани ден денес се ладат со неговите климатизери. За време на судењето го отепаа од „бранење„ Јован Трпеновски, Самоил Филиповски и Јагнула Куновска. Дебело му ги наплатија нивните „услуги„.
За седум години малтретирање низ криминалните правосудни ходници по Скопје, никој од овие велеумни трговци со човечки души не се досети дека случајот Сандел паѓа веќе врз основа на фактот дека не е сослушуван и истражуван во присуство на преведувач. Им беше најлесно да го „бранат„ низ доказна постапка, која долго трае и доста чини. Фактот дека е сослушуван без преведувач подоцна ќе го констатира Европскиот суд за човекови права, кој ја поништува македонската правосудна голгота на Сандел и му досудува и одштета од 1.600 евра. Што е минимален надомест за осумгодишното малтретирање и третман на криминалец, апсен со буљук полиција и приведуван јавно да биде покажан како пример пред јавноста гладна за сензации. Речиси никој не знае дека Сандел беше ограбен и по излегување од притвор, кога од неговото семејство беше побарано да положи гаранција дека бранејќи се од слобода нема да побегне. Па министерството за правда му одзема полн магацин климатизери и систем за наводнување, кои никогаш не му се вратени. Затоа што подоцна се разграбени од неговите бескрупулозни џелати.
Зошто му судеа на Сандел?
Израелецот се занимаваше главно со трговија. Неговата фирма регистрирана во Македонија, “Сан трејд” Скопје, во првите неколку месеци на 1998. година извршила услуги (продажба на климатизери и слична стока) кон три коминтенти кои услугите ги платиле со “Мастер кард” и “Дајнерс” картички. НЕКОЈ, до ден денес непознат, во МВР пријавил дека плаќањето било извршено со фалсификувани картички, дека слиповите што Сандел ги има како доказ не се веродостојни и дека постои сомневање дека направил измама. Веднаш во акција стапува полицијата и по предлог на истражниот судија го притвора Сандел. Во притвор поминува четири месеци, од 10. април до 6. Август 1998. година. По излегувањето од притвор се надевал на судење во разумен рок и праведна пресуда.
Помислил дека Република Македонија е Израел. Наместо тоа, добива мачен седум години долг судски процес до првостепената пресуда. Судијката Гордана Сајковска дури на 20. април 2005. година го прогласува за виновен, му одредува казна од 2,5 години затвор и четиригодишно протерување од Македонија, како и обврска да ја надомести штетата кон “Дајнерс Клуб Мак” од 814.000 денари. За обвиненијата за проневера на 500.000+256.000 денари со фалсификувана картичка на “Мастер кард” не биле докажани во судската постапка, па пресудата се темели само за измамата преку “Дајнерс Клуб Мак”.
Во текот на процесот, а особено по донесување на пресудата, Сандел и неговата адвокатка Јагнула Куновска изнеле многу забелешки за пропустите кои наводно ги направила судијката Сајковска. Но, како што се жалеа тогаш, забелешките за пропустите воопшто не биле земени предвид, како што не биле разгледани ниту доказите што ги предложиле пред Судот. Паралелно со нивната борба за правда и откривање на вистината, за цело време се одвиваше и борбата на еврејското бизнис лоби за одбрана на Сандел. Тој имаше и свои силни политички врски, на пример негов личен пријател беше екс Премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху.
Притисокот врз Македонија од страна на пријателите на Сандел доживеа кулминација за време на посетата на екс Премиерот Владо Бучковски на Израел, кога во писмена и усна форма му било соопштено дека: “Небото ќе биде лимит на проблемите на Македонија ако Сандел не биде праведно и во разумен рок осуден со правосилна пресуда!” Да преведеме. За еврејското лоби што го поддржуваше Сандел “праведно и во разумен рок” значи да биде ослободен и тоа веднаш. Ама, тоа така не оди во Македонија. Па притисоците беа игнорирани. Инаку, последиците од “неизлегување во пресрет” на нивните барања Македонија ги почувствува после пресудата врз Сандел. Инвестициите што Сандел, кого Израел го сметаше за свој амбасадор во Македонија, ги договарал со години и требаше да влезат во Македонија, по пресудата беа насочени кон Србија, Црна Гора, Албанија и Косово. Овој процес коиндицира со донесувањето на пресудата во прв степен. Објавена е на 20. Април 2005. а за да биде нервозата уште поголема, во писмена форма му е врачена дури во септември.
Ниту Апелациониот суд не се покажа експедитивен во случајов. Жалбата на Гидеон Сандел беше на разгледување скоро година и пол. Кога стигна конечно, само беше потврдена првостепената. Но, Сандел веќе беше избеган од Македонија во Белград, затоа што знаеше дека ќе заглави затвор. Правосилната пресуда подоцна и запаѓа на извршување на администрацијата на екс министерот за правда Михајло Маневски и Никола Груевски. По распишана потерница, го бараат и Србија им го испорачува, пролетта 2008. Го понижуваат со снимање на неговата размена на преминот Табановце со еден косовски криминалец предаден на Србија. Во Идризово поминува само 2,5 месеци наместо 2,5 години. Ослободен е и протеран од Македонија по помилување од тогашниот претседател Бранко Црвенковски. Посрамотен и вратен дома во Израел, започнува исцрпувачка битка за докажување дека не е виновен. Ја добива со пресудата од Европскиот суд за човекови права.
Која е позадината на Случајот „САНДЕЛ„?
Случајот Сандел сепак има и своја трета димензија. Датира од 1997. година кога Сандел пријателувал со тогашната опозициона ВМРО ДПМНЕ. Тогашната власт (Премиер Бранко Црвенковски) заглави со пирамидалните штедилници, највеќе со и во ТАТ. По мартовските случувања, во периодот по пропаста на ТАТ, Гидеон Сандел и финансискиот стручњак Сем Вакнин (денес советник на Груевски!), во два наврати до крајот на 1997. г. се сретнуваат со Соња Николовска. Нејзе и предлагаат модел за најбрзо обесштетување на штедачите, според нивно објаснување најбезболен и за државата. Средбите, но и движењето на сите тројца ги следи ДБК, при што НЕКОЈ некој од службите до Владатa ЗЛОНАМЕРНО протура (дез)информација дека фамозната тетратка со списоците на видни штедачи во ТАТ, блиски до СДСМ, Николовска им ја предала на Сандел и Вакнин. Случајот медиумски го експонира „Дневник„ и новинарот Менде Младеновски, инаку присутен на средбите на Израелците со Николовска.
Набрзо на Сандел му се случуваат два упади и монтирани грабежи во куќата во која живее во Скопје, ама ништо вредно од неа не е однесено. Енигмата, има ли Сандел некаква тетратка или нема останува до денес!? Вакнин набрзо ја напушта Македонија, а упорниот и тврдоглав Гидеон Сандел останува да живее и работи во Скопје. Случајно или не, неговото притворање и случајот се совпаѓа со овие случувања, како и со настапувачката предизборна кампања во ноември 1998. година. По доаѓањето на власт на ВМРО ДПМНЕ расцутува нивната љубов и соработка.
Гидеон Сандел тогаш се надевал дека Љубчо Георгиевски и Никола Груевски му се искрени пријатели. Им посредувал при посети на Израел на четири министри за земјоделие и на членовите на нивните делегации: Иванов, Џабирски, Ѓорчев и Паракеов, им обезбедил влез во сите Владини институции на тогашниот амбасадор Љупчо Арсовски, од МНР го угостува Јордан Веселинов со членови на делегацијата, Никола Груевски и Милијана Даневска го посетуваат Израел како министри за трговија и економија и притоа имаат средби со Јехуд Барак, од здравствениот сектор за израел патува заменикот министер Мухарем Неџипи, а во два наврати и др Жан Митрев со свои асистенти патува во посети и на обука. Израел го видуваат и екс генералниот директор на ЕЛЕМ Панде Лазаров со своја делегација, а на двапати посети преку Сандел остваруваат и бизнис делегации на Скопска пивара, МЗТ Скопје, Леснина, ХЕЦ Стрежево и Кибо Клуб. Две посети остварува и Сашко Станинов. Првиот пат го посетува Израел како директор на АОР и од таму црпи искуства и знаења од областа на даноците, царините и безбедноста. Втората посета има приватно-државен карактер. Поврзана е со негова итна операција кај угледен професор. Сметката за извршената операција требало да ја плати Фондот за здравство ама ден денес испоставената фактура стои неплатена.
Во тоа време во посети на Израел патувале и Премиерот Љубчо Георгиевски, заедно со веќе унапредениот од министер за трговија во министер за финансии Никола Груевски, но притоа Сандел не посредува. Една од тие посети на Георгиевски и Груевски е обвиена со максимална дискреција и тие постојано страхуваат да не биде откриена причината за посета на Светата земја. Дури подоцна Сандел доаѓа до сознанија преку свој близок роднина дека станува збор за депонирање на огромни износи пари од провизии од набавките на оружје од Украина за Македонија, ама и од шверцот на цигари. Сандел, според негов исказ на една од нашите средби во март 2007. во Белград, во присуство на неговиот бизнис партнер од Белград, ми тврдеше дека поседува изводи од сметките на Георгиевски и Никола Груевски во една израелска банка. Ми тврдеше дека на тие сметки Георгиевски и Груевски имаат депонирно 4 милиони УСД. Доказите не сакаше да ми ги даде со оправдување дека му требаат за неговата конечна пресметка со Никола Груевски, кој сака да го затвори во Македонија.
Љубовта на Сандел со ВМРО ДПМНЕ всушност пука во време кога опозиционата СДСМ, додека е на власт Владата на Љубчо Георгиевски (1998-2002), до медиумите лиферува докази дека покрај нивни високи функционери на списоците во ТАТ има и имиња на високи функционери на ВМРО ДПМНЕ, но и на високодостојници на МПЦ, така да аферата и скандалот заради обостраниот интерес да се забошоти, на Гидеон Сандел му носи нови неволји, маратонско одолговлекување на процесот и длабоко навлегување во повторниот мандат на СДСМ (2002-2006). Така, неговата правосудна судбина се врзува со нов, трет изборен циклус по ред.
За цело време цврсто верува во својата невиност и затоа седум години не ја напушта Република Македонија. Фирмата “Сан трејд” упорно останува на истата адреса во скопската населба Влае, а заради неразбирање на неговите идеи и иницијативи своите бизнис врски и релации ги пренасочува кон земјите од соседството. Никогаш не ги потегна неговите врски да издејствува судење за истото дело во Израел, пред тамошните надлежни судски инстанци.
Токму тоа на крај го чинеше живот. Тврдоглавата упорност да истера своја правда и сам да се справи со неговите некогашни македонски пријатели од ВМРО ДПМНЕ за кои премногу знае и има докази за нивна инволвираност во криминални зделки го однесе во кањонот на Матка. Гидеон Сандел беше нанепријатниот можен сведок, штетен за Никола Груевски и неговите најблиски соработници. Одлично го познавав Гидеон Сандел и тврдам дека во Македонија не е дојден токму сега за да планинари на Матка. Дојден е да си го побара она што е негово, она што насилно му го одземаа и силно го измалтретираа патем. Тоа е првата и последна причина за неговата насилна смрт.
Факт е само дека направил лоша проценка со тајмингот кога се појавил во Скопје, по подолго одсуство. Токму 23. Август како ден на неговото пристигање и одседнување во Скопје, во хотелот „Мрамор„ е датум кога Груевски и екипата наголемо, екстремно нервозни се кријат во глувчешка дупка по салутирањето на Фатмир Бесими пред споменикот на УЧК во Слупчане, уплашени за својот натамошен опстанок на власт. Појавата на Сандел во Скопје, екс специјалец на Мосад и искусен воин, обучен за секаков вид борба и разузнавање, само е сигнал за параноичниот Никола Груевски и неговиот братучед, дека злото е дојдено пред врата и дека Сандел е дојден за одмазда и отварање на Пандорината кутија сред Скопје.
Глупавото објаснување по македонските медиуми, дека Гидеон Сандел се лизнал од карпа и завршил во амбисот на Матка, не би го смислиле ниту дечиња од предшколска возраст. Особено што тоа објаснување и „пронаоѓањето„ на телото доаѓа три дена по неговото исчезнување. Можеле да почекаат уште неколку дена, да замине Груевски на Роуд РОДЕО Шоу по Америка, па тогаш да го најдат. Ама, направиле проценка дека пронаоѓањето на телото на екс пријателот на Груевски, може да има последици за време на посетата на Груевски на Америка. Па случајот побрзале да го затвораат пред патувањето.
За мене нема никаква дилема дека смртта на Сандел во кањонот на Матка НЕ Е НЕСРЕЌЕН случај, туку дека се работи за скоро па совршено убиство. И така ќе биде додека Груевски е на власт. Во меѓувреме ќе почекаме да паднат. Или пак семејството на Сандел да ги објави сите негови белешки од архивата која ја подготвуваше за објава на книга за неговиот престој во Македонија и голготата низ која помина. Тие белешки Сандел љубоморно ги чуваше. Имам индиции дека неговото семејство нема да молчи...
- Креирано на: 27.08.2012
- Прегледано: 354.154