Нарко Коњ со гулубарска маана

Нецела година наназад „главен и одговорен уредник“ во Агенцијата за обезбедување „СГС“, безбедносна сила која полека прераснува во параполициска единица, за Тетово, Гостивар, Кичево и Дебар е Таир Зендели викан Коњот.

Сопственик на „СГС“ е директорот на УБК Сашо Мијалков, приватен сопственик на Република Македонија по службена должност…

Агенцијата „СГС“ создадена на пепелот и урнатините на „Лупус“, умрена Агенција во некогашна сопственост на УРКО (телохранител на Груевски!) и РАМЧЕ (телохранител на Љубчо Георгиевски!), за скоро година дена стана доминантна агенција за ОБВРЗНО обезбедување на имоти и лица. Велам ОБВРЗНО затоа што оној кој одбие „услуга“ на „СГС“ значи дека решил неговата фирма да ја затвори и ликвидира. Затоа што „СГС“ не пружа никаква услуга на заштита или обезбедување. Едноставно, регистрирана е и функционира како Агенција за рекет и прибирање вишок на приходи од клиентите кои Мијалков ги контролира преку УЈП и послушниот директор Горан Трајковски, ама од минатата година и преку „СГС“, оти воспостави контрола над целата територија на Македонија, па му требаше директен влез во секоја подобро стоечка фирма.

Се разбира дека при ширењето Мијалков имаше проблем со совладување на пречките во западниот дел од Македонија. Таму му требаше класичен „Тројански Коњ“. Добрите познавачи на приликите во тој дел од Македонија веднаш му го препорачаа Таир Зендели Коњот. Така Мијалков уби две муви со еден удар. Ем коњ ем Тројански! Таир Зендели Кали (коњ на албански, з.а.), ем е страв и трепет во Тетово, Гостивар, Дебар и Кичево, ем како екс УЧК командант го „владее теренот“ (оперирал во 2001 на атарите на селата Слатина и Пршовце!), ем соработува квалитетно со ДУИ, ем како наркодилер има успех во дистрибуирање кокаин, ем никој не смее да му се спротивстави, ем има неколкугодишно искуство работа во Агенција за обезбедување. Како командант на УЧК по зулуми е запаметен од жителуте на селата Вратница и Теарце. Познат е по случајот на киднапирање на автобус полн со патници Македонци, летото 2001. Биле малтретирани и ѕверски тепани лично од него, а дел се однесени подоцна во селото Орашје и таму се силувани. Веднаш по потпишување на Охридскиот договор Таир Зендели Коњот е иследуван за овој случај, ама е ослободен од обвинение и заради соживот и помирување, како борец за човечки права е амнестиран.

Искуството во работа во Агенција за обезбедување, Таир Зендели го стекнува во „КОТА СЕКЈУРИТИ“, сопственост на Тони Перовски викан Ташњаревиќ, екс телохранител на екс премиерот Владо Бучковски. Агенцијата е регистрирана по продажбата на ЕСМ на ЕВН, а бизнисменот Перовски од преговорите на Владата раководена од неговиот шеф Бучковски со австриската ЕВН, „искубал„ договор неговата новорегистрирана „КОТА СЕКЈУРИТИ„ да ја обезбедува работата на екипи на „ЕВН„ на терен. Дури 80% од ангажманот на „КОТА СЕКЈУРИТИ„ на терен била грижа за безбедноста на електричарите кои сечат струја на потрошувачите кои не плаќаат. Како најголемите проблеми се појавувале по подрачјата каде мнозинско а некаде и 100% се населени Албанци, така се појавила потреба во „КОТА СЕКЈУРИТИ„ да биде ангажиран некој кому Албанците му се плашат и некој кој нема да се плаши да употреби сила. Тони Перовски го пронашол Таир Зендели Коњот, кому ангажманот во „КОТА СЕКЈУРИТИ„ му бил добредојден, споил „лепо и корисно„. Ем работел за ЕВН ем си имал одличен простор да дистрибуира кокаин, негова „матична дејност„. Од периодот кога работел за „ЕВН„ преку агенцијата на Перовски, Зендели се специјализирал за детекција на вработени од „ЕВН„ вон работно време, за свој џеб. Така „фатени на дело„ ги уценувал дека ќе ги кодоши во „ЕВН„ па биле приморани неговото молчење да го плаќаат со рекет по тарифа од 500 евра. Електричарите од „ЕВН„ му се плашеле оти знаеле дека Коњот е во љубовна врска со подрачна директорка на „ЕВН„ од Тетово, инаку Дебарчанка. Со неа Зендели во дует правел разни криминали на штета на „ЕВН„, ама по нејзиното откривање и отказ од „ЕВЕН„ – дуетот згаснал! Таа заминува дома, а Зендели од „КОТА СЕКЈУРИТИ„. Но, ги има сите препораки за ангажман од Мијалков, бидејќи неговиот талент за криминал и „соработка„ го забележува Зоран Милески Кичеец, кумашин на Мијалков и новопромовиран ДПМНЕ мини тајкун.

Пријателството со Милески сред ерата на владењето на Фамилијата Груевски&Мијалков, особено кога стана јасно дека и Али Ахмети им е сервилен и послушен, Таир Зендели Коњот го носи најдиректно до ангажман во „СГС„, агенција за обезбедување која ем контролира се, ем му нуди одлична заштита на овој криминалец и наркодилер. Барем веќе не се плаши од евентуален удар од полицијата и загрозување на неговиот нарко бизнис, поврзан со Косово од каде кокаинот лично си го набавува. Така, сега по ново Таир Кали е и полиција и обезбедување. А згора има и овластување и службена кола од Мијалков.

Само да оди работата, вода може да стои Таир не стои. Нормално, неговиот шеф Мијалков уште пред ангажманот го има подсетено Таира да не се занесува, оти криминалното досие му е малку подебело. За возврат, Таир има задача сите бизнисмени Македонци од подрачјето на кое оперира, да прифатат „обезбедување и заштита„ од агенцијата „СГС„, а за непослушните смислува санкции кои се спроведуваат експресно. За кратко време од „СГС„ заради нелојалност кон него, Зендели отпуштил десетина Македонци за пример, а колешките кои покажале нелојалност грубо ги уценува и им се заканува со изнесување на детали од нивното интимен живот во јавноста. Едноставно, воспоставува ред и поредок на „коњски„ начин…

Хиерархиски над него во Агенцијата „СГС„ е Слободан Николовски викан Цобе, екс командат на „ЕБР„, пензиониран на негови 42 години заради потребите на „службата„. Поточно, му требал на Сашо Мијалков во „СГС„ па дојавиле до министерот Спире Ристевски да го пензионираат Слободана екпресно и да може да премине да работи „дополнително„, покрај пензијата нормално. Така, сега „СГС„ ја раководи млад пензионер кого МВР го обучувала и инвестирала во него со години, за да заврши денес како пензионер во „СГС„ заедно со неговиот колега Таир Зендели Коњот.

 

п. с. Коњот има само една маана. Ужива да краде гулаби и е на „црната листа„ на тетовските гулабари. Мојот извор тврди дека скоро да нема гулабарски ќумез во Тетово и околината кој не е обиен од Коњот, маана која тетовските гулабари не му ја простуваат и не забораваат…

 

НАПОМЕНА: Република Македонија е една од ретките европски држави во кои телохранители на премиери, било актуелни било бивши, се јаки политички фактори додека нивниот шеф премиерува и многу јаки бизнисмени и бизнис фактори откако нивниот шеф ќе заврши кариера…

Коментари

Новитети :

Следете не :

Зачленете се за Новости


Headline

Never Miss A Story

Get our Weekly recap with the latest news, articles and resources.

Cookie policy
We use our own and third party cookies to allow us to understand how the site is used and to support our marketing campaigns.