Хигиеничарката од Битола

Љиљана Сивакова од Битола, со семејството подигнала кредит од 47.000 евра, задоцнила три рати со плаќање и паднала во мрежата на извршителската мафија. Битолската извршителка Николина Иванова, родум од село Оптичари, некогашна хигиеничарка, денес милионерка, со низа фалсификати на Сивакови им одзела имот, куќа и двор вредни околу 300.000 евра.

Пишува: Зоран Буревесник Божиновски

Екс хигиеничарката Иванова, извршувањето го спровела во дело со фалсификувано полномошно, после неуспешни 42 доставници до Сивакова од кои ниту една не била доставена уредно. Шест години Сивакова не може да стигне до правда, да ја расчисти оваа криминална процесија. Исто толку години бившата хигиеничарка Иванова не може да внесе никого во куќата на Сивакова, бидејќи цел град Битола знае дека никој не е луд да се всели во куќа која имотно правно не е ,,чиста,,. Додека Сивакова чека битолскиот суд и обвинителство кривично да ја процесуираат бившата хигиеничарка Николина Иванова, таа во меѓувреме ги организирала и другите извршители/лешинари од Битола, да се придружат во извршување на долгови кон Сивакова, по други основи.


ЉИЉАНА СИВАКОВА

Во меѓувреме, за да ја доупропасти Сивакова, хигиеничарката Иванова оставила да пристигаат сметки за куќата на име на Сивакова за да нанесе поголема штета, да ја заглави во долгови кои оваа не може да ги сервисира. Преку фалсификатно извршување си ја присвоила куќата и дворот на Сивакова, со наплата на ШЕСТКРАТНО поголем износ во однос на основниот долг, а еве шест години безмилосно ја гази во намера да ја уништи и докусури. Во меѓувреме хигиеничарката Иванова ја обезвреднила куќата за 7 милиони денари, само да ја продаде на незаконски организирана лицитација. Органите на прогонот се запознати со ова обезвреднување, пријавено е, си ја чуваат пријавата за украс. Хигиеничарката е моќна фигура во Битола. Порано имала заштита од ВМРО ДПМНЕ, сега од љубовник од СДСМ.

Инаку, случајот почнува кога Сивакова несвесна што и се подготвува, на недела дена пред извршувањето дознава дека била дадена на извршување. Од неа ова го криеле хигиеничарката Иванова и сопругот на Сивакова, кој грубо е злоупотребен во оваа долгогодишна валкана игра. Сивакова дознава за несреќата која ја снашла кога Николина Иванова и доаѓа дома на врата, со сурија асистенти, помагачи во извршувањето. Не и кажува на Сивакова за што се работи само разгледува и си оди. Тогаш Љиљана станала свесна што се случува, иако тешко и допирало до свеста дека ова воопшто е можно. Дури после неколку дена сопругот на Сивакова и признава дека се дадени на извршител, ја смирувал дека нема место за грижа и секирација, дека тој се договорил со хигиеничарката во извршителска одора да ја исплати целата сума која Сивакови ја должат со камати и дека плус ќе и даде згора и 10.000 евра на Иванова и дека се ќе биде в ред.

Така и направил, позајмил 10.000 евра од другар кој знаел дека поседуваат камиони вредни за продажба и враќање на сите долгови, а се снашле и за вкупниот износ. Едниот камион бил нов, купен од кредитот поради кој дошле до извршување, камионот вредел 37.000 евра во тој период. Пријателот кој им позајмил пари на Сивакови знаел и дека Љиљана има цел кат од куќа на нејзините родители во центар на Битола и дека со продажба на тој имот можат двојно и повеќе да го покријат долгот кон хигиеничарката Иванова. Но оваа не мислела така. Кога Сивакови тргнале од банка до банка преку сметка да и го покријат бараниот износ на долг на хигиеничарката, наишле на организирано одбивање и упатување кај Иванова директно да се обратат. Таа пак ги враќала и одбивала да им наплати, ги враќала преку банка да уплатат.

Така си играле криенка недела дена, додека зад грбот на Сивакови, Николина Иванова организирала нивно иселување од куќата. Точно недела дена по неуспешните обиди на Сивакови да си го платат долгот, Иванова дома им донела двајца телохранители од страв да не биде тепана, па пристигнало и полициско комби како засилување и на крај мајстор бравар за промена на бравите на куќата. Едниот од придружбата на Иванова, дошол како сведок на записник, се потпишал како Костадиновски, на Сивакова и објаснил што е причината за нивната посета:

,,Знам Љиљана дека ти за ова ништо не знаеш, еве сега ти е јасно зошто сме овде. Бери си ги парталите и да те нема одовде…,,

На Сивакови ништо не им било јасно. Најнејасно им било како сето ова било изведено и како е направена лицитација, за да се дојде до нивно присилно иселување. Како Николина Иванова дошла до извршно решение за иселување? Како експресно ги поминала сите институции и добила печат на документ за нивно исфрлање од дома со асистенција на полиција? И многу слични КАКО на кои немало одговор, а одзвонувале зборовите на егзекуторот Костадиновски, по функција сведок на брутално извршување. Сивакова едвај освестена од првичниот шок, земала сила да му се обрати на присутниот полицаец, ама и тој ја сосекол: ,,… ви се извинувам, денес сум во нејзина служба, тоа ми е должност, повикан сум да и се ставам на располагање на извршителката…,,

За да не губат време суријата помагачи по команда на хигиеничарката во извршителска одора Иванова, се фатиле за работа, тргнале да менуваат брави на влезните врати. За тоа време синот и ќерката на Сивакови спиеле и поим немале што се случува. Ги разбудила вревата. Па избезумено станале и се соочиле со фактот дека ноќта зад нив си легнале на свој, а ете се будат следното утро, на туѓ имот, со измама присилно присвоен од бивша хигиеничарка денес моќна извршителка. За да не направат инцидент Иванова им искомандувала на послушните полицајци да го следат движењето на децата и превентивно да дејствуваат. Им се можело оти биле шест полицајци и двајца телохранители на Иванова, па биле побројни за совладување на ,,непријателот,,. Во меѓувреме дошол адвокатот на Сивакова Ицко Димовски и уште еден нејзин пријател, почнале разговор со хигиеничарката Иванова и договориле да застане извршувањето, парите таа да си ги добие од 13 часот.

Па седнуваат со Сивакова во дневната соба, таа како домаќинка ги нуди со кафе и слатко, се обидува да разговара учтиво но добива дрски и безобразни одговори, на граница на бес од хигиеничарката Иванова. Немоќна на култура да одговори со култура, а под притисок да си ја оствари намерата и да дојде до туѓ имот без работа и пот, Николина Иванова во еден момент, неколку минути после 12 часот станува и хистерично им наредува на своите од тајфата: ,,Ајде станувајте, си одиме. Еве го нема домаќинот да донесе пари, почнете со иселување, Цикецот очигледно не нѐ ЕБАВА!,, (Цикец е прекар на сопругот на Љиљана Сивакова, з. а.). Во тој момент Љиљана Сивакова губи разум и трпение, па тргнува со навреди кон хигиеничарката Иванова, ја нарекува со најпогрдни зборови. Сред таа расправија пристигнуваат Сиваков, адвокатот Димовски и пријателот што им помогнал, на Иванова и нудат 15.000 евра повеќе од износот кој го побарува. На нивно огромно непријатно изненадување таа им рекла пред сите дека треба да се јави на новиот ГАЗДА, за тој да се согласи да ја примат сумата што се нуди. Кратко разговарала со него (еден од браќата Рамбовци од Битола, з. а.), а разговарал и адвокатот Димовски и дознале дека се бараат 110.000 евра вкупно. За да ги направи будали Рамбовци, за да им се смее Битола и цела Македонија, таа ги злоупотребила, ги вовлекла во криминално извршување и ги влече за нос шест години со ветување дека куќата на Сивакови само што не биднала нивна сопственост. На фалсификувана лицитација куќата и дворот на Сивакови, Николина Иванова наводно им ги предала на Рамбовци, ама еве шест години никако да ги всели законски и никако да ја отвори вратата на запечатената куќа на Сивакови. Не знам дали Рамбовци оваа измама и маниулација од Николина Иванова ја разбираат, ама еве им прилика од ова место да си дознаат во каква измама ги внела хигиеничарката.


СОПРУЖНИЦИТЕ СИВАКОВИ

Откако Иванова им го соопштила на Сивакови ова последно со новиот износ на долг од 110.000 евра и откако домаќините сфатиле дека таа парите од Димовски и Цикец не ги ни сакала, туку ги манипулира, дала налог да почне иселувањето. За да покаже моќ дополнително повикала и пет силеџии од криминалната банда на Сашо Мијалков. Дошле и носачи, почнале да разнесуваат кој што ќе дофати, ситници кои им се допаѓале си ги ставале в џеб преку присвојување, а еден од нив пикирал столица од дворот па си ја спакувал во багажникот од неговата кола. Полицијата тоа го гледала, дошле да служат на криминалната банда. Сашо Мијалков бил во врска со хигиеничарката Иванова. Па никој од Сивакови не смееле да се буни, да не добијат и некој пендрек згора. За да ја понижи Сивакова, хигиеничарката Иванова од битолската населба Баир повикала и група Роми, да ,,помогнат,, во пакувањето на покуќнината и алиштата на Сивакови во картонски кутии и црни пластични вреќи за ѓубре.

Додека се одвивало ова темелно планирано растурање на еден цел семеен живот, Љиљана и Николина се карале жестоко и се навредувале со најпогрдни зборови. Полицијата само внимавала да не се степаат физички. Држеле одстојание. По некое време, Иванова се тргнала настрана, па отишла кај првата сосетка на Сивакова која ја советувала да појде до кај неа в двор, да се освежи со кафе и сок. Приквечер Сивакови си ги натовариле своите лични работи, со камион најмен од нив ги пренеле на друга адреса. Иако не користеле никаков превоз од Иванова, таа при составување на записникот напишала дека превозот чинел 56.000 денари. Таа најмила комби ама не било прифатено од Сивакови и човекот си заминал. И тоа ете чинело 900 евра. Вкупната преселба поради многу движни предмети, мебел и алишта траела и следните два дена, со тоа што последниот трет ден Иванова пред да дојде за да ја запечати куќата, на еден од обезбедувањето му се јавила и прашувала дали е тука Сивакова. Не сакала уште една средба со неа. Сивакова ја чекала на кафе, а купила и храна за неколкуте мачки кои ги чувала, да даде на момците од обезбедувањето да ги хранат понатаму. Иако барала да бидат одстранети домаќините па да се појави, овие не биле исфрлени од дома, па Иванова тој ден не се појавила.


ПРОЦЕНКА НА КУЌАТА И ДВОРОТ

Вечерта Љиљана Сивакова си отишла од дома. Три дена подоцна, на влезот на куќата осамнал натпис: ,,Објектот се продава,,. Како се продава објект за кој три дена претходно тврдела дека браќата Рамбовци се газди, никој поим нема. Ама ова било последен доказ дека од нив дефинитивно направила будали! Потоа животот продолжил да тече. Во време на овие настани, ќерката на Сивакови била бремена втор месец. Среќа е што од иселувањето не претрпела потешки последици, денес има здрав петгодишен син. Љиљана Сивакова се вселила во празен изнајмен стан, со нафрлани лични предмети и алишта, спомени на нејзиниот поранешен живот. За недела дена изгубила десет килограми, а си ,,ќарила,, притисок од 200 со 100 кој и денес, шест години подоцна ја следи во чекор, заедно со ослабено срце. Во нормала се вратила после две недели, свесна дека е на пат да изгуби живот и да ги остави најблиските сами, на милост и немилост. Решила да се бори додека дише.

Почнала да го средува спратот од куќата на родителите, да го оспособи за живот. Денес живее таму и од таа адреса, вратена на почеток се бори шеста година по ред со чудовиштата од македонското криминализирано правосудство. Таму налетала на СВАРОВСКИ судии и обвинители кои најгилемиот дел од нивното време го трошат за угодување на мафијата од претходната власт, за легализација на украдено, стекнато со измама и присилно присвоено. Сивакова на органите задолжени за кривичен прогон им ги дала сите потребни докази за начинот на кој е измамена и исфрлена од дома од страна на хигиеничарката Николина Иванова. Ниту нешто преземале да и помогнат, ниту пак планирале бидејќи сите без исклучок се прислужници и послушници на ВМРО ДПМНЕ. Иванова од секој грабеж во кој учествувала или соучествувала редовно си носела ,,тарифа,, кај Груевски и Мијалков. Љиљана Сивакова, како членка на СДСМ се надевала дека со доаѓањето на ЖИВОТОТ во Македонија работите ќе се придвижат и пресвртат кон судски расплет во нејзиниот предмет.

Ама Љиљана превидела дека хигиеничарката Иванова преку сексуална врска со функционер на СДСМ од Битола, си има(ла) заштита и од шарените социјалдемократи. Сивакова контактирала и со Зоран Заев додека бил во поход на власт како функционер, а контактирала со него и откако станал премиер. Добила ветувања дека правда ЌЕ има и дека секој кој бил онеправдан ЌЕ си ја дочека својата правда. Еве Љиљана Сивакова чека правда од 1 јуни 2017. Последните десетина дена голема надеж полага во некоја најава на министерката за правда Рената Дескоска. Можеби додека вие ова го читате, министерката веќе го разгледува предметот на Сивакова и гради мислење. А можеби и не! Од премиерот Заев знам дека посебно се гордее со една работа и со неа неретко се фали: ДЕКА ДНЕВНО ПОМАГА НА СТОТИЦИ ГРАЃАНИ!!!

Јас му верувам, а вие?

——————————————————————————-

Се обратив и со маил порака до Николина Иванова и побарав изјава за овој случај. Не ме удостои со одговор. Ако се премисли, дополнително ќе ја објавам нејзината реакција. Во следното продолжение ќе се концентирам на (не)постапувањето на институциите на системот задолжени за решавање на вакви случаи. Пред објава на тој дел од овој текст, ќе побарам изјави и од нив…

                                                                   (продолжува)

Коментари

Новитети :

Следете не :

Зачленете се за Новости


Headline

Never Miss A Story

Get our Weekly recap with the latest news, articles and resources.

Cookie policy
We use our own and third party cookies to allow us to understand how the site is used and to support our marketing campaigns.