logo
Search
Close this search box.

Јашари: ,,Лажете др Жан!,,

По неодамнешното интервју за Буревесник на др Жан Митрев и по детално преслушување на кажаното, со своја реакција се јави пациентот Шаип Јашари. Неговата писмена реакција ја имате во продолжение…

Подготвил: Зоран Буревесник Божиновски

Почитуван др Митрев, неколку пати со особено внимание го слушав вашето интервју за Буревесник. Имам што да кажам за целото интервју, ама ќе се воздржам од коментар за нешто за што треба да се искажат и да реагираат други институции, ќе се задржам на искажаното од ваша страна во однос на мене и она што го преживеав на вашата клиника.

1. ЛАЖЕТЕ дека мене раката ме болела пред стентирањето. Имав живот без болки пред да дојдам на вашата клиника уверен дека ќе ги решам здравствените проблеми. Имам бројни сведоци кои знаат дека пред да бидам третиран на вашата клиника онака како што бев третиран, имав сосема здрава рака. Денес истите тие луѓе од моето блиско опкружување се сведоци на живот со ужасна болка која ја понесов од вашата клиника, како последица на третман од вработен кај вас. Тие луѓе од моето блиско опкружување беа сведоци на мојот живот без болка и сведоци се на мојот денешен живот со болката која ја трпам…

2. ЛАЖЕТЕ за хронолошки нелогично подредени датуми, ама пред да испратите на суд ваши вработени да лажат во корист на вашата смислена лага, не сте ги научиле како тоа да го направат без последици. Не знам дали имате удел во инструирањето на др Тања Анѓушева да се обиде да поткупи мој сведок на средба во хотел ,,Александар Палас,,, ама сакам да знаете а да знае и јавноста дека тоа невешто и неуспешно го направила, на ваша штета. Дури и да успеала да го убеди тој сведок лажно да сведочи во ваша корист, за да се одбраните на суд од мојата тужба, секако мора да сте свесни дека токму др Тања Анѓушева, заедно со нејзините колеги ви ја нанесе најголемата штета, со крајно невешто и неартикулирано лажно сведочење. Да беа уверливи не ќе бевме пак на суд, во повторена постапка од почетокот на оваа година…

3. НАЈГНАСНОТО нешто што вие и вашите колеги го имате направено не е чинот на грешката која ја направивте, по која трпам континуирана болка. НАЈГНАСНО е што злоупотребивте починат пациент со исто име и презиме како моето, неговиот здравствен картон го изнесовте на суд како доказ дека јас имам здрава рака. Тој Шаип Јашари бил ваш пациент, имал здравствени проблеми ама рацете му биле здрави, па сте смислиле дека неговата здрава рака може на суд да помине како моја. Починат е па не може да протестира. Таа неверојатна измама ви заврши како неуспешен обид. Поминуваше до Врховен суд, па се сруши. Јавно ве прашувам: што ви требаше ваква бламажа и дали сте свесни како поминуваат во Германија или САД чие здравство го преферирате, клиники и доктори кои злоупотребуваат не само туѓи туку и картони и досијеа од починати пациенти? Како на пример ќе поминете вие кога комплетната доказна документација и сите други битни факти и медиумски написи ќе ги преведам судски на англиски, германски, француски и шпански и ќе ги дистрибуирам низ клиниките по светот на кои осум години барам лек? Како ќе им објасните на вашите тамошни колеги злоупотреба на здравствен картон и досие на починат пациент за да добиете судски процес? Познавачи на оваа материја ми тврдат дека трајно ќе изгубите лиценца, за доверба кон вас да не зборувам. Ќе ви остане Република Македонија, овде сте моќен и недопирлив, омилен и стручно признат. Иако почетокот на повторната судска постапка ми дава надеж дека во блиска иднина ќе се збогувате и со тој ореол. Др Анѓушева и колегите ќе бидат повикани на повторно сведочење. Тие ќе ве урнат, не верувам дека пак ќе лажат како претходниот пат. Сега мојот случај доби јавност..

4. НАЈГОЛЕМА навреда за мене е вашето тврдење во списите на предметот дека моја намера била да се збогатам од наплата на износот за кој ве тужам вас и вашата клиника, за нанесената болка по грешката за која тврдам дека е направена кај вас. Ваша несреќа е фактот дека по природа на мојата професија и општествен ангажман ме познава огромен број луѓе од јавниот и политичкиот живот на РМ ама и пошироко, луѓе кои одлично знаат дека сум доволно материјално обезбеден за да не чекам вас да ве осудат на суд за да ми ја платите бараната сума. Сакам само низ судска постапка која вие ја одолговлековте на осум години, да се соочите со фактот дека не сте ГОЛЕМИОТ ЖАН туку сте мал, злобен манипулатор, гладен за контрола над своите вработени, дека сте лажго, дека сте злобен и дека не бирате средства кога се притеснети и соочени со факти кои не ви идат во прилог. Износот кој го барам е адекватен на болката која ќе ја претрпите за да сфатите дека не сте безгрешен. Проектиран е за да претрпите болка. Вас само џебот ве боли. Во целиот случај голема е само лагата за вашата клиника, преубава на изглед и најсовремено опремена со помош на големи пари на кои само вие им го знаете потеклото и мошне контрадикторно го објаснувате. Мислам дека сте свесни дека вашиот систем од внатре полека станува трул. Нешто недостасува. Се вика соочување со вистината, особено тогаш кога грешите…

Простете ако грешам!

Вашиот бивш пациент Шаип Јашари

НАПОМЕНА: во меѓувреме беше реализирана средба на Шаип Јашари со др Жан Митрев, во кабинетот на лекарот, на неговата клиника. На средбата присуствувавме јас и соработничка на пациентот. До приближување на ставовите помеѓу др Митрев и Јашари не дојде, двајцата си останаа на своите гледишта. За мене беше непријатно изненадување дека др Митрев воопшто не го видел картонот на Јашари, дека за случајот не знае детали и дека се препуштил на неговите адвокати.

Коментари

Новитети :

Следете не :

Зачленете се за Новости


Headline

Never Miss A Story

Get our Weekly recap with the latest news, articles and resources.

Cookie policy
We use our own and third party cookies to allow us to understand how the site is used and to support our marketing campaigns.