logo
Search
Close this search box.

,,Јел тако било Анета!?,,

Бојан Јовановски викан Боки 13 си има нова играчка. Се вика ТВ БОКИ, иако има некакво друго небитно име, оти така налагаат глупавите македонски закони кои за него ионака не важат. Служат за исполнување форма и за заебаванција. А со БОКИ 13 заебаванција има секогаш, скоро па до бесвест…

Пишува: Зоран Буревесник Божиновски

Боки 13 е лик кој за да си го оствари својот детски сон, да си има своја телевизија, троши битни новинарски ликови, со скоро па сериозни новинарски кариери на кои внимавале скоро па како на своите очи. Чиниш цел живот граделе, граделе, граделе кариера, пишувале, создавале, креирале, ама се сочувале да се дадат штедро баш во моментот кога Боки 13 го остварува својот детски сон. Чиниш се вградиле во сонот на Мајкл Џексон кој од мал сонувал да си има свој Дизниленд. А не дочека да го има во онаа детски сонувана форма, оти многу дечиња настрадаа на патот до остварување на сонот на Мајкл. Слично е и со новинарската екипа од еминентни имиња кои имаат специфична тежина, деновиве незграпно вградена во остварување на детскиот сон на Боки 13. Притоа, не е проблематичен валканиот кеш пари со кои оваа национална телевизија запловува во хаосот на македонското медиумско море, туку е проблем што во игра се внесени државни институции кои освен мотив од Боки 13 да добијат дел од тој валкан кеш, немале ама баш никаква друга издржана причина да му дозволат на сосема незаконски, дури силеџиски начин да дојде до РАДИОДИФУЗНА дозвола за работа. Нема никој да ме убеди дека Боки 13 е толку убав и драг и симпатичен, па цел Совет на Агенцијата за аудиовизуелни и медиумски услуги, немал друга поважна работа туку недела дена бдеел над процедурата, спроведена експресно, за ТВ БОКИ да прозрачи во етер.

Ако ги анализираме датумите впишани на документите, со кои се глуми и фингира законска процедура, прво заклучуваме дека едномесечната кампања на ТВ БОКИ и сопственикот БОКИ 13 била втемелена на реално ветување на убави БОКИЕВИ очи, оти толку се трубеше дека таа ке прозрачи на 29 март. Сега од јавно објавената дозвола/ОДЛУКА на АВМУ читам дека некој засега неименуван ПОТРЧКО НА БОКИ дури на 21 март о. г. поднел БАРАЊЕ за добивање дозвола. Ама ајде следствено да објаснам:

1. ПОТРЧКО НА БОКИ на 21 март поднел барање до АВМУ, ПАЗЕТЕ, за ,,добивање дозвола без објавување на јавен конкурс на државно ниво,,! ЕЕЕЕЕЕЕЕЕЕЈЈЈЈЈЈ! Конкурс не му бил требен на БОКИ, ама му била требна дозвола и тоа за државно ниво. Ни помалку ни повеќе. Да ја дадат како умеат и знаат! И дошло до општа мобилизација во АВМУ, тоа да се завршува ургентно, за БОКИ ТВ да прозрачи на 29 март (осум дена подоцна!), за да се оствари детскиот сон на БОКИ 13.

2. Ама не поминало све без проблеми, некоја ,,пицајзла,, во службите на АВМУ сепак нашла некаква маана на скоро па идеално сроченото барање кое го поднел ПОТРЧКОТО НА БОКИ во име на БОКИ 13, оти БОКИ 13 е несолвентен/блокиран/правосилно пресуден/итн. (впишете по желба!), па барале од поднесувачот да срочи некакво ДОПОЛНЕНИЕ. Не знам кој тоа имал толку храброст во АВМУ ова да го бара оти ризикувал БОКИ 13 да се насрди, ама добриот и расположен БОКИ 13 кој месец дена пред поднесување на барањето веќе знаел дека ќе има одобрена дозвола, сепак милосно го препратил својот ПОТРЧКО тоа глупаво ДОПОЛНЕНИЕ да го поднесе веќе задутре на 23 март, само два дена подоцна од поднесувањето на барањето! И јас би играл така кога би знаел месец дена претходно дека добивам сигурно. Иако мој колега од АВМУ уредно со месеци ме убедува дека процедурата за радиодифузна дозвола била покомпликувана малтене од влез во НАТО!

3. Се разбира дека Советот на АВМУ пак бил мобилизиран и под полна опрема за заседавање и решавање го прифатиле предизвикот на барањето од БОКИ 13 и БОКИ ТВ а поднесено преку ПОТРЧКОТО НА БОКИ, да го решат ПОЗИТИВНО. А како да го решат поинаку кога БОКИ 13 еден месец претходно на волшебен начин си дознал дека дозвола до 29 март ќе има и неговиот детски сон да прозрачи ТВ БОКИ на тој ден ќе се оствари. БОКИ 13 само бил толку добар и благороден, а како хуман од претходно е надалеку познат, па на Советот на АВМУ му овозможил со про форма барање да си се вградат во неговиот сон. Им намигнал! Замислувам што би било да не бил добар, благороден и хуман каков што е во суштина!? Во таков случај би прозрачила неговата детски одсонувана БОКИ ТВ на критичниот 29 март а некаде во јули би поднел преку својот ПОТРЧКО барање за дозвола која ретроактивно ќе важи, па Советот на АВМУ нека гори тогаш на летни горештини. Вака, добриот БОКИ 13 им пружил фер шанса на членовите на Советот на АВМУ човечки да се вградат во неговиот детски сон. Иако шансата ја добиле на само осум дена пред прозрачување. Не знам дали адекватно се наградени за овој херојски, иако незаконски чин, ама ако не се апелирам на БОКИ 13 да брцне во црната пластична вреќа со кеш од (засега!) непозната адреса и да ги награди…

4. Судирот со правниот поредок (ама и со Уставниот пред кој сите не сме еднакви поради поеднаквите!) почнува после ,,средувањето,, дозвола без јавен конкурс на државно ниво (недостасува да е доживотно доделена, малку се ДЕВЕТ години!). Прво, наголемо е рекламирана сериозно информативна телевизија со крајно силни национални новинарски брендови, прославени по битни македонски медиуми. Ама во дозволата за работа пишува дека се издава за телевизија од ,,претежно забавен општ формат,,. Ако го прашате БОКИ 13 бидете сигурни дека тешко ќе го знае одговорот на овој опис на неговиот остварен детски сон. Ама, кому тоа пак му е важно? Битно е работата е завршена, битно правната форма да е задоволена. УПС! Не е!?

5. Е не е затоа што во Советот на АВМУ имале проблем со подносителот на барањето, ПОТРЧКОТО НА БОКИ, кој во име на БОКИ 13 а за ТВ БОКИ барал дозвола преку трговска фирма БМЈ МЕДИА ГРОУП ДОО Скопје. И Советот на АВМУ дозволата на ова трговско друштво ја доделил. Не е никаков проблем, никогаш и не бил проблем, дозвола да се даде на трговско друштво, оти мора да се даде, оти е детски сон на величина од формат на БОКИ 13. Па нели однапред знаел дека дозволата ќе ја добие. А за формата и задоволување на законот нека му мисли Советот на АВМУ па нека усогласува. Така, дадена е дозвола на трговското друштво БМЈ МЕДИА ГРОУП ДОО Скопје, ама истото со истиот документ е ЗАДОЛЖЕНО да формира трговско РАДИОДИФУЗНО друштво преку кое ВЕДНАШ т. е. промптно ќе започне вршењето на дејноста за која е издадена дозволата.

6. Правен проблем претставува (не и за АВМУ и за институциите задолжени за контрола!), податокот дека дозволата за работа носи датум 28 март, а БОКИ ТВ почна со емитување на 29 март, следниот ден, а она трговско РАДИОДИФУЗНО друштво не е формирано. Логично е дека тоа е невозможно да се направи за 24 часа, особено што во тој процес има сериозен ,,шаховски заплет,,. БОКИ 13 е познат како лице осудувано на граѓански суд за долгови кон лица кои порано му поверувале дека може да направи невозможни работи, па откако изгубиле верба го тужеле и по однос на тие тужби има 13 блокади на две негови лични сметки повеќето на енормно високи износи. Двете сметки се на негово име во Комерцијална и НЛБ Тутунска банка во Скопје. Во Централен регистар не знаат како да смислат да го вклопат во регистерска влошка СОПСТВЕНИКОТ на националната ТВ БОКИ. Регуларно е и правно исправно да фигурира ПОТРЧКОТО или татко му на БОКИ 13, инаку бивш стечаен работник и обичен смртник, преку ноќ станат КО-сопственик на ТВ БОКИ. Или нешто во таа смисла!?

и

7. Евидентно е дека законот е прекршен, видно од објавеното на веб страната на УЈП. Во прилог на овој текст ги имате по ред сите документи за кои овде пишувам, ја имате дозволата, а подолу и објавеното од УЈП. Задолжението од Советот на АВМУ за БОКИ 13 да регистрира трговско РАДИОДИФУЗНО друштво па веднаш да почне со работа – НЕ Е ИСПОЧИТУВАНО! Трговското друштво БМЈ МЕДИА ГРОУП ДОО Скопје кое требало да ,,роди,, трговско РАДИОДИФУЗНО друштво, ,,родило,, своевидно монструмче. Според објавеното на веб страната на УЈП се ,,родило,, трговско РАДИОДИФУЗНО друштво 1 ТВ ДООЕЛ Скопје (фирма ТАШЊА!). Ова фирмиче монструмче од страна на Централниот регистар добило свој ЕДБ (единствен даночен број) добило и свој матичен број ама има и ,,џемсбондовска,, жиро сметка на која и недостасува бројот 7 на крај, туку содржи само десетина НУЛИ. Недостасува и ДЕПОНЕНТ банка, оти веројатно не се стигнало во ЦРМ да се најде заеднички јазик со регистраторите како ова да се изведе а СОПСТВЕНИКОТ БОКИ 13 да си биде сопственик ама да не фигурира во регистерската влошка поради својата измамничка природа и ,,минал труд,, на ова поле. Не дека им е проблем да го впишат, не дека им е гајле што правел порано и кого измамил и колку должи од порано. Него се секираат регистраторите за неговата измамничко/шверцерска природа и извесната идна авантура во која се впуштаат заедно со БОКИ 13. Ова затоа што тој нема да престане да прави глупости, да мами и да влечка крадена ,,луксузна,, стока по виенски бутици кон родната му Македонија (како ова патриотски и гордо звучи!?). Затоа регистраторите од ЦРМ заедно со неговите удомители од СДСМ (екипата на БОБО ШЕКЕРИНАЦ!) во овој критичен период кога ТВ БОКИ киниса да емитира, хаотично и панично бараат превентивно решение фирмата ТАШЊА на БОКИ 13 во регистратурата да не го содржи неговото име и презиме…

Во следниот период покрај сериозните новинарски имиња и брендови, со нетрпение очекувам кон ТВ БОКИ да тргне карван на сериозни македонски политичари, аналитичари и критичари кои ќе изнесуваат факти (така најави сопственикот БОКИ 13!), гладни за пет минути слава и плус некоја секунда сликање. Овде ми паѓа на памет една звонка реченица од менаџерката ЉИЉА од сред тоа исто ,,УКЛЕТО,, студио на екс ТОМАТО, поточно прашање од некаде ноември 2007 година: ,,Јел тако било Анета!?,,. Прашање после кое Анета К. ја наведна главата и не ја крена додека БОКИ 13 еве цели 10,5 ,,УКЛЕТИ,, години не го оствари својот детски сон за Анета К да може да ја крене и без срам да погледне во камера…

НАПОМЕНА: се разбира дека серијата текстови за програмскиот сервис од општ забавен формат под работен наслов БОКИ ТВ, ќе продолжи. Сопственикот БОКИ 13 како непресушен извор на глупости и скандали нема да застане на оној аеродромски циркус со запленета крадена стока од Виена…

[widgetkit id=28]

Коментари

Новитети :

Следете не :

Зачленете се за Новости


Headline

Never Miss A Story

Get our Weekly recap with the latest news, articles and resources.

Cookie policy
We use our own and third party cookies to allow us to understand how the site is used and to support our marketing campaigns.