logo
Search
Close this search box.

Кројачот од Панама

Писмени и ориентирани кон бизнис, млади луѓе од Македонија прават обиди да заработат малку повеќе отколку што тоа го дозволува бизнис амбиентот во нивната земја. Се ориентирале кон заработка преку интернет, место каде во вакви води пливаат АЈКУЛИ. Ова е сторија за еден таков ,,бизнис,, и изневерени надежи…

Станува збор за компанијата Life Devision, линк, компанија која го работи маркетингот на една друга компанија, Innovative Securities – линк, инвестициски фонд од Нов Зеланд, преку кој клиентите инвестираат и добиваат ветување за 10-15% добивка на годишно ниво. Такви клиенти од Македонија има многу, влезени се во системот на оваа компанија како инвеститори, со примамливи ветувања, најави и усни гаранции за безбедност на нивните трансакции и капитал и разни поволности. Вака почнува бизнисот:

1. Се прави договор на минимум 10.000 евра

2. Провизијата е 6% или 600 евра

3. Да биде активен договорот минимална уплата е 1.000 евра, од кои компанијата одзема свои 600

4. Се гарантира добивка од 10-15% на годишно ниво

5. Постои можност да се подигне кредит во висина на 60% од вложениот износ, со тоа што кредитот останува како надополнување на вложената сума или пак може да биде вратен преку идните добивки на вложените пари

6. Постои можност за купување злато со наводна физичка достава. Оваа ставка е небитна во целата приказна

7. Се гарантира сигурност на фондот во Нов Зеланд и строго е контролиран од Мастер кард, од владата на Нов Зеланд, каде банките меѓусебно се контролираат

8. Се нуди сигурност затоа што два пати годишно Мастер кард прави контроли на финансиското работење. Мастер кард овде фигурира како најголем безбедносен адут во приказната

9. Портфолиото им го прави компанијата GEOWELTH од САД

10. Бизнисот функционира од 2006. година со просечни добивки за клиентите од по 12% годишно. Кризна им била 2008 кога ,,рикнуваа,, банки по светот, тогаш добивката била 8% годишно.

Еден од македонските клиенти вака резонира за овој бизнис: ,,Кога ми кажуваа за овој бизнис бев скептичен, пробав да најдам нешто набрзина преку Гугл. Прво на што налетав е американската фирма која им го прави портфолиото. За неа дознав дека е една од најголемите и најдобри компании во светот на тоа поле. Ама, видов и дека е некоја фирмичка регистрирана на Менхетн, во станбена зграда, без ниту еден вработен. Сфатив дека нема ни К од корпорација или компанија. Но, ризикував и вложив првични 1.000 евра, па очекував добивка од некои 200 евра за година дена, ама кога помина годината добив извештај дека сум заработил 20 евра. Може да се следи наназад како оди заработката, откако ќе вложите. Видов дека ниеден месец не сум надминал 4%…,,

Директор на компанијата во која вложуваат е Андреј Стојанов од Бугарија. Човекот постои, податокот е верен. Но, тој на чело на компанијата доаѓа во 2010. година. А таа е регистрирана во 2008. Како INNOVATIVE SECURITIES LIMITED, прв директор е некојси Роџер Алберто Сантамариа Дел Кид, од 27. 11.2008. до 31. 05. 2010. Како компанија основач се појавува INNOVATIVE SECURITIES GROUP, од Велика Британија. Нелогично е за прв пат во 2008. да имаат добивка помала од 10% а почнале со работа и биле во експанзија. Постои информација на нивната веб страна која е МНОГУ интересна и гласи: DEFINITION of ‘Incorporation’ The process of legally declaring a corporate entity as separate from its owners. Incorporation has many advantages for a business and its owners, including: 1) Protects the owner’s assets against the company’s liabilities. Информацијата може комплетно да се прочита од следниот линк

Компанијата основач од Велика Британија си има своја веб страница преку која се информираат заинтересираните: линк

Основана е од истиот Роџер Алберто Сантамариа во 2008., а следен директор после него и во оваa кoмпанија и во онаа на Нов Зеланд доаѓа Бугаринот Стојан Константинов Стојанов, татко на Андреј Стојанов. Во 2010. година статусот на компанијата е АКТИВНА. Тука веќе станува јасно дека завршува муабетот за сигурна компанија, со некаква контрола и регулација од Велика Британија! Тоа едноставно го нема.

Основачот на двете компании Роџер Алберто Сантамариа е од Панама. За него не може да се најде ништо повеќе од еден линк кој води до ,,слепа улица,,: линк. Функцијата директор ја напушта во октомври 2010. По упорно барање да се дознае нешто повеќе за него, доаѓаме до податок за негово учество во милионска измама:

In an example of how much the players in the offshore world overlap, the data obtained by ICIJ reveals that one of Gray’s other clients was Roger Alberto Santamaria del Cid. In October 2010, Santamaria was named in press reports as the Panamanian contact for an Internet investment scam, Imperia Invest IBC, which defrauded 14. 000 investors worldwide of about $7 million. They included about 6.000 deaf people from the US states of Utah, Maine, Wisconsin and Texas.

Роџер Алберто измамил околу 14. 000 инвеститори од Јута, Мејн, Висконсин и Тексас, меѓу кои 6.000 глуви луѓе. Вкупната измама тежи околу 7 милиони американски долари. линк

Се совпаѓа и периодот на оваа милионска измама кога за директор доаѓа Бугаринот Стојанов, 2010. година. Истражувањето натаму не води до уште една информација за Роџер Алберто Сантамариа: линк така да полека се склопува мозаикот за природата и карактерот на ,,Кројачот од Панама,,.

Од компанијата во Нов Зеланд може да се види информација дека првиот финансиски извештај е од 2012. година, линк

Тука паѓа во вода приказната дека има проверки по два и повеќе пати годишно. Финансиски извештај се прави кога фирма или компанија работи активно. Ова испаѓа дека во Македонија се прават почести проверки на работењето на фирмите од оние на Нов Зеланд.

Следна сомнителна работа е логото на портфолио компанијата GEOWELTH од САД. Не е исто, изменето е. На официјалната веб страна на INNOVATIVE според логото испаѓа дека се работи за друга GEOWELTH финансиска компанија, ама од Чикаго, во која се појавува друг човек баш во 2010. година: Линк. Инаку, податоци има и преку Блумберг и не се сјајни: Линк Само адреса, никакви трансакции последните 12 месеци, ниту кога е формирана компанијата, како што е вообичаено за сите познати добростоечки компании. Оваа само се вика GEOWELTH и ништо повеќе. Колку за мачкање очи!

Најсилен адут во целата шема е името и логото на Мастер кард. Сепак, ако се разгледа ситуацијата аналитички и со отворени очи, ќе се види податок дека МАСТЕР картичката е од некоја банка од САД Линк или барем така е претставена, ама всушност станува збор за Белизе. Што и не е толку битно ако МАСТЕР прави редовни контроли и ревизии. Ама не прави никакви! Едноставно се издаваат дебитни МАСТЕР картички со лого од банката од Белизе, картичка која секој може да си ја порача онлајн за 20 американски долари или за 150 евра за три години, од Македонија. Ова значи дека било кој може да го тера електронски ова банкарство, од било каде. МАСТЕР кард воопшто не ги интересира потеклото на парите, ниту контролираат.

Тајната на примамливоста на целата прикаска за Македонци и Срби е дека нема трага на парите од Македонија и Србија, инвеститорот не плаќа никому данок, парите се изнесуваат во готово од Македонија и Србија преку Косово, до првата отворена банка или ако е во прашање поголема сума тогаш варијанта е Бугарија, носење на парите на рака на Андреј или татко му Стојан. По ова клиентот веќе очи не им видува. А радосен е што ја заебал Македонија или Србија и нашол начин како да ги испере парите.

Оние среќници од клиентите кои дочекале да им биде уплатена добивката на МАСТЕР-от од Белизе, се фалат со фактот дека македонските институции немаат увид во трошење на овие пари. Ослободени се од даноци. Моите извори, помагачи оваа сторија да види светло на денот, ми тврдат дека месечно од Македонија на овој начин се одлеваат минимум 500.000 евра, до некој максимум од 1.000.000 евра. Клиентите кои веруваат во овие институции поим немаат каде инвестираат, не знаат за Роџер ,,Кројачот од Панама,, мераклија на пари од глуви Американци.

Главното кое не го знаат е дека работата е наредена оваа компанија да одговара како компанија, нема одговорност пред никакви институции како правно лице. Одговара само за основачкиот капитал. Со други зборови, ако пропаднат парите од клиентите од Македонија, Бугарија и дел од Србија, НИКОЈ не носи лична одговорност.

Андреј Стојанов е директор на Innovative Securities Limited New Zeland од 31. 05. 2010.

Претходно работел во компанија со слично име: Innovative Finanz AG, линк.

Очигледно е дека логото на компанијата е идентично, само една буква е смената, а компанијата е банкротирана на 11. 05. 2010., за што постојат и податоци: Линк

Дали тоа е направено наменски или не, останува да си процени секој кој фрла пари во овој бунар. Но едната компанија се затвора и еден месец после официјален банкрот Стојанов превзема друга компанија од некој од Панама, кој случајно има компанија со исто лого и скоро исто име.

Дали е случајно и тоа што татко му Стојан Константинов Стојанов е ко-основач на истата од која по банкротот преминува да биде сопственик на Inovative Securities Group од Велика Британија која Роџер Алберто Сантамари ја напуштил во 2010. година: Линк

На официјалната веб страна на Life Devision, фирмата која го работи маркетингот на компанијата, го работи тоа на мултилевел принцип. Ама на страницата нема никаков контакт телефон или маил адреса со претставник во Македонија или Србија, иако има многу клиенти од овие две земји. ,,Постојат,, две канцеларии во Будимпешта, ама ако добро се бара ќе се дојде до заклучок дека двете се на една иста локација и со нив тешко се контактира.

Блумберг за двете компании не дава никакви податоци, а Стојанови кажуваат на клиентите дека во секое време можат да проверат дека ги има на веб страната на Блумберг. Што е делумно точно. Може да се најде дека само ги има, ама податоци нема никакви, особено не финансиски извештаи. Ако се погледа на Блумберг како се претставени други компании ќе се види дека има прецизни информации за датум на нивно формирање, кој е во бордот на директори, кој е на чело на менаџментот, итн. За компаниите на Стојанови такво ништо нема, освен информација за седиштето:

Inovative Securities Limited: линк

Geowelth: линк

Inovative Securities Group: НЕМА ИНФОРМАЦИЈА…

Во Македонија мрежата на таткото и синот Стојанови ја води извесна Румиана од Бугарија. Официјален директор е некој бивш цариник. На презентации на компаниите, кога иницираат нови клиенти да инвестираат, не се дозволени прашања кои би побудиле дебата која би водела кон разоткривање на манипулацијата. Постојано им се повторува на клиентите дека нивниот маил адреса и налогот (account) каде што им се парите е потполно безбеден и парите им се на располагање, ама имаат ангажирано хакер кој лесно достапува до налогот, па Стојанови всушност располагаат со парите без знаење на клиентот.

Она што Стојанови не можат да хакираат е сонот на клиентите за заработки од кои на обичен човек му се врти во главата. Сонот останува нехакиран, до денот додека не разберат дека се избричени на суво…

Пишува: Зоран Божиновски

Коментари

Новитети :

Следете не :

Зачленете се за Новости


Headline

Never Miss A Story

Get our Weekly recap with the latest news, articles and resources.

Cookie policy
We use our own and third party cookies to allow us to understand how the site is used and to support our marketing campaigns.