logo
Search
Close this search box.

Крвав Гламур Гарден

Полека, со помош на извори од СВР Куманово и СВР Крива Паланка, го составив целиот мозаик на местењето на сообраќајната несреќа близу Куманово во која животот го загуби Петар Милошевски… 

Пишува: Зоран Бурeвесник Божиновски

Полека, со помош на извори од СВР Куманово и СВР Крива Паланка, го составив целиот мозаик на местењето на сообраќајната несреќа близу Куманово во која животот го загуби Петар Милошевски…, а уште две лица беа потешко повредени. Возилото кое ја предизвикало несреќата било управувано од Илчо Ѓорѓиоски, претседател на ФФМ. Несреќата се случи пред полноќ на 13. март 2014 година, на регионалниот пат Крива Паланка – Куманово. Попладнето во близина на Куманово бил одигран хуманитарен меч, после кој учесниците вечерале во ресторан. По вечерата на заминување, како и секогаш претходно, Ѓорѓиоски не му дозволил да вози на својот роднина кој про форма е вработен во ФФМ како возач. Со вработување на неговиот братучед Ѓорѓиоски воспоставил пракса да го вози. Така било и таа критична вечер, кога возачот/братучед тешко бил повреден на задното седиште заедно со негова колешка, роднина на екс заменикот министер за земјоделие Ванчо Костадинов. На предното совозачко место бил тогашниот спортски директор на федерацијата Петар Милошевски. Според сите мои сознанија, темелени на извори од СВР Куманово и МВР, Ѓорѓиевски не само што ја предизвикал оваа тешка сообраќајна несреќа, туку сакајќи да ја прикрие неговата вина за пребрзото кобно возење, предизвикал подоцна и стек на кривични дела во кои вмешал и серија службени лица. Колку брзо возел Ѓорѓиевски доказ е податокот дека со други возила од пред ресторанот истовремено тргнале и Саша Ќириќ, Жанко Савов, еден функционер на ФК ,,Вардар,,, Вујадин Станојковиќ и други. Кон Куманово возеле со нормална брзина, а на место на несреќата стигнале после минута и 30 секунди и први се обиделе да им помогнат на унесреќените.

Во момент кога тие пристигаат на местото на несреќата затекнуваат трагична слика. Поради блокада на вратата од кај совозачката страна, тие не можат да му помогнат на Милошевски да биде изваден од колата, а не можат да им помогнат ниту на повредените на задните седишта. Милошевски починал приклештен на предното седиште. Во тие критични моменти кога сеуште немале сознание може ли или не може да им се помогне на унесреќените, на 20-на метри далеку од колата го здогледале Илчо Ѓорѓиевски како разговара по мобилен телефон со некого. Тоа значи дека, по несреќата се извлекол од колата, ги оставил повредените да се борат за живот и да се спасуваат како умеат и знаат, а истрчал настрана од колата и му се јавил на неговиот ментор за влез во ФФМ, книговодителот од Скопје Драги Митковски. Отворил процес за спасување на неговата скапа кожа, а сосема занемарил дека неговиот колега и другар Милошевски се бори за живот кој истекува од него. Ѓорѓиоски ,,заборавил,, на возачка и човечка солидарност и го оставил Милошевски да умре, без да провери има ли шанси да му помогне. Разговорот со книговодителот од Скопје, Драги Митковски бил краток. Добил одговор дека тој не може да му помогне, ама да се јави на министерката Гордана Јанкулоска и на неговиот другар, тогашниот премиер Никола Груевски. Ѓорѓиоски прво го бара другар му од детство Груевски, добива поддршка за акција за спасување, а потоа разговарал и со министерката Јанкулоска која целата операција за спасување на Ѓорѓиоски ја раководела од Скопје. Ниту на неа ниту на Груевски не им е гајле за Ѓорѓиоски, уште помалку за Милошевски и двајцата други повредени, туку спасуваат светски скандал и меѓународна истрага која би резултирала со комплетна смена во ФФМ и губење на 15 милиони евра годишен прилив од УЕФА и ФИФА во касата на федерацијата, заедно со приливи од фудбалските клубови од Македонија. На лице место набрзо се појавува итна помош заедно со увидна екипа од СВР Куманово, раководена од двајца инспектори, Марјан Павличек и негова колешка од СВР Куманово. Од некаде се појавуваат, на чудење на сите присутни, Роберт Мицев од Крива Паланка (,,специјалист,, за увиди во сообраќајки) и БОРЧЕ ЛАЗАРЕВСКИ. Токму тој е главниот ментор во местењето на увидот и фалсификување на докази, за Ѓорѓиоски да не биде виновен, туку вината да се натовари на возачот на ,,УАЗ,,-от, Живко Бојковски во кој удрил ,,Пежо 508,, управуван од претседателот на ФФМ.

На Борче Лазаревски, член на УО на ФФМ, кумановец, долги години вработен во СВР Куманово како инспектор во сектор за сузбивање на стопански криминал, инаку неколку години наназад ротира на високи позиции во ЦПС на МВР, ВООПШТО НЕ МУ Е МЕСТО НА УВИД НА СООБРАЌАЈКИ. Марјан Павличек и неговата колешка Фросина воопшто не сакале да соучествуваат во лажирање на увидот, па на Лазаревски и на Мицев веднаш им дале на знаење дека нивни потпис нема да стават на никаков записник. На лице место пристигнал и судски вештак кој на Лазаревски му бил десна рака во лажирањето, иако ни нему не му било место на увидот. Лазаревски тотално ја игнорирал и обвинителката Сузана Кусигерска од ОЈО Куманово, која била немоќна да го спречи она што се одвивало пред нејзини очи.

Борче Лазаревски заедно со Мицев и со Ѓорѓиоски ги преместуваат двете возила, ,,УАЗ,,-от и ,,Пежо 508,, така за да може да се направи фото албум од кој подоцна на суд ќе се гледа дека за сообраќајката е виновен Живко Бојковски. Судскиот вештак присутен на местото на настанот им помагал во лажирањето. Подоцна тој бил единствен вештак ан процес во кој е осуден Живко Бојковски како виновник. Мојот извор од судот во Куманово ми тврди дека треба да се ангажира независен судски вештак од странство. Тој лесно од анализа на лажираниот фото албум ќе ги утврди сите неправилности ќе даде свое толкување што точно е направено за сообраќајката да изгледа така како што изгледа.

Откако завршиле со оваа процедура, инспекторот Лазаревски спротивно на законот ја фингирал и постапката за земање на крв за анализа од Илчо Ѓорѓиоски. Го однел во кумановската болница кај неговата сопруга Катерина Лазаревска, медицинска сестра во Болницата. Таа инсценира потреба од итно префрлување на скопските клиники на Илчо Ѓорѓиоски. Префрлен е како итен случај (со лесни повреди!), таму според моја непотврдена информација наместо Илчо Ѓорѓиеоски крв за анализа дало друго лице. Еден од изворите дури ми советува јавно да барам МВР да го спореди примерокот од земената крв со крвта на Борче Лазаревски, оти наводно тој лично дал крв наместо Ѓорѓиоски. ЕВЕ БАРАМ! Како и да е, 100% е сигурно дека крв од Ѓорѓиоски не е земена за анализа. На лице место од страна на увидната екипа не земен ниту брис од воланот на ,,Пежо 508,,, за преку анализа на ДНК со 100% сигурност да се потврди кој го возел вечерта тоа возило.

Откако Борче Лазаревски ја завршува оваа валкана работа, со знаење на Јанкулоска и Груевски, откако му ја спасуваат кожата на Ѓорѓиоски, откако целата вина му ја префрлуваат на Живко Бојковски, Катерина и Борче стануваат локални газди и велепоседници (види галерија!). Инспекторот Лазаревски преку ноќ станува битен и влијателен член на УО на ФФМ, станува постојано присутен на сите турнеи на фудбалската репрезентација низ светот (Украина, Полска, Луксембург, Скандинавија, Шпанија, Италија, итн.). Одеднаш кон него наидува поплава од пари од непознато потекло и заедно со неговата сопруга Катерина и ќерката Симона стануваат безобразно богати. Денес, три години после сообраќајката близу Куманово, сопружниците Лазаревски и ќерката се сопственици на бројни недвижнини, меѓу нив луксузна куќа со базен на улица ,,Никола Тесла,, во Куманово, комерцијален базен ,,Базен Гарден,, кој работи потполно на диво и целосно нерегистриран. Најбитен е и најголема вредност има ексклузивниот ресторан ,,Гламур Гарден,, за организирање свадбени веселби, комплетно диво изграден без соодветни дозволи за градба и спротивно на ДУП на Куманово, без регистрација на фирма. За ова се знае во МВР и во државен пазарен инспекторат, каде има потполна забрана било кој од државните службеници да оди да го контролира работењето на системот на Борче и Катерина Лазаревски и ќерката Симона.

Едноставно е, Борче Лазаревски го има в раце и под контрола Илчо Ѓорѓиоски. Преку помошта околу фалсификуваниот увид и лажирањето на анализите на крвта на Ѓорѓиоски, преку крвта и изгубениот живот на Петар Милошевски, преку фалсификуван судски процес и лажен обвинителен акт и неправосилна затворска пресуда за Живко Бојковски, виновникот остана претседател на ФФМ а инспекторот стана бизнисмен. Еден со друг, Илчо и Борче веќе трета година по ред се држат за врат и се дават.

Многу скоро некој некого ќе удави. Непознато е кој кого прв…

п. с. во архивата на МВР и на судот постојат цврсти докази за погоре опишаното. Преостанува уште функционерите од извршната власт да се замешаат во работата за која се платени од џебот на граѓаните. Во следното продолжение ќе читате за уште погнасни и пофрапантни детали. Дотогаш можеби иинституциите соодветно ќе реагираат…

                                                                 (продолжува)

[widgetkit id=17]

Коментари

Новитети :

Следете не :

Зачленете се за Новости


Headline

Never Miss A Story

Get our Weekly recap with the latest news, articles and resources.

Cookie policy
We use our own and third party cookies to allow us to understand how the site is used and to support our marketing campaigns.