Додека беше внатре, на главната оперативна директорска функција, Луковски лично управуваше со сето што ќе биде украдено, расположливо за делење како плен.
Пишува: Зоран Буревесник Божиновски
Покрај Ристески и Станчев, повеќе години во Телеком секторски директорува и Александра Гавриловска, пуленче на Станчев. Таа е присутна во делот во кој се местат тарифите, одлучува кога крадењето преку тарифи ќе биде вклучено на најјако, кога на помалку од најјако. За неа сите месеци во годината имаат 31 ден и тогаш системот тарифира лудачки, тогаш граѓаните масовно губат многу пари за тарифирана а неизвршена услуга. Гавриловска се грижи да функционира дуополскиот систем, кој претежно се сведува на принципот да се нуди она што не го нудат другите (ВИП), или да се добере до што повеќе телефонски мобилни апарати во субвенција, за да задржи што повеќе за себе или некој близок. Инаку, јавна тајна е, а ова го знам од вработени по продажни салони, дека мобилните телефони кои ВИП и Телеком им ги даваат на своите корисници за денар или им ги продаваат, се по правило увоз од ДЕСЕТА категорија, чиста бледа копија на оригиналот кој се продава во Германија или Австрија. Сиот увоз на оваа мобилна измама оди преку МОБИКО (Ериксон), фирма на Жарко Луковски. И сиот сервис на овие телефони оди преку него. Најголема измама е кога ќе помине рокот за презентација на НОВИ мобилни модели низ продажните салони на Телеком и ВИП, па тие модели (оние од изложбените витрини!) се делат помеѓу вработените за дисконтна цена. Првиот бран такви телефони и таблети оди кај директорите, тие пробираат, а за помалку битните од редот на вработени останува баш шкартот. Во Телеком и ВИП засега ова успешно се крие, како што успешно го кријат и процентот на мобилни телефони кои многу брзо се расипуваат кај корисниците и истите или се заменуваат ако корисникот е агресивен или со месеци стојат на сервис непоправени ако се процени дека корисникот е ,,мутав,, и молчалив. Таквиот едноставно немал среќа со апаратот, оти нели и техниката имала душа…
Да продолжам со директорскиот кадар. Љупчо Спировски, другото пуленче на Бранко Станчев со кој заедно го контролираат уделот на корисниците во Телеком и ВИП, сѐ на сметка и на штета на Телеком, а во корист на нивниот личен профит. Никола Керметчиев, пуленче на Жарко Луковски, соработник на ИТГМА, МедиаЛаб и НекстСенс, едни од фирмите во кои Жарко има невпишан удел како скриен сопственик. Станчев и Керметчиев ги работат за многу пари интерните проекти, вебови и други ситни проекти со надувани фактури за да се прикаже голем промет, па вишокот го делат со Жарко Луковски. Игор Бегиќ, пуленче на Луковски, бивш вработен во Мобико, донесен во Телеком за да може да ја контролира базата на корисници, ако е добар корисник може да е на Телеком (добар значи да фрли нешто малку повеќе), ама ако не дава ништо, тогаш нема ни договор да добие, па сам ќе си ги плаќа услугите. Последните двајца како најголеми играчи на Луковски, се заштитени директорски мечки за век и векови. Со нив во игра е и Радмила Димова, заедно со Станчев ангажирана единствено да се грижи за соработка со маркетинг агенциите, телевизиите (такви никакви какви што се!), со канали во кои Жарко Луковски е скриен партнер или некаде и нескриен, а си зема проценти од сработени кампањи. Најголемиот опекс одлив од компанијата е под контрола на Радмила Димова, планот на распределба го изработува само таа, се консултира само со Луковски, а амин дава Станчев. Тие се индиректните главни уредници на македонските ,,медиуми,, кои сакаат троа од кешот од Телеком. Агенциите и телевизиите кои се во овој синџир се поставени од времето на Мобимак и директорувањето на Жарко Луковски, сетапот го оплеменил во тоа време, а за да се осигура дека тој сетап ќе си остане ист и нема да се менува, ја поставил Радмила Димова како негов човек од доверба, за да биде сигурен дека тој сетап нема да биде гибнат. Премиерот Зоран Заев во своја близина има ,,гласен,, човек кој овие односи добро ги познава, ама тој човек е индикативно замолчен. Па си кроти!
Последниот под ингеренции на Бранко е Зоран Филиповски, директорот за терминали. Под негова контрола се набавките на сите телефони, ценовната политика за цената на телефоните во секоја кампања, поклончиња лево и десно, како и најважниот момент, кога парите капат и капат до течење, односно моментот кај сервисот на мобилните, со кои Жарко почнал да работи мануфактурно, ама за време на неговото директорско владеење организирал најповолен сетап за себе и другарчињата Сашо и Никола. Затоа Луковски, во новата организација со СДСМ зад воланот на Телеком си се погрижил дека Филиповски ќе остане директор, за да нема изненадувања во овој сектор.
ОЧЕКУВАЊА
Нема очекувања кои водат кон подобро или кон промена која натаму води. Телеком е дефинитивно компанија ориентирана кон давање што поголем профит кој се дели како личен плен од (п)ликовите спомнати погоре. Засега нема индиции дека дел од пленот добива и премиерот Зоран Заев, нема ниту назнаки. Ама е нејасно и магловито, кој е неговиот интерес да молчи и одобрува вакво работење на најпрофитабилната компанија во државата од која се очекува да даде што поголем износ на дивиденда. Сосема е јасно и извесно дека Кочо Анѓушев е лик кој е громобран на овие криминалци во Телеком, помогнати и поддржани од ДУИ. Рамо до рамо со Анѓушев е Шекеринска, доволно за премиерот да биде исклучен и изолиран. Она што денес е актуелна состојба во Телеком е најава за повторна поделба на приватните и деловните корисници, како и тоа дека Станчев сосема сигурно ќе остане во седло, а ќе биде одделен делот за деловни корисници. Постојат тука две важни прашања, прво прашање е од кои причини СДСМ дозволи спојување на двата стрима (приватни и деловни корисници) пред речиси една година, а сега се подготвува терен пак да даде согласност за повторна поделба? Дали беше само договорено да се зголеми силата на Бранко Станчев за да го осигура сетапот на Жарко Луковски во партнерските деловни договори, а потоа повторно да се раздели, за да може да земе и СДСМ (Кочо и Рада) некое главно директорско место? Второ прашање ама и дилема е дали навистина СДСМ транспарентно ќе избере и предложи кандидат кој би можел да се носи со оваа позиција, некој кој е стручен, професионален работник, со докажани и покажани успеси во минатото или повторно ќе најде дилетант од подрумот на двајцата интересенти, Кочо и Рада? Оти, премиерот лани кога бираше, промаши со Горан Трајановски и тоа си го призна со дозвола за негов лесен одстрел во јуни о. г. Мала утеха е неофицијалното тврдење на Трајановски дека година дена истражувал и работел на детектирање на криминал и поднел серија тешки кривични пријави до органи платени за оваа работа. Ама, Србите велат: ,,НЕКА ИХ ОКАЧИ МАЧКУ О РЕП!,,. Дека нешто такво сработил Трајановски, јас ќе верувам кога ќе видам како специјалците вадат телекомски директори со ,,полуга,, под мишките на пат кон судија за претходна постапка на распит и потоа кон Шутка. Сѐ додека овие истраги на Трајановски не видат светло на денот и не бидат проследени со приведувања на главните актери кои ја ограбија компанијата и граѓаните индиректно, ваквите негови ,,подрумски,, најави, под закрила на ноќта, ќе си останат лична желба на одстранет директор поради очекувани а неиспорачани резултати. Секако дека ние многу скоро ќе го видиме Трајановски повторно на некоја битна извршна функција, рециклиран па делегиран од премиерот кој нели свои луѓе не остава на цедило, освен некои баш баш ,,непослушни,,…
ПРОДОЛЖЕНАТА РАКА НА ЖАРКО И КОЧО, ,,ЦРНОГОРЕЦОТ,, НИКОЛА ЉУШЕВ
Кој е Никола Љушев и како стигна до највисоката раководна позиција во Македонија? Дали навистина се работи за неговата голема професионалност и СТРУЧНОСТ, дали е само тој еден и единствениот кој може да раководи со најголемата компанија во МК? Каква е неговата поврзаност со европскиот пазар на телекомуникации, што има Хрватска со него, како успеа директорски да преживее во време на транзиција, дали се работи за лични интереси или навистина Љушев овојпат ќе работи за доброто на компанијата? Колку се вистински неговите професионални достигнувања срочени и опишани во неговото ЦВ? Што сокрил во набројувањето?
Од 2008 година до 2016 година Љушев раководи со Випоператор, тогаш трет мобилен оператор во Македонија. Историски гледано, неговата позиција и покрај тоа што била во целосно приватна компанија сепак е аминувана од ВМРО ДПМНЕ, со истите начела како што и позицијата на Луковски беше аминувана и поддржана во Телеком, од истата партија/фирма и од истите КОНТРОЛОРИ, Саше и Никола. Истата КАДРОВСКА КАФИЛЕРИЈА која со години продуцираше послушни пудлици! Блиски конекции на Љушев со членовите од врвот на партијата и нивните експоненти, преку неколку организирани зделки во нивна корист, на Љушев му овозможуваат да остане на позиција директор во нивно време на владеење, секако поддржан преку блиската соработка со тогашниот директор на АЕК, Роберт Орданоски, кој пак беше слепо послушен и извршителен кон Груевски и Мијалков. Орданоски и Љушев успеваат заедно да го манипулираат и контролираат целосно регулираниот пазар на фреквенции помеѓу трите оператори, плаќајќи огромни суми за спектарот на сите технологии, иако дел од нив воопшто не се користени никогаш.
Жарко Луковски од Телеком преку Слободанка Гиевска и Бранко Станчев, кородинирани со Љушев, а преку Орданоски, ја претставуваат воспоставената линија, преку онаа нераскинлива врска која и денеска со Гиевска како главен кадровик, на Љушев му одговара и ја поддржува и и овозможува да прави што ќе посака. Овојпат договорен да дава и кон Кочо и Рада. Оти, треба да се опстане, нели!? Додека се вратат НЕЛИ на власт, што сонуваат од прв ден кога се паднати. Некој ги научил дека Заев многу кратко ќе трае, дека само што не се вратиле на власт, заедно со КОНТРОЛОРИТЕ во пакет. Аминот и начинот на регулирање на спектрумот бил препишан од Хрватска, како најдобар пример за добар телекомуникациски пазар на овие простори, со доза на локален апашлук од сите погоре именувани, но и со доза на долгорочна соработка меѓу Хрватска и Македонија. ВМРО ДПМНЕ и ХДЗ се политички ,,фирми,, сестри, изнедрени се од ист Дојчланд ШИНЕЛ. Од таму, од Хрватски Телеком влече корени Љушев и неговиот денешен директорски сетап како нов главен директор. Претходно, наназад една година беше директор на најкриминалниот Телеком од системот на Дојче Телеком, ТЕЛЕКОМ ЦРНЕ ГОРЕ. Љушев во Подгорица на тамошните кримоси им пренесуваше знаења и им трансферираше кадар од екипата на Мирослав Јовановиќ, за криминално суредување на тамошниот подземен катастар, по твининг систем пресликан од Скопје, опишан во еден од моите серија текстови.
Откако Вип се спои со Оне, започна проектот на кластеризација во Телеком Австрија, односно Вип Македонија и Вип Хрватска, со што Вип Македонија доби нов Главен Оперативен Директор, во ликот на извесен Јиржи Дворјачански. Тој извесен Јиржи од Хрватски Вип, бил присутен за Љушев да биде само обичен директор, без ингеренции на главен оперативен директор, оти однапред знаеле колку е способен и колку му ,,лепат,, рачињата. Тука се случи најголемиот крах за Љушев. Ова затоа што не можел предолго да манипулира заедно со другарчињата со пазарот на фреквенции, ниту со аминуваните договорени цени на мобилни услуги. За Љушев било огромен удар, да не оди на договор со главниот оперативен директор на Телеком (Елснер на пример), да аминува понуди на пазарот. Тој дел наместо него го работел Јиржи Дворјачански, како главен извршен директор на кластерот Македонија Хрватска ВИП. Она што му пречело на Љушев во времето кога директорувал во ВИП е како може Чех испратен од Хрватска да му се меша во неговиот телекомуникациски пазар? Па решил по секоја цена да го покори Чехот, за да му дојде на поклонение и да моли за милост. Не знам дали на крајот ја остварил својата намера и дали го покорил хрватскиот Чех, ама секако е сигурно дека Љушев е суетен тип со лесно повредливо его, тип кој не трпи никаква конкуренција.
Особено ако се знае дека сите 15 години наназад неговата сопруга е вработена во Телеком, има достап до ценовната политика, ги знае однапред намерите на Телеком, па секако дека му овозможувала на Никола да знае се однапред, далеку пред Јиржи. Истовремено, овој податок за неговата сопруга покажува и колку се внимава на законот во РМ, кога е во прашање конфликт на интереси. Љушев директорува со ВИП и денес со Телеком, иако неговата сопруга цело време е на позиција да му лиферува сензитивни информации. Ова воедно е и доказ дека Телеком и ВИП од после спојувањето на ВИП и ОНЕ се ЕДНА ФИРМА, дека во Македонија на телекомуникациониот пазар нема конкуренција и дека ВЛАДАТА не покажува ниту најмал интерес на ова да му стави крај. Во денешните криминализирани и матни времиња кога организиран криминал владее со РМ, иако СДСМ владее под парола НЕМА ПРАВДА НЕМА МИР и ЗБОРОТ Е ЗБОР, Љушев има за задача од стопанот ВМРО ДПМНЕ да ги штити договорите, да не дозволи ревизија, или ревизијата ако по некоја случајна случајност и се случи, да излезе без дамка за никого од минатото. Љушев секако се грижи да останат ТОП платите и бонусите за него и платите и менаџерските бенефиции за сите погоре спомнати директори/извршители.
Никој во оваа владина коалиција денес не знае и нема збор да ви каже на тема ,,способност и стручност на Никола Љушев,,. Не се знае КОЈ е тој што го оценил дали е единствениот од Бога даден за оваа функција, дали имало други кандидати кои не беа ни предложени ни поттурнати од никого, можеби способни да ја унапредат работата на Телеком, да даде поголем профит од сегашниот. Има ли СДСМ кадар способен подобро да управува со компанијата, да ја полни државната каса, а не својот џеб. Веројатно дека има, иако ова е дискутабилно ако се анализира функционерскиот ешалон инсталиран последните година дена, но ако таков кадар во СДСМ и има, секако дека вратите на овие кадри им се затворени, бидејќи немаат ВМРО ДПМНЕ ветар во грб. Услов е ВМРО ДПМНЕ да се согласи прво, а СДСМ тогаш се согласува секако. Обратно ова непишано правило не функционира. На сите нивоа, не само во Телеком!
Сега ветарот му дува во грб на Никола Љушев и засега му овозможува мирно море и лесна пловидба. Љушев денес е во позиција кога сите типови како Чехот Јиржи му клекнуваат на колена и молат привилегии, кога тој решава кога ќе се раздени а кога ќе зајде сонцето за телекомските поданици. Љушев има простор до крајот на оваа година да се наполни со кеш, непречен од никого, има такви ингеренции, со СДСМ согласност. Велам до крајот на годината, оти планот на Дојче Телеком е да донесе Германец на оваа функција, доколку компанијата во меѓувреме не ја продаде на друг, што е отворена опција и за што Љушев е апсолутно вистинската личност, оти нема да го гледа државниот туку ќе го гледа својот и интересот на Германците. Секако дека тука останува на располагање и пазарот на фреквенциите, а на таа позиција си ја има верната и лојална другарка од минатото, Слободанка Гиевска. Љушев и Гиевска сега имаат и една фантастична добитна позиција, каква немале во време кога фамилијарните КОНТРОЛОРИ владееле, тие денес немаат со кого да преговараат од друга страна. Оти, друга страна нема, АЕК си го контролираат одамна, Владата и тука е исклучена и оневозможена. Гиевска сега сама, со амин од Љушев, го диктира целиот фреквентен опсег, а полека подготвува и место за следниот мобилен оператор под контрола пак на ВМРО ДПМНЕ. Оти, кај нив е моќта, силата и кешот, се разбира. СДСМ може да дојдат да замолат малку милост и нешто кеш…
На пат на нивниот наум Љушев/Гиевска нема кој да ги спречи. Парите спечалени за општо добро ги бројат како нивни, така и ги распределуваат, на вработеното робје му фрлаат трошки и дневно го плашат со отказ без отпремнина. Ретко или никој не работи за развој на компанијата, цицаат до крај што може да се исцица оти на ум им е продажба и нов газда кој пак ќе си го манипулираат оти нели друг кадар во РМ нема или нема со толку кеш за подмитување. Во најубавата деловна зграда на Плоштад Македонија, во седиштето на компанијата владее апсолутна депресија. Со неа владее човек без свое јас, без мотивација или стратегија за иднината, преокупиран само со личните интереси, послушност и добар кеш, саможиво ја води компанијата во уште поголем депресивен јаз. Никола Љушев има страв само од едно: Зоран Заев да не се разбуди од недосонуваниот сон ,,Македонија во НАТО и ЕУ,, па да почне со метлата да мете од врвот на Телеком надолу. Мој личен став е дека Заев нема скоро да се разбуди од тој сон. Премногу јак седатив има испиено пред да почне да го сонува. Па баграта во Телеком може непречено да продолжи да краде.
Кочо и Рада им се гаранти!