logo
Search
Close this search box.

Мали Репки, уште помал премиер

Пишува: Зоран Божиновски

Уште од периодот кога Лидија Гавриловска беше директорка на Управата за санкции, именувана од извршната власт составена од ВМРО ДПМНЕ и ДУИ, па во континуитет, кога ДУИ во коалиција со СДСМ од јуни 2017 година продолжува да владее, а таа е заменета со Јовица Стојановиќ, Република Македонија, а подоцна Северна Македонија ниже негативни резултати и уште понегативни извештаи од Комитетот за заштита од тортура при Советот на Европа.

Намерно влошените услови по затворите и особено во притворите низ нашата земја, од периодот под власт на Никола Груевски, за да биде злоупотребуван притворот како казна наместо како превентивна мерка, беа за момент ,,подобрени,, кога по смената на власта во 2017 година, Јовица Стојановиќ се зафати со завршување на нови сместувачки капацитети во Идризово. Се зафати со рушење на објекти недостојни и за животни, а не за луѓе и од челната функција на Управата за извршување санкции, а со ветена поддршка од 50 милиони евра од Европската банка за развој. Стојановиќ најави изградба на нов затвор ,,Идризово,,, притворски капацитет во овој најголем затвор во земјата и изградба на судници по урнек на европски држави каде затвореници и притвореници не се транспортираат низ град, со обезбедување кое оди во пакет, туку со минибус доаѓаат судии во затворот и тука судат.

Ова не се случи бидејќи извршната власт на СДСМ и ДУИ имаше приоритет, распродажба на името преку промена за да угоди на Грција, патемна корупција која под раководство на Зоран Заев процвета и рапидно се зголеми, глумење реформи во правосудството и обвинителството кои останаа само ветени и замислени, а во делот на извршување санкции и кај притворските предмети само се влошуваа условите, растеше корупцијата. Често беа менувани раководствата на затворите, а од Комитетот за заштита од тортура од Европа наместо поддршка на директорот Стојановиќ, беше побарано да биде одстранет од функција како еден од генераторите на корупцијата и беа ускратени ветените 50 милиони евра за изградба на нов затвор. Па така, од година во година, од 2017 јули, до овој октомври 2023 состојбите во секторот извршување санкции само се влошуваа и влошуваа. Стојановиќ беше сменет, ротиран на функција, беше именуван Марјан Спасовски, па за кратко и тој беше сменет, па од немоќ и очај, премиерот Димитар Ковачевски, пак го врати Стојановиќ на чело на управата за извршување санкции. Тоа Комитетот за заштита од тортура никако не можеше да го прифати, па после инспекцијата лани во мај му очитаа лекција на премиерот на средба во владата, детално му набројале што пронашле и што виделе за време на нивната десетдневна посета на затворите и притворите во Северна Македонија. И на заминување му нагласиле дека очајните услови се резултат на корупција во затворскиот систем во земјата и дека ќе мора да заборави на поддршка од 50 милиони евра доколку до следната посета во 2023 година не се променат работите онака како што му наброиле таксативно.

Извор од владата, од министерството за правда, присуствувал на средбата лани во мај, па ми сведочи дека премиерот Ковачевски по средбата бил вцрвенет во лицето, дека разговорите со него биле многу непријатни, дека членовите на европскиот комитет не избирале зборови со кои му се обраќале и дека по завршувањето на средбата, премиерот не можел ,,излезната врата да ја погоди,,…

Но, до посетата на Комитетот за заштита од тортура која се случи овој месец и заврши на 12 октомври, Димитар Ковачевски и неговите колеги од министерството за правда и управата за извршување на санкции, не само што ништо не промениле на подобро, туку состојбите се двојно полоши од минатата година, од пред 17 месеци. Повторно на непријатна средба му набројале по ред што забележуваат од нивна страна, повторно му укажале на високата корупција по затворите и притворите и на катастрофалната кадровска ситуација, особено управувачката структура. Секако, нагласиле дека Северна Македонија нема да добие 50 милиони евра од Европската банка за развој, затоа што членовите на Комитетот за заштита од тортура проценуваат дека тие пари ќе бидат злоупотребени.

А тоа го темелат на податокот дека во последните неколку години најчесто на раководни функции по затворите се носи неквалификуван кадар, склон на корупција, не престанува појавата на палење коли на припадници на затворската полиција од редовите на командниот кадар, дека само од почетокот на оваа година 20 вработени дале отказ и напуштиле служба во затворот ,,Идризово,,. Тука спаѓаат и другите огромни забелешки:

– најцрната точка во затворскиот систем, амбулантата во затвор ,,Идризово,, која мора да биде затворена, пак е преотворена и работи, а личи на мачилиште и место каде секој хоспитализиран попрво сака да умре отколку таму да престојува.

– забелешка е ставена и на директорувањето на Зоран Јовановски, пензиониран полициски генерал кому според Комитетот не му е место на раководно место во затвор, туку во пензија, без разлика колку е чесен, без разлика што е некорумпиран и коректен со вработените кои ги раководи. Едноставно, го означиле како непрофесионален и несоодветен кадар за таа позиција.

– Двапати Комитетот укажува и бара владата да го смени Јовица Стојановиќ од чело на управа за извршување санкции, тие го менуваат и го именуваат по вторпат директор на Управа за санкции, па го менуваат од таму па пак го враќаат на чело на управата. Ковачевски направил проценка дека со 50 милиони евра од Европската банка за развој, Стојановиќ ќе управува како што треба, ама Комитетот има сосема спротивно и негативно мислење, смета дека има многу корупција во затворскиот систем во нашата земја па нема да ги одобрат тие средства. Па нема да се гради нов затворски објект за сместување на сите затвореници, нов притвор во ,,Идризово,,, нова амбуланта и судници. НЕМА!

– Забелешка е и што нема вода во новиот затвор ,,Куманово,,. Граден е на сосема промашена локација, на подрачје во кое почесто нема отколку што има вода, па со ионака ускратени права на затворениците, ускратено им е и правото загарантирано со Устав, да имаат вода! Локацијата е бирана од страна на актуелниот адвокат/правен застапник на Општина Карпош, Виктор Цветковски, од периодот кога министерка за правда беше Мери Младеновска, а Цветковски беше државен секретар.

– Особена забелешка е составот на кадарот во затворите во нашата земја:

а) затвор Штип го раководи лице со завршен факултет за физичка култура

б) затвор Куманово, директор Ненад Цветковиќ, бивш возач на градоначалникот Зоран Дамјановски кога е на чело на Куманово. Цветковиќ купил фалсификат диплома, па како член на СДСМ директорува со затвор ,,Куманово,, и е перјаница на корупцијата во тој затвор.

в) затвор Гевгелија го раководи ветеринар

По заминувањето на членовите на Комитетот за заштита од тортура и дознавањето на лошите вести директно од нив, се случи и претрес во ,,Идризово,, предизвикан од една, сосема бенигна ситуација на почетокот. Повеќегодишниот затвореник Зулќуфли Нуредини пред месец дена побарал да добие исти права како и осуденикот Бојан Јовановски Боки 13. Тој од март месец о. г. поради тогаш влошена здравствена состојба беше сместен во болница, ама остана таму веќе осум месеци и не се враќа на отслужување на затворската казна. Зулќуфли Нуредини познат како Мали Репки, поучен од неговите адвокати побарал од управата за извршување санкции исти права како Боки 13, посакал и тој да лежи во болница. Па бил сместен во приватна болница, а пред вратата каде лежел биле поставени чувари. Ама, Нуредини им се заканувал со тешки последици по нив ако пријават дека ја напушта болницата, а престојот во болница го користел за шетање низ град, па за ова се дознало.

Па имало реакција од обвинителството, па е спроведена истрага, чуварите кои му дозволиле да ја напушта болницата се суспендирани, а Нуредини на враќање во болницата во друштво на негов адвокат го пречекале припадници на специјална полиција, па го вратиле во ,,Идризово, во затвор. Целата акција поминала со инциденти, а по неговото враќање во затвор била отворена истрага и бил наложен претрес на затворот. Па се пронајдени ножеви, мобилни апарати, полначи и други предмети кои се забранети за поседување во затвор. Ова предизвикало бес кај Зулќуфли Нуредини, па организирал бунт, по кој интервенирала специјалната полиција, па има тешко и лесно повредени и полицајци и затвореници.

Претходница на овие случувања се конфликти помеѓу припадници на групата затвореници од случајот ,,Диво насеље,, и Нуредини, една поголема тепачка која завршила со искршена глава од страна на затвореник кој отслужува казна за ,,Диво насеље,,. Така да, оваа 2023 година поминува во пресметки помеѓу затвореници организирани од ,,Диво насеље,, и група на Нуредини, кој пак излез побарал преку изедначување во неговиот третман со Боки 13. Тој третман го добил ама го злоупотребил.

Резултат на овие случувања се повеќе запалени коли на командири од ,,Идризово,,, 20 откази по сопствено барање од затворските полицајци кои веќе не можеле да трпат тортура од затвореници како Нуредини. Едноставно, според мојот извор од затвор ,,Идризово,, оваа држава нема сила и нема начин да се справи со тоа што се случува во овој затвор, нема законски начин да ги санкционираат затворениците кои кршат дисциплина, нема начин да ги изолираат, освен 14 денови да ги затворат во ,,самица,,. Пробале да го преместат Нуредини во затворот во Прилеп, ама од таму се вратил после два месеци…

Инаку, Зулќуфли Нуредини на лабав третман бил заучен уште кога бил во притвор, во затвор ,,Куманово,,, под команда на корумпираниот директор Ненад Цветковиќ. Тој му дозволил, секако за соодветна кеш награда, климатизер во ќелија, плазма телевизор, плејстејшн конзола, ама имал и наргила за ,,дување,, опијати. Во ,,Идризово,, Нуредини никако не може да се навикне на строг третман, па затоа им ветил дека ќе прави нереди додека не биде онака како што тој сака да биде…

Така да, за мир во ,,Идризово,, не е лошо Ненад Цветковиќ од затвор ,,Куманово,, да биде преместен во најголемиот затвор во земјата, а Мали Репки да му биде заменик. Ионака полошо од ова што се случува сега не може да биде…

Коментари

Новитети :

Следете не :

Зачленете се за Новости


Headline

Never Miss A Story

Get our Weekly recap with the latest news, articles and resources.

Cookie policy
We use our own and third party cookies to allow us to understand how the site is used and to support our marketing campaigns.