Гевгелиската обвинителка Василка Ковачева Садикова го убива Мите Танов скоро 20 месеци по ред…
Пишува: Зоран Буревесник Божиновски
Предпладне на 03 ноември 2019 година, на местото викано Варница на Кожуф планина, животот трагично по УБИСТВО СО УМИСЛА, од до денес неутврдени причини го загуби тогаш 31 годишниот МИТЕ ТАНОВ од Гевгелија. Убиен е со истрел од ловечка пушка, директно во срце, од страна на 55 годишниот сограѓанин ЃОРЃИ БЕЛЧЕВ. Убиен е на лов, на кој тргнал заедно со Слободан Стефановски (52) и Белчев, од месноста Смрдлива Вода, на Кожув. Убиството се случило неколку минути после 10 35 часот, момент во кој убиениот МИТЕ направил една фотографија и ја испратил на свој другар. На неа е забележано точното време на испраќањето на фотографијата и се чита дека на прашање од неговиот другар ,,ЧЕКИШ?,,, нема одговор.
Итната медицинска помош стигнува на местото на настанот во 11 06 минути, непознато до денес е во колку часот точно е пријавено и од кого е пријавено дека МИТЕ е застрелан. Познато е дека му умрел на убиецот БЕЛЧЕВ на раце, како што е познато и следново:
Од фотографијата во прилог се гледа дека видливоста тој ден на местото на убиството била одлична.
Белчев во МИТЕ ТАНОВ стрелал од 15 метри далечина и го застрелал директно во срце. Три ЧЕТИРИМИЛИМЕТАРСКИ сачми од вкупно ДЕВЕТ од полнењето на ловечкиот патрон испукан од ЃОРЃИ БЕЛЧЕВ. Три од тие девет сачми се извадени од срцето на ТАНОВ. Станува збор за крупни сачми кои се користат за убивање крупен дивеч од габарит на дива свиња…
На лице место повеќе од половина час подоцна е правен ОБИД ЗА УВИД, ама ЗАКОНСКИ увид не е направен оти надлежната обвинителка ВАСИЛКА КОВАЧЕВА САДИКОВА не е излезена на местото на убиството да раководи со увидот и со собирање докази. Таа е впишана во полициски записник бр 33.4.6/4697/1 од 03. 11. 2019 година, како обвинителка која дала налог да се врши увид, ама на ПРВИОТ И ЕДИНСТВЕН ВАКОВ ТЕЖОК СЛУЧАЈ во нејзината обвинителска кариера, не излегла на лице место. До убиството на Танов работела на случаи како што се крадење дрва, обивање гаражи, ситни разбојништва, ама случај на убиство никогаш не работела…
Наместо КОВАЧЕВА САДИКОВА, улогата на обвинители на лице место ја вршеле присутните вработени од ОВР Гевгелија, кои при вршење на увид не утврдиле КАДЕ СЕ ДРУГИТЕ ШЕСТ ЧЕТИРИМИЛИМЕТАРСКИ САЧМИ од истреланиот патрон од пушката на БЕЛЧЕВ, поточно, не го утврдиле ни точното место од каде пукал, ни правецот во кој пукал. Тие ШЕСТ сачми не ги ни барале…
Без задолжителното присуство по закон, на обвинителката КОВАЧЕВА САДИКОВА, на лице место, направен е пропуст во постапувањето со убиецот ЃОРЃИ БЕЛЧЕВ. Тоа значи дека тој не е притворен ни ПРЕВЕНТИВНО, според одредбите на ЗКП кои се јасни во вакви случаи, туку е оставен на слобода до денес, скоро 20 месеци после настанот.
Направен е и пропуст на увидот, каде присутните овластени службени лица од ОВР Гевгелија, без обвинителката ВАСИЛКА КОВАЧЕВА САДИКОВА, ,,одокативно,, и од прва впишале дека се работи за УБИСТВО ОД НЕБРЕЖНОСТ. Така стои во записникот. Од каде знаеле дека е НЕБРЕЖНОСТ а не е УМИСЛА, ќе треба да објаснат на судски процес, тогаш кога ќе почне…
А судски процес скоро нема да има, оти обвинителката ниту 20 месеци после убиството нема покренато никакво обвинение. Ниту за убиство од небрежност, ниту за убиство со умисла. Не ми е познато ниту дали кај судијата за претходна постапка е завршена истрагата со Решение од кое треба да произлезе дали се исполнети или не се исполнети условите за подигање на обвинителен акт.
Познато е и дека убиецот Ѓорѓи Белчев многу жалел затоа што го убил Мите Коми…
Познато е и дека третиот човек кој дента бил со нив на Кожуф на лов, Слободан Стефановски, бил далеку од местото на убиството и дека сведочел дека ништо не видел, така да она што се случило се случило меѓу Белчев и убиениот Мите Коми.
За другите познати и непознати елементи од овој трагичен настан со јасен крвав потпис од обвинителката, во следниот текст. Од овој текст сакав само да се запознаете со работата на обвинителката Васка Ковачева Садикова и незаконското постапување на полицијата од ОВР Гевгелија…
(продолжува)