Ако имате роднина во притвор во Затвор ,,Скопје,, т. е. во Шутка, тој има право на максимално три посети во месецот. Ако има слободни термини, може и четири посети во месецот. Што во превод значи една посета во текот на работната недела. Посети за викенд и празници нема за притворениците. Кај директорот во оставка Ѓоко Котевски не е така. Привилегирани како Камчев и Мијалков имаат посебни привилегии…
Пишува: Зоран Буревесник Божиновски
Посетите ги закажувате телефонски, преку службеник во Основниот суд Скопје 1, кој води евиденција оваа процедура да биде испочитувана, секој притвореник да има еднакви права како и другите. Посетата да трае 60 минути, во соба за посета која некој во Шутка и дал службен назив ВИДУВАЛНА. Притвореникот никогаш не знае однапред кога има посета. Дознава во момент кога посетата треба да се случи. Ова важи за оние смртници кои немаат мобилен телефон во соба за да си бидат спремни.
Јас додека бев во притвор, од 21 април 2016 до 14 јули 2017, година, за тие полни 15 месеци оваа процедура ревносно беше почитувана, а во еден наврат ,,измајмунираа,, ситуација да немам посета, со цел да ме казнат на некаков глупав и промашен начин. Во ЃОКОВО време, време на директорувањето на директорот во оставка Ѓоко Котевски, овие процедури за привилегирани кои директно му плаќаат за услугите во кеш – не важат. Конкретно, според вработен во затворот од кој имам исказ во писмена форма, додека во притвор беа Орце Камчев и Сашо Мијалков, за сопругата Ана Камчева важела посета секој ден по ДВА часа и донесување храна за Орце и Сашо од по 20 килограми, иако е дозволено четири пати помала тежина. За смртници пакет изнесува пет килограми. За нивните адвокати посетата важела секој ден по два часа, иако е предвидено по еден час…
Во секој момент во аранжман на Ѓоко Котевски, Орце и Сашо имале на располагање по четири смарт телефони со интернет 24/7, а чести биле ,,консултациите,, на Котевски со Сашо Мијалков од по саат и 40 минути во канцеларија на катот од т. н. ,,Хашко одделение,,. За овие ,,аномалии,, мојот извор ми посочува дека има надзорни камери од влезот во притворот до собите каде престојувале Камчев и Мијалков, па сето ова е снимено и документирано, доколку не е бришано во меѓувреме, за да нема докази. Истрага ова лесно може да го утврди. И јас сум сведок како бивш притвореник кој 15 месеци помина во тој сектор дека камерите функционираат 24/7 и дека нема ниту еден мртов агол. Овие услуги, според мојот извор, Котевски ги наплатил со илјадници евра од Ана Камчева. Екстра било платено кај Котевски, Камчев и Мијалков да имаат попуст и за време на прошетките. За сите други важи саат време прошетка и пократко, за овие двајца привилегирани по саат и 40 минути секој ден. Поради привилегијата со прошетките имало протест од притворените од ,,Диво насеље,,, па мислејќи дека надзорниците им даваат привилегија на Камчев и Мијалков, еден од нив физички нападнал надзорник, ни крив ни должен. Нормално, инцидентот бил скриен за да не се отвора истрага која ќе води кон директорот Котевски.
Според мојот извор, дневно во притвор влегуваат најмалку десет телефони во режија и аранжман на Котевски, во ,,содружништво,, со вработен од редот на надзорниците. Дневниот промет само по овој основ изнесува минимум 2.000 евра. Видео надзорот ова лесно го детектира, бидејќи во собите каде Котевски продавал мобилни телефони, нема претресување. Сето ова, со кеш наплати по разни тарифи се интензивира после оној режиран инцидент со Спире Ристевски и Миле Јанакиески, кој Котевски го искористи да испоказни вработени кои немале никакви допирни точки со случувањето. После тој инцидент и театрално поднесената оставка на Котевски, вработени му ги отвориле очите, му објасниле дека ќе си оди секако после изборите и ќе може само очајно да се сеќава дека не искористил ништо од можностите што му се пружале. Па Котевски се размислил и се впуштил во авантура.
Па ги преземал собите Ц19, Г24 и Г13 во кои има платежно способни притвореници кои сакаат мир и раат, без претреси. Што кај Ѓоко чини 10.000 евра месечно. Претреси се вршат кај сиромашни и немоќни, ама во овие соби не влегува никој да претресува. Истото важи и во глобала за ,,Хашкото одделение,, за ВИП притвореници од текстот погоре, меѓу кои моментно е Митко Чавков. Ама прво му фатиле 4 мобилни телефони на претрес, па се оправил да си плаќа. Па сега тој во ниту еден момент не е без еден смарт телефон со 24/7 интернет на располагање. Платен по тарифа, разбира се…
Во меѓувреме, откако Котевски преминал на онаа страна на законот, станал и нервозен, нетрпелив кон вработените, почнал да пцуе по нив и да навредува, а шестмина од нив сфатиле дека станува неиздржливо на работа, па си заминале со отказ. Си заминала од работа и роднина на Котевски која ја вработил за јавни набавки, ама кога видела како ,,работи,, и како ,,набавува,, од несакање да соучествува, си заминала од Шутка. Со големиот наплив на кеш пари по разни основи, Котевски се опуштил па тргнал почесто да шопингува по Солун, а и се вљубил во колешка од затворот Идризово. Биле заедно на некој семинар и Ѓоко се вљубил. Како и секој директор, кому му дошол голем кеш од разни правци, со сите привилегии кои си ги овозможил, го следува и љубовница. Семинарите се вистинското место за да се доживее романса…
Котевски го чека смена, бидејќи изборите завршија па се одстранети сите законски пречки да си замине од Затвор ,,Скопје,,. Дали ќе биде награден со некоја друга функција или ќе има истрага за овие наводи, ќе видиме во периодот пред нас!? Можеби и ќе остане ако од тарифите одвојувал процент за заштитник во владата, да го куртулат од метлата на премиерот Заев…
Како и да биде, во Шутка нема блескава иднина, ,,осветлен,, е…