logo

Ресен, центар на ,,јаболкарската мафија,,

Објавуваме војна на ,,јаболкарската мафија,, во Македонија…

Пишува: Екипа на „Буревесник.Нет„

Иако се крие, официјално годишната реколта од јаболковите насади во Ресен изнесува околу 130.000 тони во вредност од околу 30.000.000 евра. За некој пазар на било која балканска европска или светска држава тоа е смешна количина, но преспанските јаболкари секоја година имаат сериозни проблеми како во обработката на земјиштето така и во продажбата на јаболките, без разлика дали се работи за конзумно или индустриско јаболко. Своевремено во Ресен, во селото Царев двор беше изградена една од најголемите фабрики за преработка на јаболка во тогашна Југославија и на Балканот. И квалитетот беше одличен а производителите на јаболки и не размислуваа за пласманот. Целата реколта се продаваше а од тоа време позната е шегата кога ресенчанец за да пушти туристи да влезат во складот со јаболки им побарал по 10 германски марки, како билет за влез. Демек, чудо да видат. Денес чудото е под контрола на мафијата, а не функционира…

Шегата настрана, но земјиштето во ресенско сега се почесто е необработено, има се помалку млади и нови јаболкови насади а младите од Ресен сега се помалку се занимаваат со јаболкарство и се иселуваат во европските земји. Меѓу оние кои живеат во Ресен а се занимаваат и живеат од производство на јаболки тешко се наоѓа некој што отворено ќе проговори зошто европскиот земјоделски басен за производство на квалитетно јаболко станува популарен не по јаболка, туку по криминал, корупција со земјоделски фондови, дури и наркотрговија и финансиски криминал.

Во Ресен најдобро живеат оние граѓани кои се вработени во државната администрација.

Земјоделците, особено оние на кои јаболките и земјоделството им се егзистенција мака мачат со неопходни финансии за јаболкарството, хемиски препарати, откуп и наплата на откупените јаболки како и пресметки со локалните лихвари и добро организирани јаболкарски криминалци/мафијаши кои го контролираат регионот. Во Ресен тешко може стандардно да се набават земјоделски материјали за јаболкарството, препарати, механизација, за професионални совети и не се зборува бидејќи земјоделски задруги има неколку, колку за украс. Поради тоа јаболкарите секоја година влегуваат се подлабоко во мафијашкиот круг на трговците со земјоделски потреби и откупувачи на јаболки.

Јаболкарите од Ресен, сакаат – нејќат јаболките мораат да ги продаваат на неколку откупувачи монополисти во градот. Тие пак се поврзани или и самите се сопственици на земјоделските аптеки од каде јаболкарите купуваат средства, алат, машини и се што им треба за јаболкопроизводството како и основни потреби за секојдневен живот. И бидејќи откупувачите реколтата не им ја плаќаат по неколку месеци на јаболкарите производители, во договор со лихварите, земјоделците се принудени да се задолжуваат, да земаат на вересија, често и со големи камати кои постојано растат. Така некои ресенчани само за земјоделски препарати се должни и по 20 – 30 илјади евра а младите се откажуваат од земјоделството и често или заминуваат од градот и земјава, или почнуваат да се бават со други работи често и со криминал. Најчудно во се е што јаболките од Ресен ги откупуваат и извезуваат фирми од други градови а изградените складови и ладилници со буџетски средства или странски грантови стојат празни или се користат за „зреење на банани„!?  Не случајно последните месеци, токму во ресенско-битолскиот регион се откриени групи наркодилери, особено поради близината на Албанија и Грција каде производството и шверц на наркотици е редовна работа.

Екипата на „Буревеник.Нет,, во повеќе продолженија ќе истражува зошто Ресен и Преспанското Езеро иако едно од најубавите на Балканот изгледаат запуштено, зошто туристичката сезона трае едвај 20 дена а жителите се иселуваат во странство или живеат тешко?

Согледувајќи во својата секојдневна новинарска работа дека во земјоделството конкретно во Преспа и Ресен постојат и функционираат поединци, групи и организирани структури кои ги тероризираат и експлоатираат земјоделците и на криминален начин остваруваат профит, ние им објавуваме јавна војна на водачите на „Јаболкарската мафија„ во Преспа и Ресен и на криминалците во земјоделството во цела Македонија кои на трудот на земјоделците преку шверц, организиран криминал, уцени, рекет и злоупотреби се богатат, додека македонското земјоделството и селата во целост се запустуваат…

Коментари

Новитети :

Следете не :

Зачленете се за Новости


Headline

Never Miss A Story

Get our Weekly recap with the latest news, articles and resources.

Cookie policy
We use our own and third party cookies to allow us to understand how the site is used and to support our marketing campaigns.