logo
Search
Close this search box.

„Родила си сина, Краља Кокаина!„

Претседателот на Собранието на РМ, Трајко Вељановски, никако да си го исконтролира своето потомство. По скандалите на неговата ќерка по Скопје и Белград, неговиот син Филип, на 1. мај о. г. му ја запечати кариерата на Трајко. Иако привремено случајот е скриен од јавноста, сепак до Буревесник дојдоа деталите за првомајскиот нарко скандал на Евзони.

На претседателот на Собранието на РМ Трајко Вељановски не му се запали црвената сијаличка вечерта по завршувањето на овогодишните локални избори, кога неговиот син Филип ја прославуваше победата пукајќи од огнено оружје по скопските улици, заедно со уште двајца егзалтирани другари. На моќниот татко му беше најбитно вечерта уште веднаш да биде пуштен неговиот син, инаку веќе качен во полициско комби и поведен кон најблиската полициска станица на распит. Дури, на таткото му беше тогаш најбитно полицајците кои му го привеле детето уште веднаш да му се извинат на малиот, што е и сторено. Нормално дека утредента и следните неколку дена во ниту еден медиум немаше ниту во назнака опис на овој инцидент. Оти, кој сака да си има работа со осетливиот Вељановски Сениор, кој милува новинари покорно да му се извинуваат!?

Грчката полиција не е МВР и не е така покорна и послушна како МВР! Ова Трајко Вељановски го искуси на 1. мај о. г. откако му дојавиле дека на граничниот премин Евзони кон Грција, неговиот син Филип Вељановски бил уапсен со 11 грама кокаин и 30 таблети екстази во посед, количина која си ја земал со себе заради првомајско празнување во Грција.

Драмата се случувала дента, во раните утрински часови, кога Филип Вељановски прво сосема непречено ја пренел оваа наркотична славеничка доза покрај заспаните македонски полицајци, кои и инаку не смеат ниту на сон да помислат да вршат претрес на таква величина. На другата страна, Грците биле многу потемелни и поревносни, па на синот на Вељановски му извршиле преглед припадници на специјалната единица кои со себе имале и обучени кучиња. Нешто како македонска верзија на лабрадорот Адон, кој МВР го носи главно да пронаоѓа марихуана. Да не го упропасти носот

Тимот на специјалната грчка полиција, придружуван од кучиња, кај синот на претседателот пронашол 11 грама кокаин и 30 таблети екстази. Без пардон и многу филозофирање бил уапсен, врзан со лисици и во однапред утврдена процедура, со полициско возило уште веднаш го спровеле Филип Вељановски во Килкис (Кукуш), каде на првиот распит Филип Вељановски дал изјава дека дрогата не му била за продажба туку за негова лична употреба. По првиот распит го однеле во полициски притвор, да почека изведување пред истражен судија. Не знаеле дека детето е привилегирано!

Главен проблем на Филип Вељановски е што признанието дека дрогата му била за лична употреба, не е никаква олеснителна околност. Законот во Грција е ист и за 1 кг. и за 11 грама. Но, секој се брани како умее и знае, па така и Филип. Уште во моментот кога тргнало полициското возило кон Килкис, граничната полиција од Евзони ја известила македонската полиција од преминот Св. Богородица дека уапсиле лице со тој и тој идентитет и дека е во тек спровод кон Килкис.

Во тој момент била крената вистинска мобилизациона тревога во Скопје, откако на Сениор Вељановски му јавиле што се случило со Вељановски Јуниор. Избезумениот татко се јавил веднаш на главата на Фамилијата, на Сашко Мијалков. Па била формирана спасувачка експедиција од скоро половината македонска Влада, предводена од Вељановски и Мијалков. На македонско-грчката граница пристигнале колку се можело побргу и започнале со неартикулирано повикување на сите нивни знајни и незнајни „партнери„ од другата страна, само детето да биде спасено и пуштено на слобода, а „инцидентот„ заташкан. По можност, ако можело и траги да нема!? Грците на оваа паника од северната граница само слатко се смееле и се насладувале. Не можеле да поверуваат кој дошол да моли! Откако се соземале на ургенторите Сашко и Трајче брзо им објасниле дека тие се земја од ЕУ, која почитува стандарди и закони. И дека случајот веќе е заведен еднаш на Евзони, дека е отворена постапка која е во тек и судот во Килкис ќе донесе одлука за понатамошната судбина на уживателот на наркотични дроги Филип Вељановски.

Мијалков и Вељановски по целодневна исцрпувачка „дипломатска офанзива„ успеале да се изборат приведениот Филип Вељановски да биде експресно изведен пред судија утредента на 2. мај, да биде ослободен со кауција (не ми е познат износот!) и со гаранција од македонска страна дека ќе се појави на судење на 5. јули 2013. година. Да не подсетувам дека Филип Вељановски ноќта наместо во хотел ја поминал во полициски притвор.


Мојот извор од грчката полиција кој го следи овој интересен случај, ми тврди дека отстапките кои се направени од грчка страна, за да биде пуштен утредента Филип Вељановски, се истргувани со ветувања кои Сашко Мијалков и Трајко Вељановски им ги дале на преговарачите од грчка страна. И допрва ќе се види каков и колкав бенефит добива грчката власт што направила отстапка која баш никој не смее да ја направи, освен кога се во прашање грчките државни интереси. Мојот извор исто така ми тврди дека кооперативноста на македонските молители Мијалков и Вељановски мора да дојде до израз пред 5. јули, за да не дојде до објава на судот дека Филип Вељановски не се појавил на судење, иако неговиот моќен татко го гарантирал тоа на 2. мај.

Инаку, изворот ми тврди и дека на Филип Вељановски на 1. мај му бил организиран пречек од грчките специјалци, кои утрото го чекале на два влеза во Грција, Дојрани и Евзони. Некој од другарчињата на Филип заработил од продажба на „чувствителна информација„, дојавувајќи им на грчките служби дека синот на Вељановски за 1. мај се подготвува на гламурозен престој во Грција, проследен со луда забава, ама и дека со себе Филип ќе носи и „алат и прибор„. Информацијата се покажала како точна, Вељановски Јуниор е начекан утрото на 1. мај од грчките специјалци, со „алат и прибор„ заради кој дента и утредента на грчки „шалтер„ се напупија Сашко Мијалков и татко му Трајко лично!

Овој немил настан воедно е методско показна вежбовна единица од лекцијата „Како функционира подготвена служба„ која има информации што се случува на територија на северниот сосед со кој има скоро дводецениски спор околу името. Случајот на Филип Вељановски е само мал показ од страна на грчките служби дека будно следат и знаат што прават и како се забавуваат палавите дечињата на македонската функционерска елита и како лесно нивните татковци приоѓаат да молат кога ќе згусти.

Се разбира дека палавите дечиња, синови и ќерки на македонските политички величини, редовно се следени, снимани, лоцирани: каде одат по Грција, каде и со кого се забавуваат, што „конзумираат„, кој и колку со себе си носи и од кој тип „алат и прибор„, кои се бричените глави со дебели вратови кои таму ги придружуваат и чуваат. Знаат Грците ама баш се. До 1. мај Мијалков и Вељановски се надеваа дека Грците овие работи само ги претпоставуваат.

Од 2. мај наваму и Сашко и Трајко знаат дека Грците ем се знаат ем се следат! И дека цената е баш прескапа. Ќе ја платат граѓаните на РМ, ама резилот си е лично нивни, највеќе на препотентниот и арогантен претседател на македонското Собрание. Тој веројатно ни овој пат нема да ја научи лекцијата и нема да му застане на пат на неговиот син-делинквент. Дека тоа е така, доказ е изнасиленото појавување на „среќното семејство„ Вељановски на Велигден в црква, да се запали свеќа, за здравје на нездравото семејство.

Да не е трагично би било смешно…

НАПОМЕНА: За овој случај упатив службени прашања до Трајко Вељановски, Иво Котевски и до МВР. Се решија на МОЛК! Доста често ако не најчесто, тоа е најдобриот одговор…

  • Креирано на: 18.05.2013
  • Прегледано: 137.258

Коментари

Новитети :

Следете не :

Зачленете се за Новости


Headline

Never Miss A Story

Get our Weekly recap with the latest news, articles and resources.

Cookie policy
We use our own and third party cookies to allow us to understand how the site is used and to support our marketing campaigns.