Орце Камчев, фамилијарниот бизнис миленик на Груевски и кумашин на Сашо Мијалков, денес продолжи со својата медиумска одисеја. Овојпат направи нова гимнастика, „продаде„ 50% од својот удел во скопската печатница „Графички центар Скопје“. „Купувач„ е српската компанија „Internet Group“, сопственик на електронскиот портал – Телеграф.
Интересно е дека „Орка Холдинг“ денес известува преку поопширно соопштение дека нашле стратешки партнер во регионот. Иако знам дека зад „стратешкиот партнер„ стои голема компјутерско/дистрибутерска компанија од Србија (COMTRADE Group), сепак номинално купувањето на половина од печатницата во Скопје од страна на белградска ДОО фирма основана и регистрирана на 22. Јуни 2006. година со основен капитал од 500 евра, КОЈ НЕ Е ЗГОЛЕМЕН во овие две години постоење, мене ми укажува на уште една бизнис зделка на Камчеви, преку која ќе исперат пари. Затоа што ништо друго во последните десет години и не работат, освен што перат валкани пари, фризираат фалсификувани фактури на милионски износи, парите ги изнесуваат надвор, па ги реинвестираат назад во Македонија. И така во круг.
За мене, новиот косопственик на „Графички центар Скопје„, белградската фирма Internet Group DOO не е никаков инвеститор токму поради краткото постоење, период во кој и не заработале некакви пари освен можеби да поделат плати и хонорари за бројната новинарска и соработничка екипа на порталот www.telegraf.rs , а не е инвеститор и поради двата годишни финансиски извештаи (ги даваме во прилог!) од кои јасно се чита дека работеле со минимална загуба во првата и минимална добивка во втората година.
Лага е и кога читате медиумски славопојки за забавниот веб медиум www.telegraf.rs кој наводно ,,го читале милиони и имал страотна експанзија,,. Со проста проверка на ранкингот на веб медиуми во Србија, кој постои, ќе дознаете дека Телеграф е на 44. место во Србија. А за Југоисточна Европа и за Блиски Исток малку ќе треба да се почека. Инаку го читав денес соопштението на Орка Холдинг и забележав еден неверојатно забавен дел.
Цитирам: „Орка холдинг најавува дека „Телеграф МКД“ ќе го основа и првиот интерактивен портал – Телеграф МКД по примерот на светските модерни интернет портали, кој ќе биде единствениот портал во Македонија составен од НЕЗАВИСНА РЕДАКЦИЈА од 50 новинари која ќе биде активна 24 часа секој ден во неделата…
„Конечно по 20 години чекање Македонија дочека НЕЗАВИСНА РЕДАКЦИЈА СО 50 НЕЗАВИСНИ НОВИНАРИ. Тоа во превод би значело дека пиле нема им прелета, се ќе бележат и објавуваат, оти 24 часа ќе се активни. Автоматски, ние зависните новинари ЌЕ ИСПОЦРКАМЕ!,,
Инаку, за да не ви должам објаснување врз основа на што погоре го темелам тврдењето дека Камчеви се велемајстори за перење пари, барем накратко ќе ве подсетам на криминалната трансакција на македонската берза на 17. Јули 2007. кога во блок трансакција беа продадени 99,88% од Орка Холдинг за „цели„ 350.000 евра на швајцарското анонимно друштво „Еuro-Balkan grup” од Лугано. Ако имате трпение, во прилог ги имате факсимилите од тимско истражување, објавено во покојниот дневен весник ВРЕМЕ, во средината на август 2007.
Насловот беше САМ НА СЕБЕ ПРОДАВАМ, САМ ОД СЕБЕ КУПУВАМ.
Камчеви тогаш сами себе си продадоа и сами од себе купија. Свртеа и тогаш пар милиони евра. Им се можеше, беа и останаа миленици на Фамилијата…
- Kреирано на: 31.08.2012
- Прегледано: 260.475