logo
Search
Close this search box.

Столб на криминалот

Агенцијата за електронски комуникации е само егземплар како стојат работите во јавната администрација на Република Македонија. Слично или исто е во сите останати буџетски установи…

Пишува: Зоран Буревесник Божиновски

Клучен играч во АЕК во секторот за човечки ресурси е Маргарита Чупаркоска, снаа во семејството на Миле Че Јанакиески. Таа покрај грижата за вработување на кадри/паразити, се грижела и да ги покрие сопругата на Протугер и Владмир Неловски, претседател на Унија на млади сили на ДПМНЕ, да не одат на работа а плата да добиваат. Тој Неловски има причинето директна штета на буџетот од 48 плати по 54.000 денари плус 50% придонеси. Вкупно нешто околу 3.800.000 денари или повеќе од 63.000 евра. За да ги добие тие пари на подарок Чупаркоска се потпишала и во име на Република Македонија гарантирала дека не само што одел редовно на работа, туку си ги исполнувал и работните обврски. Што не е вистина.

Оправдување за новата влада што не чепка ништо од ова да истражи во АЕК е дека наводно имало препорака од ЕУ, во Агенцијата да не се гиба. Се разбира дека ова е лага, оти нема таков лудак во ЕУ да остави пишана трага, а усни препораки може и измислени да бидат. Дури и да има пишана препорака сепак никој не може да ја спречи актуелната извршна власт да направи ревизија на работењето на АЕК и да ги лоцира сите злоупотреби и прекршувања на законот. Пример кај јавните набавки на возила кои се набавени под некаков ,,оперативен лизинг,, после наместен тендер кој го добива ,,Аутомотив груп,, на Калиникови и Кадис. За фантастични 300.000 евра се купени 4 Нисан Навари и Сеат Ексео. Возилата за 3 години се исплатени во целост и вратени се на Кадис затоа што лизингот бил ,,оперативен,, т. е. крадењето било оперативно. Всушност од оваа зделка испаднал ,,добар,, Илија Кепевски, татко на Томи Кепевски, за баш истото Сеат Ексео во вредност од околу 22 до 25.000 евра. Само темна боја си земал да не е бело како колите на АЕК. Да не се примети! Иста таква ,,операција,, направил и екс директорот Роберт Ордановски за сопругата, ама неа и се паднало ,,Рено Меган,, како подарок од граѓаните на РМ.

Златна кокошка во АЕК е столбот на Водно! Планиран е да чини 18.700.000 евра, да биде висок 155 метри. За споредба, прочуениот столб на Авала во Белград (АВАЛСКИ ТОРАЊ) е повисок за една третина од висината на столбот на АЕК и е висок 204 метри. Тоа автоматски значи дека треба да чини една третина пари повеќе од нашиот на Водно. Што би чинело околу 25 милиони евра. Непријатно е што КЛУЧ НА РАКА столбот на Авала чини вкупно 8,5 милиони евра и е ексклузивна туристичка атракција. По таа математика, столбот на Водно треба да чини скромни 6,5 милиони евра. Ама оперативно е ,,надуван,, на 18,7 милиони евра, што е за 12,2 милиони евра повеќе од нормалното. Што за обвинителството не е доволна провокација да се отвори истрага. И да биде прогласен за СТОЛБ НА КРИМИНАЛОТ.

Мојот извор тврди дека мора толку да се краде за да се нахранат сите роднини, сопруги и пријатели во АЕК, оти имаат потреба од висок стандард и тоа некој мора да им го плати, во случајов граѓаните. Пример е екс директорот Роберт Орданоски. Не бил задоволен со тоалет во неговиот кабинет па побарал да му се направи луксузно купатило. Збеснал кога видел туш батерија каква користат обични смртници по социјални станови, ја скршил и побарал да се набави специјална туш батерија од пригодни 10.000 евра. Нешто подоцна сфатил дека набавките никој не му ги контролира, па ,,набавил,, десетици привезоци со бројче за капути за гардеробер пред салата за состаноци на 6-ти кат (како оние во театар), по цена од 100 евра за едно парче. Роберт Орданоски така набавувајќи сепак се преиграл па организирал меѓународна конференција на Охридско езеро, се договорил со хотелиер во четири очи за плаќање, ја оштетил АЕК за 50.000 евра, ама бил сменет па неговиот наследник Сашо Димитријоски одбил оваа штета да ја ,,пегла,,. Му помогнал така што постигнале договор, да ги врати парите на рати. После Орданоски продал еден од становите купен со украдени пари од АЕК, а Димитријоски станал соучесник во кривично дело како прикривач.

Сашо Димитриjоски одбил да го прикрие набавувачот Кепески. Покренал дисциплинска постапка против Илија Кепески за набавка на сервери и компјутерска опрема и донација на АЕК кон МАН, криминалното новинарско здружение на новинари на Латас Павловиќ и Талевска. Постапката ја запира Бојана Гошева Стефановска, низ дисциплинската постапка го амнестира Кепески. Така му е дадено на знаење на Димитријоски дека не смее да превзема вакви активности и дека може да биде директор за добра плата, ама не смее да се меша во функционирањето на АЕК. Ова е затоа што првично замислената Агенција за вршење на стручни дејности е трансформирана во Агенција за вработување на административни работници. Претходно Агенцијата била Управа за телекомуникации под контрола на Зоран Трајчевски, со 50 вработени, кога 30 души работат а 20 лежат и примаат плата ,,залепени,, за Трајчевски. Агенцијата ,,процутува,, во време на директорување на Петар Иваноски (сопственик на агенција за чистење и агенција за вработувања). Тој на 50 вработени довработува уште 50, исклучиво членови на ДПМНЕ, најголем број од Прилеп бирани по критериум ,,што понеспособен тоа попогоден за вработување во АЕК,,. Во моментов во АЕК има 30 вработени и 100 паразити за плата.

Има најава за нова систематизација и чистка, ама тоа е само најава. Оти, ако дојде до нова систематизација ќе мора да се проектираат работни места спрема профилот на потребите на компанијата. А тоа подразбира електро инженери по телекомуникации и комуникациски технологии. Таков кадар на АЕК не му треба, оти сега се вдомени енергетичари, стоматолози, машинци, градежници, учителки и други слични ,,профили,,. АЕК не смее да тргне напред оти ќе се види веднаш колку е терана кон назад и ќе мора некој да понесе одговорност. Ако дојде до нова систематизација и пополнување на АЕК со стручен кадар, сопругите, братучетките и старосватиците на битанги од ДПМНЕ осомничени и обвинети за тешки кривични дела од СЈО ќе мора дома да си одат или пак ако останат ќе имаат минимални плати какви се во просек во јавната администрација, ќе се збогуваат со просек на плата од околу 55.000 месечно. Ако изгубат работа веќе никогаш нема да добијат прилика каква што добила старосватицата на Зоран Трајчевски, стоматологот Виолета Поп Ацева да примени ,,вадење заб на живо без анестезија,, и после неколку јавните набавки да си купи стан во Охрид. Вакви како неа во време на директорување на Роберт Орданоски добиле и прилика АЕК да им плати школарина од по 1.500 евра по глава, на Електротехнички факултет да се ,,школуваат,, за “Магистри од областа на регулацијата”. Се разбира дека не се школувале а добиле дипломи како членови на ДПМНЕ, а факултетот за штанцање лажни дипломи наплатил 45.000 евра. 

Пред неколку години криминал бил направен и со набавка на девет службени возила, 5 возила Дачија Сандеро 1.5 дци и 4 возила Дачија Дастер 1.5 дци. Обично при јавна набавка, во процес на негативна аукција, понудувачите се натпреваруваат да го добијат тендерот и спуштат цена на возилата. На аукцијата во АЕК возилата Сандеро и Дастер се набавени и фактурирани за точно 20.250 евра повеќе од редовните цени на овие возила во салон. ”Супер автомобилите” Дачија за разлика од другите возила кои имат сервисен период од 10.000 км кај ,,финтаџијата,, Кепески имаат сервис на 20.000 км. Оди провизија на сервисирање. Таман за направената разлика која му ја платиле граѓаните на РМ, Илија Кепески поентирал за 20.250 евра Со кого ги делел е интимно прашање. Важно е дека ,,независна,, ревизорска куќа ангажирана од директорот Сашо Димитријоски не нашла ништо нерегуларно. Затоа, откако Димитријоски сфатил дека може мазно да се трансферираат пари без да се понесе кривична одговорност ,,мавнал,, 10.000 евра кон велосипедска федерација каде што е претседател. Немал крупни криминали, па се жртвувал за спортот кој си го сака.

Димитријоски највеќе заглавил кај прикривањето на криминалното раководење на Роберт Орданоски, кој пак служел како механизам за одржување на позицијата директор на Жарко Луковски во Телеком, каде директоруваше и по истечен мандат. Во 2013 година АЕК под Орданоски набавува софистицирана опрема за мониторинг на радио фреквенциите способни за контрола на радио сообраќајот на многу високи фреквенции од редот на неколку десетици гигахерци. Тоа е браново подрачје на кое работат линковските врски на телекомуникациските оператори. АЕК фреквенциите ги наплаќа согласно интерни правилници. Бидејќи се работи за многу линкови, се работи и за многу пари, но добар дел се наоѓаат во фреквенциско подраче каде до набавката на опремата АЕК немал можност да контролира. Тоа е надминато со набавката на новата опрема за контрола и мониторинг на радио фреквенции.

Веднаш биле регистрирани сите “диво” користени линкови без одобрение за користење на радиофреквенции, биле нотирани од службите во АЕК. Ама, наместо по Законот за електронски комуникации, операторот да биде казнет со 7% од бруто приход, како што му се случи на Космофон во 2005 година, после судска постапка и казна од 198 милиони денари, Роберт Орданоски носи одлука да “им прости и издаде одобренија за користење на радио фреквенции” на прекршителите Т-мобиле. Орданоски на местото директор на АЕК дојде од Т-мобиле. Си го спасил екс работодавачот, а притоа го спасува и Т-мобиле од повеќемилионска глоба, а Жарко Луковски добива наградно продолжување на мандатот. Штетата ја плаќаат граѓаните, како и секогаш. Оние 3 милиони евра казна на Космофон се првите милиони вградени на Водно. Да бил казнет и Т-мобиле столбот би бил изграден, не би биле украдени 12,2 милиони евра народни пари. Инаку, моментно за тој столб владата чека одговор од АЕК. Има барање во кое е даден рок од месец дена за одговор. Да го почекаме одговорот од АЕК до владата и да видиме каков ќе биде, па ќе објасниме заедно со мојот извор до детал што се случува. Тој е граден под изговор дека ќе биде столб за контрола и мониторинг на радио фреквенции и воедно предавателен пункт, што е апсолутно технички невозможно. Димитријоски ќе мора да ја извести владата дека досега столбот е граден врз основа на лага, па ќе бара пренамена, да биде за предавателна техника а не за мониторинг. Ова, бидејќи се потрошени силни милиони евра во режија на Роберт Орданоски, ќе биде логично да повлече и кривична одговорност. Тука ќе треба да се отвори и истрага за тргувањето со пари на АЕК на берза, купување државни обврзници од страна на Петар Иваноски, екс директор. Тој сега од сенка го држи за врат Сашо Димитријоски, заканувајќи му се дека ако тонат ќе тонат сите тројца…

Доказната документација за прекршувањата на Т-мобиле, да не биде казнет како Космофон е уништена, со надеж дека ќе се оневозможи истрага…

                                                     (продолжува)

Коментари

Новитети :

Следете не :

Зачленете се за Новости


Headline

Never Miss A Story

Get our Weekly recap with the latest news, articles and resources.

Cookie policy
We use our own and third party cookies to allow us to understand how the site is used and to support our marketing campaigns.