Пишува: Зоран Божиновски
Трае отворена војна на Кочо Анѓушев со ДУИ и Али Ахмети. Неколкуте соопштенија од ДУИ дека се води организирана кампања против нив се однесуваа на Анѓушев. На нивните прес конференции се надоврзуваат и пресови на ВМРО ДПМНЕ против ДУИ. Со сите сили и средства се турка и нивната кампања контра ДУИ.
Во СДСМ пак предводени од Димитар Ковачевски на овие прес конференции од опозицијата гледаат како на лажен патриотизам. А знаат дека Вмро Дпмне ова го прави од патриотизам завиткан во многу профит, многу пари и личен интерес. Во нивната партија Анѓушев кампањата против ДУИ ја тера преку Сашо Клековски, негов бизнис пулен во ИК на Вмро Дпмне.
Битката на Анѓушев против ДУИ е заради неговите се поголеми губитоци во бизнисот со струја. СДСМ и ДУИ уште додека директоруваше со ЕСМ Васко Ковачевски, ја донеле во овдешниот енергетски бизнис фирмата на албанскиот премиер Еди Рама ,,ЕТМТ Енерџи,,. Во Северна Македонија оваа фирма од Албанија веќе е одомаќинета, сите вишоци на струја ги откупува според политички договор на СДСМ и ДУИ. Фирмата е поврзана со Артур Мицкај кој е сопственик на 50 отсто од фирмата и истовремено е директор на форумот на млади на социјалистичката партија на премиерот Еди Рама.
Тој бизнис договор го почитува и доследно го спроведува премиерот Димитар Ковачевски, на ужас на Кочо Анѓушев, што е и прична за нивни директен судир, а и судир на Анѓушев и со Али Ахмети. Наводно сопственикот на ,,БРАКО,, и бивш вицепремиер поради присуството на фирмата од Албанија губел годишно помеѓу 20 и 30 милиони евра чист профит.
Покрај отворениот конфликт на Анѓушев со Ковачевски и Ахмети, од неодамна води војна и со повеќето новинари кои застанаа во фронт против него поради случајот со скандалозната пресуда против ,,ИРЛ,, во Граѓански суд Скопје. Па за да го амортизира ударот врз него на домашен терен, Анѓушев своите послушници ги префрлил на терен во странство, во Австрија. Здружен со Зоран Заев и Ванчо Чифлиганец, решил да работи со претседателите на Република Српска и Србија, Миле Додик и Александар Вучиќ, поточно да се врати на бизнис соработка со поранешните партнери од ,,ЕФТ,,, Вук Хамовиќ и Војин Лазаревиќ.
По излегувањето од владата на Северна Македонија и враќањето во бизнисот, Кочо Анѓушев е чест гостин на ,,Белата палата,, на ВМРО ДПМНЕ,, во друштво со Сашо Клековски. Кај Христијан Мицкоски ,,плачел,, дека Ковачевски и Ахмети го исфрлиле од бизнисот, па му ветил на лидерот на опозицијата дека ќе инвестира во неговата идна изборна победа, доколку:
1. После победа на избори ВМРО ДПМНЕ во главниот пакет во преговорите со ДУИ како иден коалиционен партнер побара Кочо Анѓушев да испорачува и откупува струја во нашата земја, а регулаторното тело за струја да премине под негова потполна контрола, тој да постави свој човек на чело на РКЕ;
2. ВМРО ДПМНЕ го предложи за кандидат за претседател на државата Сашо Клековски, па Анѓушев да го превземе финансирањето на партијата и за претседателски и за парламентарни избори;
Христијан Мицкоски се уплашил од овие предлози па го упатил Анѓушев за вакви крупни работи да преговара директно со Никола Груевски и со него да се договори. А тој доколку има договор, нема да прави проблем. Оценил дека ова за него е многу крупен залак, а Груевски си има комуникација со Али АХмети па нека се договорат.
По ова, Анѓушев заедно со Зоран Заев отпатувал во Виена, на тројна средба во шест очи, со Никола Груевски. Средбата минатиот месец била одржана во хотел ,,Palais Hansen Kempinski,,. На таа средба начелно се договориле за иднината на енергетскиот сектор во Северна Македонија, кој колку ЛИЧНО процентуално ќе добие од бизнисот. Анѓушев ионака наназад десетина години им исплаќал провизија од неговите бизнис и на Груевски и на Заев. На едниот кога бил премиер, на другиот како на премиер кој требало да го наследи на функција, како и што се случи…
Во Виена договориле Зоран Заев со неколкуте фамилијарни енергетски фирми да се придружи на енергетската група собрана околу Анѓушев, после победа на ВМРО ДПМНЕ по следните избори, а договориле и идна амнестија за него и неговите браќа и братучеди за криминалите што ги направиле. Заев заслужил амнестија од Мицкоски и Груевски, заради помошта на Груевски да избега во Будимпешта и заради толеранцијата на енергетските бзиниси на Мицкоски и редовната исплата на струјата произведена во неговите мали хидроцентрали.
Според договорот кој го постигнале, СДСМ полека може да се пакува за иселување од ,,Илинденска,, бб и да се подготвува за живот во опозиција. Преостанува Груевски со Ахмети да договори постизборна коалиција ВМРО ДПМНЕ / ДУИ, под услов Ахмети и ДУИ да ги прекинат врските со фирмата ,,ЕТМТ Енерџи,, на Еди Рама. Договорот подразбира Кочо Анѓушев да го превземе енергетскиот бизнис во државата и да определува кому колку проценти ќе дава!
Што значи ова за граѓаните на Нашата Земја кои треба ова да го платат и истрпат?
Кочо Анѓушев веќе две години бара покачување на цената на струјата за 50% и покачување на цената на откуп и набавка за 120% повисока од сегашната, што на Димитар Ковачевски не му одговара заради рејтингот на СДСМ, посебно што вакво драстично зголемување на цената на струјата би довело до инфлација од над 15% во земјата. Ова не го дозволуваат ниту министрите од ДУИ, влијае и на нивниот рејтинг.
Ова сценарио веќе било пробано во владата, преку Васко Ковачевски, додека беше директор на ,,ЕСМ,,. Бил наговорен од Зоран Заев и Кочо Анѓушев да проба да го протурка предлогот, да влезе во конфликт со Димитар Ковачевски и Али Ахмети. Таа проба чинела конфликт меѓу Анѓушев, Вице и Зоран Заеви од една страна и Димитар Ковачевски, Ахмети и министрите на ДУИ од друга страна. Компромис е пронајден во смената на Васко Ковачевски од функција генерален директор на АД ,,ЕСМ,,, при што од ДУИ до премиерот биле доставени и докази за девизните провизии кои во милионски суми му се исплаќани на Васко Ковачевски од ,,работа,, со албански фирми (увоз на мазут и јаглен!). Милионите евра ги делел со Вице Заев!
Неодамна Кочо Анѓушев увидел дека е се подалеку од бзинисот со струја и дека мора да се врати и да се замеша во највисоката политика. Па по средбата со Груевски и Заев во Виена, организираше мега прослава на 20 години постоење на ,,БРАКО,,, каде поканил 800 гости по совет на Никола Груевски. Гостите биле од таборот на СДСМ околу Зоран Заев и скоро комплетно ВМРО ДПМНЕ предводени од Христијан Мицкоски. На прославата била промовирана идната ,,бизнис патриотска коалиција,, Заев/Груевски/Мицкоски.
Од прославата на ,,БРАКО,, е упатена јавна порака до Димитар Ковачевски, полека со СДСМ да се пакуваат за во опозиција. Поточно, тој да се подготви за враќање во Македонски Телеком или во професура, а ,,бизнис патриотите,, се концентирираат на силна офанзива која треба следните денови да спречи предизборна коалиција Ковачевски/Ахмети т.е. СДСМ/ДУИ. Главен иницијатор за предизборен коалиционен договор СДСМ/ДУИ е Еди Рама и други, поголеми ЕУ играчи, далеку поголеми од криминалците Груевски, Заев и Анѓушев.
За нивна несреќа, во нивни редови има лица кои не им се лојални, па нивните тајни средби и не се тајни. Овековечени се и документирани. Навремено јавноста ќе им ги види суратите од тие јавно тајни средби. Најслаба алка во тој нивни синџир е Христијан Мицкоски, бидејќи нему му е наменета улога на марионета. Планирал да биде премиер по следните избори, а неговата политичка судбина зависи од еден бивш премиер кој е во бегство и бивш премиер кој со црни букви е запишан во историјата на Македонија поради промена на името, ама и поради наркотрговија…
Во уште полоша положба од Мицкоски се СДСМ и Ковачевски. Поделени се меѓу Заев и тие што не сакаат повеќе ни со очи да го видат ниту Заев, ниту Анѓушев, ниту Вице, ниту Чифлиганец. СДСМ или потполно ќе се распадне како систем или на Зоран Заев што поскоро трајно ќе му ја затворат влезната врата на партијата заради средбите и договорите со Никола Груевски во Виена, договори на штета на СДСМ…
Друг избор речиси и немаат!