logo

Владина продукција ,,ИВАНА,,

Година и два месеца по парламентарните избори 2016, седум и пол месеци по изборот на актуелната влада, Никола Груевски сеуште ја контролира администрацијата на владата. Мојот извор тврди дека тоа се случува во договор помеѓу Заев и Груевски…

Пишува: Зоран Буревесник Божиновски

Повод (провокација) да се јави изворот (свиркач!), вработен во континуитет во владината администрација е мојата скорешна објава за ,,НИКОЛИНА ИВАНА,,, на која НИКОЈ не реагираше. Ивана е девојка која од сенка управувала со кабинетот на Груевски додека тој беше премиер. Ова денес е сведоштво за ,,СИТЕ НАШИ ИВАНИ,, инсталирани, активни и функционални во актуелната владина администрација, останати да управуваат со системот и после заминувањето на Груевски и од владата и од кормилото на матичната партија. Ова што подолу ќе го прочитате е крајно непријатно сознание за начините на продукција на нашата реалност и за начините како една организирана дружина управува со нас, трошејќи патем буџетски пари. И трансферирајќи буџетски пари по тајни банкарски сметки. Мојот извор решил да контактира со мене, со намера да го сподели со јавноста сознанија за она што со се случува(ло) во владата. Сака да се соочиме со вистината. Иако мојот соговорник на почеток ми тврди дека не поседува детали за она за што ми се обраќа, како се развива нашата комуникација, нуди се повеќе и повеќе детали.  Нормално е дека неговиот идентитет нема да го откријам, оти потоа бел ден и бело видело нема да види. Едно е транспарентноста на Зоран Заев и неговата желба транспарентно да работи и јавно да споделува со што се соочил, друго нешто е неговата немоќ да се справи со системот на Груевски кој сеуште му го управува системот на чие чело е. Не го амнестирам Заев, само тврдам дека не е свесен дека не е премиер кој 100% има контрола над владата! Тој проблем самиот нека си го решава со тие кои си ги одбрал за соработници, а добар дел од нив се на линија со Груевски и Мијалков, 24/7.

Мојот извор, во понатамошниот текст наречен од мене ИНСАЈДЕР, во еден период се нашол во ситуација да биде во непосредна близина на Груевски и со него да соработува. Тоа го работел на стручна основа. Си ја гледал својата работа и не се интересирал за настаните околу него. Но, му се враќаат сликите од порано, откако го прочитал текстот за ,,НИКОЛИНА ИВАНА,,, му се враќа во меморија сликата од тие настани, па ми вели: ,,…Ивана Николиќ беше вработена во кабинетот на Груевски (понатаму во текстот Кабинет), сознанијата што ги објавувате ви се точни. Таа беше вработена во Влада, односно во Кабинетот есента 2014 и веднаш се здоби со привилегиран статус во институцијата. Доби своја канцеларија, не ја делеше со никој. Другите вработени мораа да работат по неколкумина во канцеларија, а таа ем имаше своја канцеларија ем имаше привилегија да доаѓа на работа кога ќе посака. Сите ние другите вработени доаѓавме во 8:30 часот. Таа доаѓаше на работа на пладне или тогаш кога и одговараше, некогаш не ни доаѓаше. Доби стипендија од претседателот Ѓорѓе Иванов да студира на Шефилд универзитетот во Солун додека работеше во Влада. Не студираше, бидејќи не одеше да полага испити, физички беше присутна во Кабинетот. Ако прикажува диплома од тој универзитет во Солум, сосема сигурно е фалсификат.,, ИНСАЈДЕРОТ ми тврди дека Ивана Н. од Груевски добила награда именување во неколку управни и надзорни одбори и редовно да го придружува на службени патувања. Имала од Груевски силна потпора да прави што ќе намисли. Никој не ни прашал после именувањето на новата влада и премиерот Заев, што се случувало претходно и како Кабинетот функционирал. ИНСАЈДЕР ми тврди дека има повеќе ,,ИВАНИ,, во владата, од време на Груевски, наследени и негибнати од Зоран Заев. Ми тврди дека уште многу ,,ИВАНИ,, крие владината администрација, дека нивното незаоконско функционирање не е запрено и дека практиките на Груевски ден денес се практикувани без отпор и желба за некакви промени или барем прекин со стариот начин на работење. Тоа е оној начин кој скоро ја уништи Македонија.

Сензационално откритие за мене ама и за јавноста е дека последните години во владата имало телевизиска продукција, со ангажирани режисери, монтажери, сниматели, итн. Сите податоци поврзани со оваа ФАНТОМ продукција се во архивата на владата. Зоран Заев и министерот за ОТЧЕТ, Роберт Поповски, треба да излезат пред јавноста и транспарентно да објават за што служела продукцијата. Мојот извор ми тврди дека функционирале две канцеларии со по најмалку 6 вработени во Кабинетот, од кои дел биле сниматели и монтажери задолжени за техничка реализација, а дел режисери задолжени за идејните решенија и комуникација со МРТВ. Во тие канцеларии биле работени кампањите на владата (оние кампањи за кои екстра биле наплатувани милиони евра по тендери, а во продукцијата на Груевски биле работени од веќе платени професионалци. Во тие кампањи наместо актери често учествувале вработени во Кабинетот, како статисти. Проверливо е. Тука биле работени спотови и реклами, дури и такви кои не биле во надлежност на владата, какви што се реклами за град Скопје, за катни гаражи и спортски сали. Низ таа продукција поминувале, поточно биле рецензирани и често цензурирани, нарачувани и монтирани, скоро сите документарци во Македонија во време додека Груевски бил премиер. Тука била креирана онаа лажна стварност. Подоцна биле дистрибирани по сите телевизиски станици да бидат емитувани за потребите на перењето мозок на граѓаните кои наседнуваат и веруваат на такви содржини. ИНСАЈДЕР тврди дека актуелниот премиер ова го знае до детали, дека е запознат до најситни поединости. И бидејќи не реагира и ништо не менува, претпоставува дека е работа на договор помеѓу Груевски и Заев ова да не се обелоденува, а сите вработени и сите ангажирани во продукциската ,,дејност,, на Груевски да бидат задржани на своите работни места или да бидат распоредени на соодветни работни места во друг ранг, во други сектори. Да не бидат деградирани!

Според ИНСАЈДЕР, лицето кое имало главна улога во оваа активност (ПРОДУЦЕНТОТ!), задолжено да ја тера целата пропаганда на Груевски, уште е вработено во владата, до пред еден месец бил во Кабинетот на Заев а од тогаш е преместено во Генералниот Секретаријат. Од Кабинетот на Груевски составен од 48 вработени, 39 останале на работа како наследство од него, а Заев вработил само 9 нови лица, како негови лични соработници. Неколкумина ,,груевисти,, се прераспоредени последниот месец во разни сектори на владата, ама останати се на највисоки позиции – државни советници и се толерирани ништо да не работат на работните места. Не е јасно зошто ги задржал Заев, особено заради тоа што десет месеци наназад беше легитимна цел за ликвидација токму од политиката која ја пропагираат овие негови денес блиски соработници. ИНСАЈДЕР тврди дека се воделе преговори помеѓу Заев и Груевски и е договорено да останат во владата. Кои се причините Заев да се согласи на ваков компромис, не е познато. Зошто Заев со нивното задржување на нивните позиции ја крие и вистината за активностите и незаконските работи на Груевски не е познато, како што е мистерија и зошто од јавноста ја крие работата на ПРОДУКЦИЈАТА ЗА ПРОДУЦИРАЊЕ РОЗОВА РЕАЛНОСТ!? ИНСАЈДЕР ми тврди дека сите овие вработени во Кабинетот на Груевски биле обучувани за прикриено следење и испрашување на свои колеги и осознавање кој од евентуално сомнителните е нелојален. Си играле УБК во владата користејќи овластувања од Никола Груевски. Работниот ден го минувале и распрашувајќи се за одредени граѓани (Чпиони!) преку телефон и на интернет, шпионирајќи ги преку социјалните мрежи и јавувајќи се кај нивни познати, соработници или роднини со цел да соберат информации за нив. Ова го работеле кога немале таргетирани ,,објекти,, во администрацијата. Тогаш граѓаните не биле третираи. ИНСАЈДЕР ми тврди дека и во една од двете канцеларии на владината продукција била креирала комплетната уредувачката политика на МРТВ и од тука раководеле со информативната програма на јавниот сервис. Двајца вработени во Кабинетот по неколку пати дневно давале насоки и инструкции во МРТВ и ја воделе и нејзината кадровска политика. Груевски сето тоа грижливо го проверувал и на крај го аминувал.

Вториот дел од мојата комуникација со ИНСАЈДЕР содржи конкретни примери. Прво ја посочува поранешната државна секретарка во МВР, Сања Димитриевска, излезена од кабинетот на Груевски. Таа прво била секретарка во владата, ноќна смена, оти владата нели работеше 24/7 кога тој беше премиер. Од таа позиција Димитриевска напредува до државен секретар. Мојот извор тврди дека Димитриевска далеку ја надминува Ивана Николиќ по бројот направени и смислени скандали. Ја посочува и Ана Блажеска, поранешен државен секретар во СЕП, произлезена од неговиот кабинет, расната од ноќна секретарка до државна како и Димитриевска. Ја набројува и Сања Минкова, па ми вели: ,,Не можете ни да си претпоставите колку ИВАНИ имаше и сеуште има таму во владата!?,,. Сања Димитриевска (види насловна фотографија) е дипломиран машински инженер, по потекло од селата од околина на Драчево. Во декември 2013 е избрана за соработник на владата за стручни прашања, претходно имала ангажман во владата со договор за дело за мизерен хонорар. Како стручен соработник била именувана во одбор на директори на Тутунски Комбинат Прилеп, заедно со Сања Минкова. Неколку месеци подоцна, после влезот во ТКП, Сања Димитриевска станува државен советник во Кабинетот на Никола Груевски, а есента 2016 напредувала до државен секретар во МВР. Оваа функција ја заслужила откако се докажала во Кабинетот на Груевски како одличен иследник, распрашувач и прогонувач кој лесно пронаоѓа непријатели на режимот. Нема лице кое не било детално ,,отворено,, доколку Димитриевска се посомневала во него. Таквите ,,неблагодарници,, и соработници со опозицијата веднаш биле детално проверувани, заедно со нивните потесни и пошироки состави на семејствата. Као државен секретар во МВР, Димитриевска се докажала и како уредник на неколку веб портали, па и како автор на познати текстови секогаш кога требало да се наштети на поранешната опозиција, денешна позиција – за која работи. Малку е перверзно и шашаво, ама функционира. Пред промената на старата со новата власт (која е стара а која е нова!?), Сања Димитриевска поднеал оставка и била распоредена во Агенцијата за електронски комуникациии, како советник на директорот за човечки ресурси.

Ана Блажеска е дипломиран филолог, преведувачка од кинески јазик, препорачана кај Груевски од страна на нејзиниот ментор Живко Јанкуловски. Трансферира во Кабинетот во август 2013 година. Игра битна, на моменти клучна улога во договорите и преговорите со ,,ЖУТИТЕ,, кога Груевски и Јанакиески договараат провизии за изградба на автопатот Кичево – Охрид и автопатот Миладиновци – Штип, оние најскапи на светот по цена на чинење по километар. Сама се претставувала, не и била потребна дозвола од никого, како советник на Груевски за соработка со Кина. Откако му ги одработила на Груевски провизиите со ,,ЖУТИТЕ,,, добила унапредување во државен советник за меѓународни односи, всушност советник за провизии на Груевски при преговори со странци за ,,рентирање,, на ресурси на РМ. Добила и награда од Груевски за посебни заслуги, тримесечен престој во Брисел, како трет секретар во амбасадата на РМ во мисијата при ЕУ во Брисел. Откако се вратила од Брисел била назначена за државен секретар во СЕП, тука останала до промена на власта (од стара во нова иако не се знае која е која, која нова која стара!?). Денес е државен советник во Кабинетот на Зоран Заев за стручно административни работи. Се што не му е јасно на премиерот Заев, таа е тука да му разјасни ако има потреба. Позната е по провокативно однесување и облекување, на граница на добриот вкус, крајно предизвикувачко и на периоди вулгарно. Сања Димитриевска, Ана Блажеска и Сања Минкова се и делегатки на Конгресот на ВМРО ДПМНЕ, денес лојални на новиот лидер Христијан Мицковски. Тие се и контролорки дали Заев се придржува кон договорот со Никола Груевски, континуитетот да не се наруши. Сите три се задолжени да го вклучат оној таканаречен Early warning system (Систем за рано предупредување), да се реагира во случај новава (стара!?) влада ако ,,забега,,.

ИНСАЈДЕР дополнително ми го открива и името на главниот режисер во ПРОДУКЦИЈАТА на Груевски: Борис Аговски. До пред еден месец, Аговски бил вработен во Кабинетот на Заев. Сега го преместиле во Генералниот Секретаријат заедно со уште еден лојалист на Груевски, Ана Виткова. Во таа продукција имале и непослушник, монтажер по име Петар, постојано незадоволен од платата, секојдневно ангажиран да снима секакви глупости, ама поради тоа бил присутен на многу збиднувања и знаел каде одат парите за функционирање на оваа продукција. Па знаел колку малку е платен а колку многу за ич работа биле платени сите ,,ИВАНИ,, на Груевски. Протестирал постојано оти работел за само 18.000 денари месечно, примени на ,,црно,,. Едноставно, го излудувала неговата мала мизерна ,,плата,, во однос на ноќните секретарки трансформирани во државни, со астрономски примања, згора вооружени со функции, службени патувања и привилегии. ИНСАЈДЕР ми тврди дека постои одлука на Влада во која Борис Аговски се задолжува да снима спотови и кампањи, постојат и материјални докази дека вработен во влада се задолжува да се занимава со спотови, а за истиот има решение дека е државен советник за надворешна политика. Што е доказ дека постоела таа ЧУДОВИШНА ПРОДУКЦИЈА, а треба новата влада да се изјасни дали е згасната или продолжила продукцијата да функционира.

Ако има доблест да посака да се изјасни…

НАПОМЕНА: доказите и пикантните детали кои треба да го следат овој текст, ќе ги објавам следниот пат, откако владата ќе се изјасни јавно дека сето ова погоре опишано НЕ Е ТОЧНО и дека е измислено…

Коментари

Новитети :

Следете не :

Зачленете се за Новости


Headline

Never Miss A Story

Get our Weekly recap with the latest news, articles and resources.

Cookie policy
We use our own and third party cookies to allow us to understand how the site is used and to support our marketing campaigns.