logo
Search
Close this search box.

Фамилијарен упад во АКРМ

Владејачката Фамилија во Македонија, Груевски & Мијалков, по подолго размислување и подготовки, конечно сфатија дека најголемите проблеми во процесот на воспоставување контрола врз правосудството го имаат со адвокатите и нивната Комора. Многу монтирани процеси, против политичките и бизнис неистомисленици кои им се најдоа на пат, по притворањето и отпочнувањето на процесите против нив, наидоа на подсмев во јавноста и медиумите, заради адвокати/бранители на осомничените, кои си го знаат знаењето…

Затоа Груевски & Мијалков подготвија и спроведоа процес кој заврши на 16. Февруари во Кичево со вонредно собрание на Адвокатската комора на РМ и насилно преземање на раководењето со Комората. На тоа „собрание„, после повеќемесечното противење и одбивање на претседателот Ненад Јаниќевиќ да биде кооперативен и да им ја сервира АКРМ, Фамилијата го инсталираше за нов претседател Никола Додевски, правен советник на премиерот Никола Груевски.

На некооперативниот Јаниќевиќ претходно медиумски му налепија обвинувања дека Комората ја трансформирал во туристичка агенција која служи за прошетки на раководството на Комората низ светот, а му налепија и дека се возел со луксузен автомобил иако е лесно проверливо дека колата има дипломатски таблички и е дадена на користење…

Фактите всушност говорат нешто друго. Ненад Јаниќевиќ ја раководеше АКРМ во последната деценија, низ неколку мандати. Секогаш бил биран и промовиран со акламација. АКРМ ја афирмирал низ целиот свет, баш на европско и светско ниво. Фактите говорат дека заедно со неговите колеги од претседателството на АКРМ, на Јаниќевиќ му пошло од рака АКРМ да ја впише во европскиот и светскиот регистар на сродни комори. Факти кои особено се болни за владејачката Фамилија ама и непростливи од нив кон Јаниќевиќ се и бројните посети на високи странски гости на АКРМ под негово покровителство. Како по некое непишано правило, гостите доаѓале, ја посетувале адвокатската комора, ама со оваа извршна власт не сакале да се сретнуваат. Имале информации за „природата„ и фамилијарните односи во Владата, како и за тендер партнерот предводен од Али Ахмети.

Особено болно одекнала кај Фамилијата веста за назначување на Ненад Јаниќевиќ за делегат во светската адвокатска комора, задолжен за претставување на коморите на Македонија, Албанија, Бугарија и Грција. Оваа вест била дополнета со уште една друга, ништо помалку болна – дека е акредитиран за почесен конзул на Република Перу во Македонија, со доделување службено дипломатско возило за него. Сепак чашата со факти и болни вести по Фамилијата е прелиена на денот кога Ненад Јаниќевиќ од Русија е одликуван со највисок орден за заслуги, добиен на прием кај претседателот. И тоа не е се. Владејачката Фамилија не го крие ни бесот од одликувањата добиени од Србија, од англиското кралско семејство за заслуги во афирмација на АКРМ во Англија, од Бугарија за постигнато високо ниво на соработка помеѓу двете комори. Дефинитивно Фамилијата на власт во Македонија му пресудила на Ненад Јаниќевиќ по одликувањето од Барак Обама, за светска афирмација на АКРМ.

Сето ова Јаниќевиќ го заслужил во соработка со неговите колеги од раководството на АКРМ, ама и со деноноќна работа ем лично да напредува и да се афирмира, ем АКРМ да си го најде своето место во семејството на сродни комори надвор од Македонија. Груевски & Мијалков не можат да го смислат Ненад Јаниќевиќ поради неговото лично ама и поради држењето на АКРМ подалеку од нивна контрола. Затоа што нив АКРМ не им треба афирмирана низ Европа и светот, туку послушна дома во Македонија, контролабилна и вклучена во криминалните процеси што ги спроведуваат тие лично, во колаборација со ДУИ. Затоа се случи „вонредно„ собрание на 16. Февруари во Кичево, во време кога не му е време и во момент кога нема потреба од него. Арно ама, примената на оние фамозни маркички од Нова година и небулозната уцена кон адвокатите да уплаќаат авансно големи суми и да подигаат непотребно големи количини маркички одеднаш, како и манипулацијата на власта со маркичките и нивната поделба, ја кренаа адвокатската фела на нозе. Со вонредното собрание во Кичево и со буквално физичкото тргање на Јаниќевиќ и на неговите колеги од раководството на АКРМ, Фамилијата на власт преку правниот советник на Никола Груевски, насилно воспоставува контрола на ситуацијата во комората која секако ќе ескалира, порано или подоцна…

Да биде појасно ова ќе го објаснам. Владата и УЈП смислиле пред крај на 2012. година да донесат и донесоа Закон за адвокатска маркичка, БЕЗ НИКАКВА КОНСУЛТАЦИЈА СО АКРМ. Комората и адвокатите преку неа воопшто не се ни прашани. Законот стапи на сила на 1. Јануари о. г. Адвокатите се освестуваат веќе првиот работен ден во оваа година кога по судовите низ Македонија дознаваат како „функционира„ новиот Закон. И како е тешко да се дојде до маркички, како и кои привилегии се потребни да се дојде до адвокатски маркички. Дознаа дека најголемиот број маркички веќе ги имаат купено адвокати блиски до Фамилијата на власт.

Законот е објавен во адвокатскиот гласник на АКРМ и на интернет страната пред неговото стапување на сила, ама адвокатите занесени по празнување, а некои и по настаните од 24. 12. 2012. во Собранието на РМ, не го ни прочитале т. е. не му обрнале внимание воопшто. Дури низ адвокатските кулоари било проширено дека ова со маркичката ќе биде само уште еден од оние Закони кои се донесени чисто онака и дека нема да заживее баш од веднаш со стапувањето на сила. Но, Законот си заживеа уште веднаш, адвокатите се кренаа да протестираат, па за да бидат неутрализирани биле намамени на вонредното собрание во Кичево. Се надевале дека таму за Законот за маркички ќе се расправа. Законот го доживувале како закон против законот, ама кога стигнале на вонредното собрание на лице место сфатиле дека е свикано за да биде тргнат Јаниќевиќ и целото раководство и да бидат инсталирани правниот советник на Груевски, Никола Додевски и редица послушници со него.

На самото собрание во Кичево, оние што успеале да влезат, биле непријатно изненадени од неотповикливата оставка на раководството и експресниот избор на Никола Додевски. Поединци се обиделе да го кренат гласот, ама или биле „потфатени„ под рака и замолчени или од далеку им бил даден сигнал да си молчат, од страна на присутните Фамилијарни контролори на процесот. Надвор биле присутни претставници на медиуми кои поим немале што се случува внатре, па земале изјави од гости (адвокати кои не биле делегати и не биле пуштени во салата!) кои не ни успеале да влезат внатре па ни тие не знаеле што се случува. Македонската јавност ден денес не знае што се случувало на вонредното собрание на АКРМ во Кичево, оддржано на 16. Февруари. Никој не се ни обидува да дознае. Присутните новинари дознале дека е формирано привремено раководство на АКРМ. Зошто е тоа така, кои се вистинските причини за заминувањето на сега веќе бившото раководство, кои се луѓето кои ја преземале АКРМ!? Никој не знае! Сепак, за да мислат адвокатите дека Додевски е ептен способен и умешен, по неговиот избор судот донел времена мерка за ставање вон примена Законот за адвокатска маркичка. Истиот суд кој не сакаше ниту да го погледне барањето за времена мерка поднесено од старото раководство, на волшебен начин му излегува во пресрет на Никола Додевски и му впишува голем поен на неговото послушничко конто кон Фамилијата на власт. Демек успеал привремено да го стави вон сила Законот за адвокатска маркичка.

Инаку, според Статутот на АКРМ, делегатите на собрание прво предлагаат имиња на кандидати за кои се гласа, па со 2/3 мнозинство од вкупниот број делегати се избира раководство на АКРМ, а претседател станува оној кој добила најмногу број на гласови од избраното раководство. Тие меѓусебно се договараат кој која раководна позиција во АКРМ ќе ја извршува во иднина. Пракса е новоизбраниот претседател на седница на УО а не на Собрание како што лаже Додевски, да предложи заменици и претседатели на комисиите, а управниот одбор со гласање го верифицира тоа. Членовите на управниот одбор имаат мандат од две години, а претседателот има мандат од 4 години, со право да биде на таа функција во два последователни мандати доколку биде избран.

Делегатите на собрание имаат можност само да гласаат за раководството на управниот одбор на АКРМ. Токму затоа и настанала конфузија и збрзување на вонредното собрание во Кичево. Јаниќевиќ и членовите на управниот одбор поднеле неотповиклива оставка поради ненормалните притисоци од Фамилијата Мијалков&Груевски во последните неколку месеци, а додека се освестиле присутните веќе бил даден предлог за ново привремено раководство на АКРМ. Никола Додевски е поставен подоцна кога однел радосна вест кај менторите во Скопје. Арно ама, не се досетиле дека криминалното вонредно собрание на АКРМ треба да се официјализира со службено примопредавање на печатот и факсимилите кои се кај старото раководство. Не се сетиле ни дека во регуларна постапка за примопредавање ќе дојде до записник од кој ќе се чита дека на криминален начин ја преземале АКРМ, а тој записник се темели на записник од вонредното собрание од Кичево, кој старото раководство нема при здрава памет да го прифати и признае. Затоа Никола Додевски и Сашо Мијалков и Никола Груевски смислиле денес предпладне, без никаква најава и без никаква објава, во Хотел Континентал Скопје, да оддржат ново вонредно фантомско собрание на АКРМ. На кое ќе го „решат„ проблемот со печатите и факсимилите без да се среќаваат со Ненад Јаниќевиќ…

А додека тоа да се случи, ние ќе се ѕанимавем со читање на интернет презентацијата на АКРМ, каде Никола Додевски веќе на насловната страница настапува со линк кон неговото велеумно интервју, дадено за порталот Академик:

Линк: www.akademik.mk

Арно ама, на истата интернет страница на АКРМ, ако го отворите линкот кој води до составот на раководството на АКРМ, ќе забележите дека Ненад Јаниќевиќ сеуште е претседател на управниот одбор на АКРМ. Ова ме подсетува на еден стар виц од кумановското подрачје, кога боемот Батко Ѓорѓија ја гледал свадбената веселба во дворот на соседот. Се мажела младата комшивка на која од порано Батко и бил прв љубовник, од што настрадала нејзината чедност и невиност. Ама обичај во старо време бил, по првото брачно искуство со младоженецот, тој лично на чардак да излета со крвав чаршаф и со тоа да докаже дека невестата била невина а тој чин познатите свирачи од кумановското село Димонце да го одбележат со гласно свирење весела песна пригодна за тој момент. Арно ама, поради збиднувањата од младоста на невестата и нејзиното прво искуство со Батко, младоженецот морал малку да се расече, да си пушти крв и да го „лажира„ чаршафот. Запаметена е легендарната изјава на Батко Ѓорѓија кога заедно со присутните го видел крвавиот чаршаф во рацете на радосниот младоженец: „НА ОВОГА ДОЛЕ ЛИ ДА МУ ВЕРУЈУ ИЛИ НА ДИМОЊСКИ СВИРАЧИ!?„

Та така и ние. Кому да веруваме? На интернет презентацијата на АКРМ или на Никола Додевски кој дава интервју за порталот Академик, како нов претседател на комората, полно со ветувања. Или да веруваме на делот од веб страната каде и сега си стојат имињата на членовите на старото раководство!

  • Креирано на: 21.02.2013
  • Прегледано: 148.045

Коментари

Новитети :

Следете не :

Зачленете се за Новости


Headline

Never Miss A Story

Get our Weekly recap with the latest news, articles and resources.

Cookie policy
We use our own and third party cookies to allow us to understand how the site is used and to support our marketing campaigns.