logo
Search
Close this search box.

Затворот „Шутка„ легло на организиран криминал

Долгови кон добавувачи, привилегии за подобни притвореници, санкции за неподобни, мобинг кон непослушни и некооперативни вработени, експресно бркање од работа на вработени без почитување процедура, многу криминал во набавките. Тоа е денешната слика од КПУ „Скопје„, популарно наречен „Шутка„…

Неодамна за состојбите во КПУ затвор „Скопје„ или нагалено викан ШУТКА, многу јасно и прецизно, јавно се изјасни ЕУ амбасадорот во Македонија, Аиво Орав. Цитирам: „Лошото менаџирање, лошите материјални услови, ограничената здравствена заштита, недостигот од образовни и рехабилитациски активности, посебно на малолетниците, независен механизам за инспекција се со цел да се третираат тие прекршоци и да се казнат виновниците, остануваат прашања кои треба да се адресираат. Исто така, пренаселеноста во затворите останува во просек до 25 отсто. . .

Ова е дипломатската изјава на Орав. Преведена на македонски јазик, преку мои контакти со дел од вработените во „Шутка„ тоа изгледа вака:

Уште од директорувањето на претходната директорка со „Шутка„ Биљана Зефиќ, организираниот криминал цутеше во затворското одделение, а особено во притворското. За нејзините дострели на полето на организиран криминал пишував во дневниот весник „Време„, во ноември 2006. по мојот четиридневен престој внатре.

– Сегашната директорка Сузана Гавриловиќ, само го подигна нивото на криминал во „Шутка„, нормално со силна поддршка од менторот Сашо Мијалков. Од едноставна причина што притворот во „Шутка„ е инструмент за жестоко казнување на сите кои му се спротивставиле на директорот на УБК, што е случај на пример со Љубе Бшкоски и Велија Рамковски и други неподобни и непослушни. Како што во исто време „Шутка„ е инструмент за заштита на лица од типот на Александар Василевски Нинџа, благонадежен сведок-соработник против Љубе Бошкоски во случајот „Тушевски„. Нинџа има привилегиран статус во притворот, на располагање има мобилен телефон во секое време. Неговата ќелија никој не смее да ја претресува. И никој не смее да го вознемирува за да ја научи напамет „песничката„ што треба да ја испее против Бошкоски на суд. Проблем е што е елементарно неписмен. Нинџа не знае да чита!

Сузана Гавриловиќ, заедно со заповедникот на „Шутка„, Сашо Лазаревски, внатре си имаат организирано криминална шема на која еве до денес никој не може да и го стави крајот. Оти крај не се става со давање интервјуа на директорката ан Управата за извршување санкции, Лидија Гавриловска, во кои ги опоменува своите колеги да внимаваат да не се најдат од другата страна на решетките. Да не се впуштаат во криминал демек и како вработени да го чуваат дигнитетот на чесната професија – затворски чувар.

Арно ама, Лидија Гавриловска или не знае или знае и се прави дека не знае, а знае затоа што ќе се присети дека имавме средба во „Шутка„ во ноември 2006. Кога во четири очи и кажав се што се случува внатре. Денес само тие состојби се мултиплицирани и ескалирани до невидени граници. Денес „Шутка„ е легло на организиран криминал и тоа Лидија Гавриловска може да го види со само една вонредна посета на „Шутка„.
Но, бидејќи тоа не смее да го направи поради страв од смена веќе по завршување на посетата, еве пишувам денес колку да знае дека знаеме дека знае. А знае дека Затворот „Шутка„ (КПУ Скопје) тоне во долгови по сите можни основи. Огромен е долгот за неплатена потрошена струја, вода и греење, мобилниот оператор преку кој користат службени мобилни телефони постојано праќа опомени да се плати долгот кон нив. Директорката Сузана Гавриловиќ не го плаќа ниту лебот кон фурните од кои е набавуван. Зема на „рабуш„. Имаат за земање! Кога сме кај лебот да нагласам дека е редуциран на една четвртина на доручек и вечера, половина леб на ручек.

Никој не знае а и никој не смее да ја праша Гавриловиќ колку должи затворот за потрошен материјал, ама веке е познато дека поради големиот долг добавувачите не даваат веќе. Највеќе се должи за набавка на храната: од месо, риба, конзерви, преку макарони до компири. Насекаде каде набавила било што од продуктите за храна во затворот, Гавриловиќ никаде не платила. Затоа смислила секој ден да ги храни затворениците и притворениците со тенка супа за ручек, со нешто што наликува на чорба со десетина грама месо наспроти пропишаните 150 грама по човек од секој оброк (колку што пишува во Законот!). Ама кој смее да праша за Закон и правила и норми некаде каде Гавриловиќ ги пропишува со поддршка на менторот Мијалков!?

Се крши Законот и во делот на пропишаното време за шетање на притворениците. Скратено е на само половина час заради премногу притвореници. Дополнителен хаос во функционирањето на притворот внесува оптоварување на вработените со ноторни глупости во работењето смислени од заповедникот Сашо Лазаревски, а по налог на директорката Гавриловиќ. Вработените се поделени на подобни и неподобни. Неподобните се изложени на малку пожесток мобинг. Бројот на вработени инаку е ист од времето кога во притвор имало двојно помалку притвореници. Практично ангажманот на вработените е дуплиран, а „специјалитет„ на заповедникот и директорката е смислување начини како редовно и секој месец месечно да им скратат по 100-200 денари на вработените. Во моментов, вработените се на „ниво„ од 2000 денари помала плата во однос на минатата година во ова исто време.

Рестрикција е и во делот на потрошувачка бензин за возилата со кои притворениците се превезуваат на судење. Поради долг кон претходниот добавувач кој прекинал дотур на гориво, во игра е внесен нов „играч„ – Исмаил Јајоски и „Пуцко Петрол„. Што веднаш значи дека веднаш нема никаква контрола во набавките и потрошувачката, поради „кооперативноста„ на Јајоски. Кој имаше „нкекави проблеми„ со Фамилијата пред извесно време, беше паднат во блага немилост. Ама успеал да се испазари и да купи нова милост. Што е супер погодно за Сузана Гавриловиќ па е „удрен акцент„ на набавките на гориво по отварањето на „рабушот„ кај Пуцко Петрол…

За сето ова погоре опишано, вработените се обиделе да се организираат синдикално и на тој начин да стават крај на јавашлакот во „Шутка„. Ама Гавриловиќ и Лазаревски „одговориле„ со покренување на работа на паралелна синдикална организација, со што успеале да направат поделби помеѓу вработените. Меѓу најнезадоволните и најгласните против Гавриловиќ, што е и логично, се 20 вработени против кои директорката за последните пет години има поднесено најразлични измислени кривични пријави кои редовно паѓаат во судска процедура. Ама поради нејзината заштита од Сашо Мијалков, за ова против неа не се покренува никаква постапка за утврдување одговорност.

Во обвинителството сепак има отворена кривична постапка против на за пет случаи на лажно пријавување на колеги, кои паднале на суд. Заедно со лажното пријавување, Гавриловиќ применила и разни облици на малтретиранје во вршење служба, ги клеветела лажно пријавените и ги подложила на мобинг. Лани летото по еден случај на бегство на притвореник при приведување на суд во Куманово, Гавриловиќ од работа избркала двајца нејзини колеги за кои самата лично утврдила дека се виновни. По кратка постапка.

На маса пак има случај на вработен кој од порано е избркан на сличен начин, добил судска пресуда да се врати на работа, второстепената комисија на Влада веќе пет пати и наложува на Гавриловиќ да го врати човекот на работа, ама таа не сака да чуе. Му порачала на оштетениот дека додека е таа газда на „Шутка„ по цена да биде сменета, тој веќе нема да стапне на работа. Од десетмина избркани од работа во последните пет години според нејзина слободна проценка, петмина напуштиле „доброволно„ по жесток мобинг и уцени од најдолен вид. Преостанатите 90 сеуште се држат некако. Во тек е подготовка на кривичен прогон на Гавриловска од страна на десетмина вработени во КПУ „Скопје„.

Во недостиг на понови фотографии од „Шутка„ поради силниот мониторинг на Гавриловска и Лазаревски, како и темелната потрага по мојот извор на објавите за случувањата внатре, погледајте ги фотографиите што ги снимив заедно со моите цимери во ноември 2006. Ни денес состојбите не се ништо подобрени, иако Владата и директорката на Управата за извршување санкции се фалат дека потрошиле десетици милиони евра за подобрување на условите во македонските затвори. Еве го линкот до таа галерија:

ФБ Линк – Нормално Отстранет

  • Kреирано на: 19.02.2013
  • Прегледано: 130.421

Коментари

Новитети :

Следете не :

Зачленете се за Новости


Headline

Never Miss A Story

Get our Weekly recap with the latest news, articles and resources.

Cookie policy
We use our own and third party cookies to allow us to understand how the site is used and to support our marketing campaigns.