Ова е сведоштво на инспектор од УБК, еден од неколку десетини неистомисленици, непослушници и неподобни за директорот Сашо Мијалков. Поминал низ специјален третман во импровизиран затвор сред психијатриската болница „Бардовци„. Еден е од оние кои работеле и сработале компликувани случаи на организиран криминал и тешки убиства кои Мијалков однапред ги одредил за нерешавање или решавање на сосема друг начин, по негов рецепт. Мојот соговорник поминал неколку месечен насилен психијатриски третман, на кој присилно е приведен и насилно лекуван од параноја и шизофренија, дијагнози какви немало со генерации во неговото семејство а не болувал ни тој.
Пишува: Зоран Буревесник Божиновски
Во продолжение читајте ја неговата исповед во Буревесник…
,,Почитувани сограѓани, додека вие седите во топлите домови со вашите семејства и си водите нормален и спокоен живот, одвреме навреме се препукувате за која политичка опција ќе се определите или нема да се определите, колку ви е тежок животот во оваа Македонија, мои седум колеги од УБК поминуваат низ пекол на своето тело и душа и не им се знае каква судбина ќе ги снајде и нив и нивните семејства. Поминуваат низ она низ што поминав јас, цели четири месеци. И како така, се спасив. Сашо Мијалков ме „излекува„ и му нареди на неговиот личен Доктор да ме пушти од затворот/болница „Бардовци„
Се изнагледавте апсења и сценарија како од некои акциони филмови во минатото скоро секој ден, ама ќе се сетите дека од пред година и нешто, некако како да стивнаа камерите со кои снимаа и правеа спектакли преку ТВ Сител. Но, не дека не се апси и не дека се има страв од меѓународната заедница туку причината е едноставна: демонстрацијата на страв го достигна максимумот и веќе не е потребно да се вклучуваат камери а и веќе нема место по притворите и затворите низ Македонија. Ги преполнија капацитетите. Старо-новата метода за превоспитување на неистомислениците на секој режим била доста успешна и секогаш ги замолчувала похрабрите и при тоа се уништувало сето негово човечко достоинство, семејство, поколение, а притоа околината, пријателите и пошироката фамилија си мислеле дека така треба – Господ така сакал.
Сакам да си знаете дека во денешна жална Македонија си има ГОЛИ ОТОК и маченици каков што бил покојниот Панко Брашнаров кој денес власта го велича и ги бара неговите коски некаде во туѓината.
Која иронија?! Жалиш човек кој не молчел пред еден режим, а притоа создаваш една цела армија негови наследници по мака. Во недостиг на креативност и достигнување на поголем ефект во обработката на жртвата, Сашо Мијалков создаде НОВ ЗАТВОР „ПСИХИЈАТРИСКА УСТАНОВА ЗА ДУШЕВНИ БОЛЕСТИ – БАРДОВЦИ„.
Во овој центар за лекување душевни болести од пред три години покрај тоа што лекуваат пациенти кои имаат потреба од ваква услуга, „лекуваат„ и „пациенти„ кои му згрешиле на актуелниот режим. Затворот „Бардовци„ му служи на Мијалков за негови приватни потреби, за „лекување неистомисленици и непослушници како мене„. Ова го знаат неколку новинари во Македонија. Имаат информации од медицинскиот персонал внатре (вработени со ССС), кај кои проработела совеста и едноставно дознале случајно за што се работи. Пробале да го истражат „Бардовци„ и да истражат што всушност се случува зад тие темни зандани и решетки, меѓутоа наишле на затворени врати од докторите кои уживаат големи привилегии од власта, заедно со нивните семејства. Тие што истражувале и пробале да ни помогнат на мене и моите колеги од МВР и особено УБК, брзо се замолчени. Како и новинарите со кои контактирале.
Сакам да ја информирам јавноста дека во „Бардовци„ по налог на Сашо Мијалков сум поминал четири месеци под присилен лекарски третман, под третман од доктори инструирани да ме испрашуваат и измачуваат, да дознаат со кого сум соработувал, што знам, што сум работел, што сум дознал, кој ми помагал, итн. Постојано насилно ми беше давана тешка терапија која се состои од силни медикаменти за успивање и лекови кои предизвикуваат халуцинации. Држен сум присилно во одделот каде што се најтешко заболените психички болни, добар дел психички тотално скршени и присилно полудени, доведени на ист начин и по иста процедура како што бев доведен и јас.
Сакам јавноста да знае дека јас како така се спасив, иако имам тешки последици од престојот во затворот „Бардовци„, а дека во овој момент внатре се затворени мои седум колеги од УБК. Сите до еден се внесени здрави и прави и додека ова го читате минуваат низ оној пекол низ кој поминував јас. Сите оние од Македонија кои нешто му згрешиле на Сашо Мијалков и присилно се доведени во затворот „Бардовци„ на приемно одделение ги чека неговиот личен Доктор, истиот оној кој Сашо Мијалков го лекувал во младоста, кога болувал од тешко психичко заболување. Го лекувал по барање на Татко му Јордан. Тој е истиот Доктор кој ги исчистил сите траги од лекувањето во младоста на Сашо Мијалков. Тој Доктор (името ќе го кажам кога ќе заврши оваа власт!) ги прима здравите „пациенти„ како мене, пишува дека болуваме од шизофренија или параноја или комбинација на двете и не „сместува„. Во почетокот на престојот внатре сме врзани со рацете на грбот, ни даваат лекарства по терапија пропишана од него и цел ден главно спиеме. Во моментите кога сме будни, ги вршат испитувањата.
За цело време трпев, а трпат и моите колеги исто, напади од тешки психички болни, кои уринираа над нас секогаш кога од некој од докторите тоа ќе им го наредеше. Комплетниот лекарски персонал му е послушен на Докторот и соработува со него, а за сето ова е запознат и согласен и директорот на болницата, кадар на ДУИ. Има внатре во затворот во „Бардовци„ и присилно приведени и Албанци, ама ни кон нив нема никаква милост. Никаква привилегија за нив не е што кадар на ДУИ раководи со болницата. Нема милост за никого. Инаку, претходно, пред да не приведат во „Бардовци„ најчесто сме пријавени (накодошени!) од роднина или некој пријател, на кои им било ветено работно место од Мијалков. Врз основа на пријава на некој таков, кој пријавува дека „несоодветно„ сме се однесувале, следува „сместување„ во „Бардовци„.
Повремено од Шутка или Идризово во затворот „Бардовци„ донесуваат затвореници, криминалци од ВМРО ДПМНЕ осудени по разни основи. Нив ги пуштаат кај нас „пациентите„ да не тепаат и сослушуваат, да се изживуваат со нас, а има и случаи на мои колеги врз кои бил извршен обид за силување, ама докторите во последен момент тоа го спречиле. Мислам дека сето тоа е инсценирано и застанува во момент кога жртвата ќе го преживее ужасот од сознанието дека ќе биде силувана. Тогаш докторите даваат знак да се застане. Од тие што доаѓаат да малтретираат во „Бардовци„ запаметив два лика, беа присутни на оние протести и контрапротести пред Собранието на 24. 12. 2012. и двајцата се појавија како контрапротестанти тоа предпладне, на страната на ВМРО ДПМНЕ. Тие доаѓаат редовно во „Бардовци„ да малтретираат и тепаат мои колеги. Еднаш доаѓаа и кога јас бев внатре, ме малтретираа и мене.
ЕДЕН ОД НИВ БЕШЕ НА ЧЕЛО ОД СПРОТИВНАТА СТРАНА, НАЈГЛАСНО ВИКАШЕ НАСПРОТИ БРАНКО ЦРВЕНКОВСКИ, НОСЕШЕ ДЕНТА ЗЛАТЕН ЛАНЕЦ ОКОЛУ ВРАТОТ, НИЗОК Е И ДЕБЕЛ. ВЕЛЕШАНЕЦ. ДРУГИОТ Е ОД СВЕТИ НИКОЛЕ.
Би ги препознал во маса од илјадници луѓе.
Освен нас, непослушните и неподобните од МВР и ДБК, по налог на Мијалков затвораат во „Бардовци„ и благајници, сметководители, пензионирани банкарски службеници кои во текот на работниот век имал пристап до доверливи информации од работење на банките и на големи македонски компании. Едноставно, затвораат и „третираат„ секаков профил луѓе за кои оценил Мијалков дека можат да бидат од корист за неговиот криминален систем, ама кога им била понудена соработка тоа го одбиле. Голи ОТОК во Бардовци е нeговото место за пресметка со сите како мене и моите колеги. Неговиот Доктор е командант на оваа тажна умоболна парада…
Целата вистина, со сите детали, со име и презиме на сите инволвирани во ова, ќе ги кажам кога Сашо Мијалков ќе замине од власт. Дотогаш сакам за ова само да се знае дека постои и се случува…,,
- Креирано на: 03.03.2013
- Прегледано: 147.002