logo
Search
Close this search box.

„Нормален ли си, брат!?„

Јохан Тарчуловски, денес хашки затвореник и за многумина македонски херој, го помина трнливиот пат од некогашното обично момче од Љубанци, случајно влетано во полиција со посредство на црквени кругови, до главна ѕвезда на ВМРО ДПМНЕ и главен предизборен адут, доколку Германија успее да им го ослободи предвремено на своите галеничиња во Скопје.

Потекнат од семејство кое мошне е посветено на православната црква, Јохан во време на конфликтот 2001. баш беше верски синхронизиран со тогашниот командат на безбедносните сили, претседателот Борис Трајковски, следбеник на протестанското учење кој не успеа во наметнувањето на оваа религија на македонските простори. Задача која им ветил дека ќе ја изврши на неговите американски ментори. Токму дел од Синодот на МПЦ на Борис Трајковски му го препорачува Јохан Тарчуловски како македонски син со капацитет и желба да работи во полиција и да му биде обезбедување, да му го чува грбот, оти наводно тоа му бил сон од дете. Сонот на Јохан се остварува во мандатот на Трајковски, станува негов човек од доверба, со најголеми можни привилегии.

Арно ама, сонот и идеалот на Јохан биле и некомпатибилни со неговата глад за живот, со искушенијата што му се нудат на еден млад, убав и згоден маж на годините на Јохан кога стапил на должност во МВР и кај Трајковски. Брзо станува јасно дека платата од МВР била недоволна да ги покрие трошоците на релативно луксузниот живот во кој сакал да ужива Тарчуловски. Брзо станало јасно дека Јохан имал апетити поголеми од можностите, брзо посакал освен куќа во Љубанци да има и стан во центарот на Скопје. Како и сите новодојдени големци од провинција. Прво во Центар, Водно, во најмала рака Капиштец. Јавна тајна е дека за реализација на тој план Јохан уште веднаш откако станува актуелен во македонската политика и безбедност, се поврзал со криминална банда од Скопје, мошне ефикасна во местење натпревари по скопските и европските обложувалници.

Јавна тајна е дека интензивно другарува со извесен Кујтим од Корнер, кој го внесува Јохана во овој „бизнис„. На ниво на градска урбана легенда е воздигната дружбата на Јохан и Кујтим, со уште неколку момчиња од екипата која постојано добивала. А како нема да добиваат кога резултатите однапред ги знаеле. Движењето низ тие спортски кругови, кои се испреплетуваат особено со ракометните на пратеникот Вања Бојков (исто долгогодишен мешетар по обложувалници!), инаку спортски директор на РК „Кометал Ѓорче Петров„, Јохан Тарчуловски го доведува до запознавање со ракометната репрезентативка Валентина Радуловиќ. Кратко време по запознавањето, се венчааваат со Радуловиќ, која на своето презиме го додава и презимето на Тарчуловски.

Денес кога нејзини блиски се сеќаваат на таа врска и тој брз брак, брзо и распаднат, велат дека Валентина била мирно и скромно девојче, кое едноставно паднало на лагите и шармот на овој згоден и моќен ерген од Скопските жешки улици. Непосредно по свадбата Валентина прави договор со еден австриски реномиран клуб и се сели во Австрија. За да биде бракот хармоничен,  Борис Трајковски го произведува Јохан во аташе при амбасадата во Виена, само да биде близу до сопругата. Но, нивните тешки караници и конфликти почнале веднаш по пристигнувањето на Јохан во Виена. Валентина не можела да ги издржи неговите постојани летови Австрија – Македонија еднаш неделно, во интерес на „бизнисот„ со обложувалниците кој не можел да го напушти никако, а не можела ниту да се помири со фактот дека знае со што се занимава Јохан, додека таа како спортист не сакал да соучествува во криминалните активности на нејзиниот сопруг.

Пробала да влијае на него и да го отргне од овој криминал, му ветувала дека ќе заработи доволно за нивната заедничка иднина, ама како да зборувала со некој тотално глув. По некое време, покрај психички почнал и физички да ја малтретира, да и се заканува постојано. Наместо да ужива во ракометната игра во Австрија, Валентина доживувала пекол, почнала да одсуствува од тренинзи на екипата за да ги сокрие модринките по телото. Дефинитивен крај меѓу нив претставува неговото барање да намести натпревар за да заработат пари. Му се заколнала веднаш дека тоа нема да го направи никогаш во својот живот. Сфаќа со кого има работа, со каков насилник е во брак, бега од него и исплашена за својата безбедност побарала помош од нејзиното семејство. Побарала спас од нејзините од Македонија, се плашела за својата безбедност.

Брзо по овие настани, Валентина успева да се спаси од Јохан, доаѓа до брз развод, му го одзема нејзиниот стан во Скопје и му блокира пристап до нејзините пари. Тарчуловски останува без пребиена пара. Па пак се впушта во нов црн „бизнис„. Им помага на криминалци кои чекаат помилување од Трајковски, им наплаќа за потписот на претседателот. Кој секако ќе бил ставен на нивните решенија за помилување, ама Јохан тоа им го претставувал како негов личен успех поради влијанието кое наводно го имал врз Трајковски. Преку овој „бизнис„ стекнува голем углед и авторитет во криминалните кругови. Углед на моќен и влијателен тип.

Во тој период почнува и конфликтот во Македонија. Од Трајковски дознава дека нема да биде тоа граѓанска војна туку обична режија за остварување на лукративни цели, дека ќе помине брзо, дека тој лично нема да биде инволвиран во оперативни акции и дека времето ќе му минува во личното обезбедување на Борис. Немало никакви разговори и планови Јохан Тарчуловски да се појавува на терен, на линии помеѓу безбедносните сили на РМ и терористите од ОНА. За цело време на конфликот 2001., Јохан Тарчуловски нема учество во ниту една оперативна акција ниту во Тетово, ниту во Куманово, ниту пак во Љубанци. Оди неколку пати чисто приватно да си ги посети неговите во родното село. За целото времетраење на конфликтот Јохан „храбро„ се бори по скопските кафеани, „окупира„ и „киднапира„ кафеански пеачки по Скопје и ги води на „информативни разговори„.

Воениот конфликт завршува со потпишување на Охридскиот рамковен договор, ВМРО ДПМНЕ на изборите во септември 2002. паѓа од власт а на Илинденска бб заседнуваат СДСМ, ЛДП и ДУИ (политичко крило на терористичката ОНА). Еден ден во канцелариите на МВР кај тогашниот Министер за внатрешни работи Хари Костов доаѓа претставник од Хаг, да изврши распит на припадници на безбедносните сили на РМ, меѓу кои бил и Јохан Тарчуловски, Никој поим немал како неговото име се нашло на списокот осомничени, ама од хашките истражители бил повикан и тој. На тој состанок присуствувале и високи старешини од полицијата, меѓу кои и еден од актуелните генерали Зоран Јовановски. Јохан немал претстава зошто бил повикан од секретарката на министерот Костов да дојде веднаш кај министерот, без некаква претходна најава.

Занесен од славата и популарноста по Скопје, како и од тоа дека Америка стои зад него и особено Борис Трајковски, Јохан влегол кај министерот, седнал на место резервирано за него и го сослушал Костов кој му ги претставил гостите и му рекол дека тие ќе му кажат зошто е повикан. Мислел дека се оние странци од редот на пријатели на Борис Трајковски, па кога претставничката од Хаг го прашала; „дали вие убивавте цивили Албанци во село Љуботен тој и тој ден и под чија наредба?„ Тој храбро одговорил: „ДА, УБИВАВ ШИПТАРИ, заедно со моите пријатели од агенцијата за обезбедување Комета, се боревме онака како што ни беше наредено од вас!„. Генералот Јовановски веднаш сфатил дека Јохан не разбрал со кого има работа, пробал да му помогне и го удирал по коленото под маса, му шепкал да не прави глупости, дека се снима! И Хари Костов му давал знаци знаци и сигнали со очи, да прикочи! Ама било попусто. Бил во погрешен филм и успеал да се самозакопа.

По овој драматичен ама и неартикулиран настап, мислејќи дека на разговорот со странците се покажал како херој, продолжил да се фали по Скопје како им го „плеснал у фаца„. За разлика од него, неговите пријатели од Комета сфатиле што направил и што се подготвува, па испаничени го повикале и го прашале: „Добро бе брат, нормален ли си? За какво убивање збориш? Имаме фамилии, сакаш ли да не местиш? За ич ништо?„ Откако завршила нивната жолчна расправа му соопштиле дека завршиле со него, да ја заборави Комета, му се заканиле дека ќе се пресметаат со него ако продолжи да ги инволвира ни криви ни должни и му свртеле грб.

Во меѓувреме претставничката од Хаг го повикала да сведочи и Зоран Кесковски Кецко, шеф на обезбедувањето на Борис Трајковски, ама од него на сосема нормален и културен начин ја дознала вистината: „Наша задача беше само да го обезбедуваме претседателот Трајковски, никој од нас не бил на бојно поле, немавме ни опрема за тоа!„ За разлика од самопромовиранот херој Јохан, Кесковски немал никакви последици подоцна. Епилогот ви е познат. Љубе Бошковски како командно одговорен и како министер за внатрешни работи во време на случувањата во селото Љуботен, заврши во притвор во Хаг, заедно со него замина и Јохан Тарчуловски, како воен злосторник по сопствено признание. Беше суден и осуден врз основа на сопственото признание дека убивал цивили во Љуботен. Подоцна кога почнува процесот против него во Хаг, бива убеден дека погрешил, од неговите адвокати бил освестен дека во тоа треба да го убеди и судот во Хаг и да се брани со вистината, дека не убивал никакви цивили никаде. Ама било предоцна.

Уште подоцна, кога тоа на ВМРО ДПМНЕ му е потребно, Љубе Бошкоски бива ослободен и се враќа како херој во Македонија за да одигра улога на спотер кој го билда паднатиот рејтинг на оваа криминална партија. Го употребуваат и го фрлаат прво на маргина, а кога протестира и се освестува, кога сака и да им врати мило за драго, го притвораат и затвораат, континуирано смислувајќи му нови и нови криминални дела, само непријатниот сведок Љубе да се задржи што подолго во Идризово.

Следниот спотер е Јохан Тарчуловски. Како и во случајот со Љубе Бошкоски и сега пред избори на Никола Груевски му треба Јохан на скопскиот аеродром неколку дена пред гласање на локалните избори или макар пред вториот круг, како херој зад чија долгогодишна голгота ќе бидат скриени сите недела на владејачката партија. Убедени се дека од долетувањето на херојот Јохан на „Александар Велики„ гласачите ќе умрат од радост и дека масовно ќе гласаат за ВМРО ДПМНЕ, партија која никогаш не го оставила сам Јохана. Освен додека лежи в ќелија. Би лежеле и тие со него, ама мораат да остваруваат.

Прашање е која е концесијата која ВМРО ДПМНЕ ќе мора да ја даде кон ЕУ и Германија, ако Јохан дојде во Македонија на точно нарачан предизборен ден!? На краток рок, ова македонско про-германска Влада мора да смисли нов трик за опстојување на подолг рок од сегашниот екстремно краток. Оти, на граѓаните им е преку глава од лаги и ветувања. Спектакл со пречек на Јохан Тарчуловски може ама и не мора да биде добра причина за егзалтација на македонските граѓани, особено на националистите чии емоции Груевски деновиве ги разбуди по митинзи низ западниот дел од Македонија.

Авантурата со пречекот на харизматичниот Љубе Бошкоски мошне скапо го чини ВМРО ДПМНЕ, неговото затворање донесе многу негативен набој и одиум во јавноста, а многу готовина беше потрошена и за купување на негови најблиски соработници т. е. за нивно замолчување. Јохан Тарчуловски во тој поглед е многу понезгоден играч од Љубе Бошкоски, неопитен во политиката и неартикулиран во својот настап. Ама и силно гладен за слава, самопромоција и многу кеш пари. Сите тие апетити на Јохан ќе мораат да бидат задоволени уште ист момент ако Никола Груевски сака да го слика како предизборен трофеј кој се смее во корист на ВМРО ДПМНЕ и не отвара уста, се разбира.

Јавна тајна е дека Љубе Бошкоски и Јохан Тарчуловски можеа да си дојдат дома во ист ден, со истиот лет од Хаг. Ама на ВМРО ДПМНЕ не му требаше трошење на два џокера во ист момент. Пробаа прво со Љубе, а Јохан остана резерва. Еве го вадат сега и заигруваат со него и неговото проверливо и доста сомнително херојство. Затоа што нема жив сведок кој ќе раскаже барем една воена авантура, една случка од воениот конфликт 2001., една анегдота со херојот Јохан Тарчуловски, „борец за слобода и самостојна Македонија„. Проектот „Враќање на Јохан„ има и една своја хумористична епизода која преминува во гротеска. Прочуената бивша кафеанска пеачка, верна сопруга на Јохан, Соња Тарчуловска, доживеа за време на неговото судење во Хаг и издржување на казната да лета со авион. И не само тоа. Со микрофон в раце, денес е убедена од полтрони од ВМРО ДПМНЕ дека е рамна барем на една Цеца Ражњатовиќ, дека е на најдобар пат да ја игра главната улога во филмот за – МАКЕДОНСКАТА ЦЕЦА И АРКАН! Ова затоа што е општо познато дека животен сон на Соња бил да се слика со Цеца и сликата да ја гледа се додека не дојде ден да стане пеачка од ранг на Цеца, ако не и поголема од неа!?

Таква амбиција не можел да следи, да покрие и да оствари ниту прочуениот газда Велче од „Велчево меанче„, некогашниот нејзин „дечко за озбиљно„ кој и покрај сите желби и напори не стигнал да се разведе и да и се посвети на македонската Цеца. Успеал само да и плаќа кирија во Маџари подолго време, да и купува гардероба, да финансира песни, ама во меѓувреме банкротирал и изгубил здив во следење на нејзината кариера. Соња потоа од „Велчево меанче„ прави судбоносен трансфер кај Зеко во „Деспина„, каде доаѓаат да се забавуваат најжестоките момци од безбедносните сили од МВР, бранители на Македонија. Надалеку се прочуени целоноќните народњачки забави до мугрите кога овие ВМРО ДПМНЕ бранители и ослободители, качени на маса, мртви пијани и егзалтирани до бесвест, со пеење патриотски песни редовно го победувале УЧК.

Ѕвезда на тие забави била патриотката Соња Тарчуловска, задолжена за кревање на адреналинот. Не и било тешко да го клекне на колена нејзиниот иден и денешен принц, Јохан Тарчуловски, редовен посетител на ноќно дневниот патриотски клуб „Деспина„. Во „Деспина„ само било обновено и продлабочено познанството на Соња и Јохан, кое датира од неговата прва свадба кога му пеела, ангажирана како подарок од неговите колеги. Нивната љубов е љубов на втор поглед. Првиот пат пеела и гледала да испее како треба, а Јохан гледал во невестата Валентина.

Плод на нивната распламтена љубов е првото дете, Соња на својата околина и докажува и покажува дека умее да опстане и да се етаблира покрај Јохан. Брзо од село се сели во град да бидат заедно, а скапиот живот во Скопје и луксузот Јохан го покрива со својот стар „бизнис„, местење натпревари. Набрзо доаѓа и неговата хашка голгота, за која денес се верува дека е дел од неговиот очајнички обид да заслужи некаква награда ако испадне херој кој се жртвувал. Дури во Хаг сфаќа дека се изглупирал. По неговото заминување во Хаг, на Соња и помагаат неговите должници, другари криминалци со тешки досиеја кои успеал да ги „помилува„ преку неговиот екс шеф Борис Трајковски.

Кога доаѓа на власт ВМРО ДПМНЕ во програмата 100 чекори е и проектот „Љубе-Јохан„. Веднаш ја „спасуваат„ Соња со вработување во Владата на РМ, и доделуваат стан. Конечно и Јохан преку неа доаѓа до државен стан, по многу години мачење. Полека ја навлекуваат на „филмот„ ЦЕЦА АРКАН, во кој таа веднаш влегува без никаков проблем, снима спотови „а ла Цеца„, ја носат во Белград кај Цеца на гости за да ја фасцинираат. Се е кампања! Бидејќи Соња влече една гласачка машинерија која верува во нејзината трубо фолк харизма комбинирана со излижан од употреба патриотизам. Соња соучествува во оваа политичко порнографска рашомонијада, раскажувајќи топли прикаски за Јохан од Хаг и нејзината близина со власта која несебично им помага. Логично е дека Соња Тарчуловска нема умствен капацитет за да сфати и разбере во какви раце е падната и дека цената што допрва ќе ја платат ќе биде многу поскапа од привилегиите. Штета што нема време, инаку може да ја праша Виолета Бошкоска како си поминала со другарите на Љубе.

Што се однесува до мене, сакам на Јохан Тарчуловски да му посакам добредојде дома со овој текст и да му отворам очи, да го упатам на примерот на хрватскиот генерал Анте Готовина кој ги одби апсолутно сите пристојни и непристојни понуди на оние кои му ги понудија нивните добри услуги, во име на хрватскиот народ и на негова сметка згора. Јохан Тарчуловски ќе испадне најголемата будала на овој свет, ако и покрај примерот на Готовина и особено Љубе Бошкоски, влезе во политичка игра со ВМРО ДПМНЕ. Доколку сепак тоа го направи, ќе биде употребен на овие и максимално на следните избори, по што ќе следува истресување од земја и приклучување на Достоинство и Стојанче Ангелов, доколку имаат добра волја да го примат.

  • Креирано на: 18.03.2013
  • Прегледано: 214.103

Коментари

Новитети :

Следете не :

Зачленете се за Новости


Headline

Never Miss A Story

Get our Weekly recap with the latest news, articles and resources.

Cookie policy
We use our own and third party cookies to allow us to understand how the site is used and to support our marketing campaigns.