Лилјана Механџиска, писмо

Алчниот криминалец Благоја Механџиски, своето недело и безобразлук ги покрива со лажна хуманост, одглумена добрина и мит за успешен бизнисмен кој почива на криминал и корупција. Неговиот лик и недело, засилен од неговите други две родени сестри кои ги има под контрола, најдобро низ отворено писмо до јавноста го разобличува неговата родена сестра Лилјана Механџиска. Измачена, измалтретирана, понижена, навредена и поразена од Благоја, двете други сестри и послушната правосудна машинерија која на Лилјана не и дозволува пристап до законски наследен имот од нејзините покојни родители, таа реши својата интима да ја изнесе пред јавноста…

,,Почитуван Зоране, деновиве од моите деца сум информирана дека Вие сте автор на текст на интернет портал во кој во кој пишувате за ликот и делата на мојот роден брат Благој Механџиски, наречен Зегин по неговата фирма ,,Веледрогерија Зегин,, во Скопје. Во текстот (ГО ИМАТЕ СОСЕМА ДОЛУ ПОД ОВОЈ ТЕКСТ!) се споменува и моето име меѓу другите имиња со чии судбини и животи се поигрува или им ги тотално руинира, при тоа користејќи се со сервилноста на државните чиновници подложни на поткуп и друг вид корупција. Не сум го прочитала текстот, но како и да е Ви благодарам што сте одвоиле време и третирале човечка судбина со која се поигрува исфрустриран човек, особено близок по род. Во години сум и несвојствено ми е мојот приватен живот да го ставам на тацна за мезе пред јавноста, но длабоко верувајќи дека од судбината не се бега еве се одлучив да Ви се обратам и дадам изворни и автентични детали како и на кој начин, до колку и до кои крајности е спремен мојот брат да оди во пресметката со мене, а заради тоа што се осмелив званично да се обратам пред институциите и да побарам дел од оставината утврдена по смртта на нашите родители. Само заради тоа повеќе од девет години се наоѓам на ветрометина, шибана од простачкиот однос на глутница државни измеќари, корумпирани до коска, поданици на некрунисани кралеви на криминалот.

Девет години тапкам во место со оставинската постапка која во нормални држави се решава по брза постапка. Позади оваа организирана стапица стои никој друг туку мојот брат и двете сестри кои одбија заеднички да ја поведеме и во мир да го поделиме како законот што налага, оставеното од нашите родителите. Не, тие ме оставија сама да го почнам и водам овој процес, при тоа ставајќи ми сопки. Од една од сестрите бев предупредена дека нема да ми се исплати водењето на ова постапка зошто познавајќи го брат ни, сестрата ми најави дека на крајот ќе бидам секако во зијан, во однос на трошоци во постапката, административни тормозења и опструкции до бескрај. На Мара и поверував, познавајќи го сопствениот брат, но дека ова ќе трае толку долго и дека ќе бидам финансиски исцрпена и здравствено руинирана и дека по деветгодишна голгота нема да се гледа крајот и некаква завршница – не верував.

Она што се случуваше и во чија режија и налог, не е тешко да се погоди. Во покренување на оставинската постапка единствено каде не наидов на проблем беше вадењето на смртовници за починатите родители, кои ги извадив во нивното место на раѓање и затоа имам голема благодарност до чиновникот во матичната служба во с. Русиново. Првата опструкција ја доживеав во Агенцијата за катастар на недвижности во Берово, каде при вадење на имотни листови на име на покојниците, ми дадоа имотен лист на име на мојата мајка Викторија Механџиска, но податоците во делот со што располага во листот намерно беа од друго лице, поточно од имотната состојба на ќерката на мојот брат Благој, Викторија Механџиска. На овој начин сакаа да прикажат дека на име на мајка ми се води минимален имот, за кој не се исплати да се прифати наследување а камоли да се води долгорочна и макотрпна постапка. По упорна моја интервенција и убедување дека го знам до педа имотот кој го поседувала мајка ми, го натерав чиновникот да ја преиспита состојбата за на крајот да признае и утврди дека се работи за замена на идентитети, па ми издаде имотен лист на име на мајка ми.

Следно место каде беше направен обид да ми се даде погрешна претстава за обемот и имотот за наследување е приватното катастарско биро во Берово, од каде ми беше изработен елаборат во кој намерно беше пропуштено да се евидентира куќа изградена на плац во сопственост на родителите, а која требаше да се легализира и нормално да си има и своја вредност. И овде на мое инсистирање накнадно беше вметнат објектот, но и за ова беше потрошено додатно време и пари. Морав да патувам, не живеам во Берово, а тие мораа зад мој грб да го консултираат Благоја Мехаџиски, без кого ни црта не смееше никој да повлече. Понатамошниот тек на постапката налагаше од сите прогласени наследници да се даде оставинска изјава. Со ред, како мојот брат така и останатите две сестри кои се на негова страна цело време, упорно одбиваа да се појават и дадат изјава или пак да ополномоштат нивни застапник во нивно име тоа да го направи. Таа нивна свесна и договорена опструкција ме чинеше потрошено време, нерви и пари и нецели 5 години. Конечно, по комплетирањето на оставинските изјави следуваеше донесување на решение за наследување, во кое на секој од наследниците му се утврдува процентуално учество во оставинската маса. Сестрите и Благоја, на негов наговор упорно ги опструираа моите напори за брзо и ефикасно завршување на постапката која ја водев, беа единствени во чинот меѓу себе да си договорат подарок од наследството, а само јас да не го добијам својот дел. Тука се појави потреба од плаќање на данок на промет за подарок на имот. Сестрите му ги подарија своите делови на Благоја. Но, тоа беше и нивна нова шанса за повторна опструкција. Утврдениот износ на таа трансакција од страна на бирото за имотно правни работи во Берово, кој требаше да го плати примателот на подареното Благој Механџиски беше околу 20. 000 денари, но тој одби да го плати. Редовно низ целиот негов живот како бизнисмен не плаќа или сокрива данок, алергичен е на тоа. Па не сакаше ни ова да го плати.

Бидејќи се работеше за приход на општината, за чие прибирање во општинската каса службено се грижат општинските служби, нејасно беше однесувањето на градоначалникот на Берово да не се потруди да ги искористи инструментите за присилна наплата, туку донесоа одлука повторно да ја блокираат финализацијата на оставинската постапка, што беше и порака и своевиден притисок до мене: јас да го платам данокот во име на брат ми Благоја, а за враќање на тие пари после да чекам и да верувам дека ќе се случи чудо. Апсолутно не очекував Благоја доброволно да си го плати данокот. По неколку месеци чекање се одлучив јас да платам наместо него и да ја одблокирам постапката после што и беа донесени потребните оставински решенија. За плаќањето на данокот во негово име, Благоја го известив писмено и му ја објаснив причината дека тоа го правам единствено да се деблокира водење на постапката. Побарав човечки да постапи и да ми ги врати парите, бидејќи за разлика од другите две сестри не стојам финансиски добро па да му дадам поклон во тој износ. Бидејќи игнорираше се што ќе му напишев или судски ќе побарав, напишав и барање за судска разрешница. На моето тужбено барање, ОСНОВНИОТ СУД 2 СКОПЈЕ донесе Пресуда бр. IV. МЛБП – 1197/2012, го уважија барањето и досудија Благоја Механџиски да ме обештети во висина на главниот долг и да плати камата со трошоци во постапките. Но ако сметав дека имам постигнато некаков напредок и надеж дека сепак постои правда, Апелација Скопје ме тушираше и сурово ме отрезни. Жалбата од Благоја на пресудата, со наводи како некој се осмелил да плати во негово име негова даночна обврска, повисокиот суд му ја усвои. Судијката ЛИДИЈА МАРТИНОВА имаше целосно разбирање за маката на Механџиски, па експресно го врати предметот кај судијката НАДА МИЛЧОВСКА. И напиша на Милчовска препорака да пробуричка низ моето тужбено барање, да побара и да пронајде решителни факти со кои ќе го оспори моето тужбено барање и ќе донесе нова пресуда во корист на сиромавиот Благоја Механџиски. Судијката НАДА МИЛЧОВСКА ревносно се нафати и ги следеше инструкциите на судијката МАРТИНОВА, па без срам и перде проголта се што напишала во првата пресуда, па вака просветлена без промена на фактите донесе нова пресуда ама со спротивна одлука. Ми го отфрли тужбеното барање како неосновано, ме направи нездрава што плаќам данок на еден од најбогатите македонски граѓани, сосема доброволно и без логика. Судијката ЛИДИЈА МАРТИНОВА ја злоупотреби својата положба и од позиција на судија на повисок суд уништи поголем дел од нејзиниот минат труд и судијски кредибилитет. Ја понижи и судијката МИЛЧОВСКА, само да му удоволи на Механџиски. Со оваа одлука го частеа Благоја за парите што ги уплатив за данок на подарок на имот. Што ја натера судијката ЛИДИЈА МАРТИНОВА на овој чин, да си ја понижи својата ценета положба и професијата да си ја стави на коцка, не е тешко да се погоди.

Но каде сум јас во ова игранка? Со мојот добронамерен чин да влијаам на забрзување на постапката, нешто што е заеднички интерес на сите наследници, влетав во расипана игра на една коруптивна организација на државно ниво, каде богатите и криминалците со помош на сервилни државни служби го водат колото. За утеха, ако уживаат во ова што ми го приредија, сите оние кои учествуваа во оваа административно судска фарса, ги известувам дека мојата наивност да го платам долгот на брат ми и шетањето натаму наваму низ судовите вкупно ме чинеше околу 1.800 евра. Тука морам да и признаам на сестра ми Мара Иванова ех МЕХАНЏИСКА, дека имала право кога ми советуваше да не се закачам со луѓе како брат ми. Сигурна сум дека Мара денес ужива во својата видовитост и во својата морбидна прогноза.

Но, Благоја не застана тука. Преостануваа завршните удари. Зегин тоа го направи преку ревносниот егзекутор, извршителот Хоџиќ од Скопје. Врските на неговиот налогодавец му овозможија на извршителот да оствари приоритет во извршувањето, па така експресно ми ја блокираше мојата трансакциска сметка за додатен износ од 3.600 денари месечно, иако веќе имав одбитоци во износ од 1/3 од пензијата. Никого од институциите не го интересираше што Механџиски и Хоџиќ остварија незаконска намера да ми се сопира од пензија преку законски дозволеното. Но, дека се работи за комплетна сервилност кон Механџиски, на сите институции со кои се судрив водејќи ја постапката, покажува и фактот дека иако во неколку наврати е донесена забрана за користење, продажба или изнајмување на имотот кој е предмет на поделба, Механџиски игнорираше се и имотот скоро петнаесет години насилно го изнајмува и нема сила која ќе го спречи во тоа и ќе му застане на пат.

Ангажираниот извршител од моја страна, Орцо Гоцевски од Делчево, наместо да ја заврши работата за која го ангажирав, реши да ја промени страната и да работи за Благоја. Сето она што жителите на Берово го гледаа, Гоцевски не го гледаше, дури се обиде и мене да ме убеди дека во куќата од нашите покојни родители не живее никој повеќе десетици години. Да не е трагично би било урнебесно смешно. Срамен чин до бесвест. Благоја уште пред смртта на родителите внесе кираџии во куќата. Тие во континуитет живеат таму. Немам пристап во куќата во која сум родена, на адреса која ми е во личната карта. На крај се обидов и да побарам помош од полициската станица во Берово, а единствено да ми помогнат официјално да го идентификуваме лицето кое живее таму, да добиеме одговор на прашањето кој го вдомил таму и под кои услови. На полицајците им кажав дека сум со место на живеење Берово, токму на адресата која е предмет на узурпирање и дека заради узурпаторите не можам да влезам, а фактички сум и званично со документ сопственик на една четвртина од целокупниот имот кој долги години бесправно го користи страно лице. Од друга страна, ова ќе ми помогнеше и пред управата за јавни приходи кои редовно ми книжат радио дифузна такса на ова адреса и ми ја блокират сметката, за што ме излагаат на бесмислени трошоци. Ништо повеќе, едноставно моето барање требаше да се сфати како пријава на граѓанин дека некој натрапник му влегол во домот и се обраќа до полиција. Но кога е во прашање Благоја Механџиски Зегин, сите работи добиваат друга димензија. Полицајците препознаа потреба од започнување на правна разврска против лицето кое го узурпира имотот, без да го идентификуват и запрашат дали е пријавен на таа адреса и кој му дал согласност тука да живее или кој со него направил договор за закуп. Едноставно се огласија за ненадлежни по моето барање. Да биде трагедијата поголема, на моја претставка до Комисија за внатрешна контрола и стандарди на постапување Скопје, МВР ја потврди нивната ненадлежност. Што да се каже повеќе?

Но дали овде е крајот!? Секако дека не е. Постапката за физичка делба поднесена како предлог за начин на уредување на користење градежно земјиште на 04. 04. 2012 год., по тригодишно влечење по ходниците на Основниот суд Берово, соочени со бројни одлагања, ефтини финти на неговиот адвокат Апостолов Жарко, при што бев изложена на енормни трошоци за патувања на закажани но неоддржани рочишта, судијката Данка Бубевска, на последното рочиште на 17. 06. 2014 год, донесе Решение ВПП1-30/12: предлогот го одбива како НЕОСНОВАН. Браво за судијката Бубевска Данка. Како на рингишпил ме врти повеќе години. Ако е нешто неосновано во оваа игранка, тоа е нејзината одлука после тригодишно малтретирање да се преиспита и донесе одлука, која според суштината требало да ја донесе уште на првото рочиште. Кои беа тие решителни факти што три години не ги гледаше судијката Данка Бубевска. И како одеднаш по три години се просветли и прогледа, а можеше уште три години да ги бара. Но, така играат сите послушници. Носат одлуки кога ќе им се каже.

За крај, по се што ми се случува, од овие продадени души и безрбетници, ми остана убедувањето дека сум губитник, дека е направен дил и се е договорено во овие болни умови уште на самиот старт кога се одлучив да барам правдина, која за мене веќе премина во мислена именка. Брат ми Благоја Механџиски све смислил и режирал на почеток. Да ме казни што не му го подарив и јас мојот дел, како другите две сестри што му го подарија своето. Правдина нема, ми остана да се молам и да се надевам на Божјата помош и правда. Кога тогаш да им пресуди на сите беззаконици учесници во ова журка на моја сметка, во грабеж од чии последици трпам и плаќам една деценија. Г. Божиновски ако во ова мое писание препознаете неправда нанесена со таква жестина, препознајте го и мојот револт, лутина и болка причинета од блиски по род. Баталете ги судиите и полицајците. Помогнете ми особено во разобличувањето на фамата дека е безусловна љубовта меѓу брат и сестра, дека таа љубов има универзална вредност и димензии. Јас такво нешто не препознав во мојот живот. Молам ако ставате наслов на ова писание по можност крстете го: МЕХАНЏИСКИ ПРОТИВ МЕХАНЏИСКА.,,

Искрено, Лилјана Механџиска

Коментари

Новитети :

Следете не :

Зачленете се за Новости


Headline

Never Miss A Story

Get our Weekly recap with the latest news, articles and resources.

Cookie policy
We use our own and third party cookies to allow us to understand how the site is used and to support our marketing campaigns.